Ниту едно смртно суштество на овој свет не може живо да застане пред Бесмртниот Бог, а притоа да не се растопи или исчезне од неапсорбливата Негова Божествена Слава;
„Бога никој никогаш не Го видел; Единородниот Син, кој е во крилото на Отецот - Он Го објави" (Јн. 1, 18).
Кој смртен човек може да погледне во Божјото Лице а остане жив? Може ли некој прецизно да одреди колку е силна светлината на сонцето, колкава е големината на ѕвезденото небо, од каде доаѓа разбеснетоста на океанските бури, колкава е јачината на ветровите и временските непогоди или пак колкава е величественоста на планините? А сето тоа се божји созданија кои се ограничени од својата милнивост. Тогаш има ли граница, односно може ли некој да ја измери или детерминира неограничената и неизмерлива Божествена Сила и Слава? Никој - вели Св. Ап. Јован. Зашто страшнотаинствено е да се види самиот ангелски лик, а камо ли Божјиот Лик. Па тогаш како Бог како предвечсн промислител и создател на се им се покажувал на своите чеда - луѓето за да им покаже и докаже дека се грижи за нив, а тие без него дека не можат? На разни форми разбирливи на човековата можност за спознавање.
Меѓутоа Он како преблаг, предобар и многумилостив не не оставил нас луѓето сами на себе да се снаоѓаме во овој несовршен свет како знаеме и умееме, но постојано ни се дава и ни става на знаење дека, во нашите животи секогаш можеме и треба да се потпиреме и надеваме на Него, зашто Тој едноставно е насекаде околу нас. Токму поради тоа постојано не гледа и следи според својата непроменлива Божествена промисла, во однос на нашето богоуподобување во Него, т. е. дали напредуваме, отстапуваме или стоиме во место. Освен Бог, лично нас не набљудуваат и безбројните ангелски и светителски сили, надевајќи се во Славата Божја дека и ние ќе го прифатиме и следиме нивниот пат. Водена и осветена од Духот Божји целата Света (Православна) Црква на земјата, страшнотаинствената и милосна вистина за Божествената секадеприсутност им ја претставува на своите верници во божји храмови, преку иконите, фрески и останатите свети твари.
Токму поради тоа, за нас христијаните, но и за сето останато човештво неопислива е и неискажлива таа Божествена секадеприсутност. „Зашто, каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посреде нив" (Мт. 18, 20). Он беше присутен пред Адам во рајот, со Ное во коработ, пред Мојсеј на планината, со Аврам пред жртвеникот, преку Христос меѓу Израилот и со Апостолите помеѓу сите луѓе низ целата земја и вселена. За нас кои сме ограничени од времето и просторот, понекогаш можеби и несватливо е сето тоа, но притоа да не заборавиме дека човечкиот ум и разум најчесто размислува рационално (а таа рационалност не може во себе да го восприеми Бога) и секогаш да имаме предвид дака за Него секогаш се е можно, токму затоа што Он е вистински БОГ!
Бидејќи како Бог нам христијаните ни покажа пат како да се избавимеод смртта, портите на пеколот и канџите на ѓаволот, дарувајќи ни можност за спасение и живот вечен, овој пат свесни за неговата Божествена и страшнотаинствена секадеприсутност, се поздравуваме со братскиот поздрав:
ХРИСТОС ПОМЕЃУ НАС - Е И ЌЕ БИДЕ!
М-р И. О.
Посети:{moshits}