Во четвртата недела од Великиот пост, нашата света Црква го прославува светиот Јован Лествичник. Неговиот спомен, исто така, се празнува и на 30 март.
Свети Јован Лествичник беше монах, отшелник, а потоа игумен на светиот Синајски Манастир.
Во својата исклучителна книга »Небесна лествица« ги опишува монашките добродетели и пороци, монашкиот живот и природата на потполното бестрастие, кое се смета за идеал за совршен живот на секој Христијанин. Тоа е спис составен од 30 поуки, колку што е потребно години да живее човекот за да стане зрел, така и на монахот му е потребно да помине триесет скалила за да го достигне совршенството. Идејата на »Лествица«-та, таквиот степенет раст во духовното совршенство е земена од познатото старозаветно видение на праотецот Јаков (1. Мој. 28:12). Символички, Јакововата лествица, која стои на земјата, а со врвот го допира Небото, по која ангели се качуваат и слегуваат, и на чиј врв се наоѓа Господ, треба да го означува човековиот пат кон висините на божественото совршенство, врска помеѓу небото и земјата, пат на кој на човекот му сопатешествуваат ангелите Божји и кој има сосема одредена цел: Самиот Господ Бог.
Од предговорот на »Лествица«
Човекот кој навистина го љуби Бога и навистина го бара идното Царство, човек кој навистина пати заради своите гревови и кого навистина го исполниле мисли за маката и вечниот суд, човекот кој сериозно стравува при помисла на својата смрт – повеќе не е во состојба да се грижи за имотот, парите или славата од овој свет, за родителите, пријателите, браќата, ниту за било што земско. Престанувајќи сосема да се грижи за тоа, мразејќи ја секоја помисла на тоа, па дури и сопственото тело, слободен од сето тоа, безгрижен, достоинствено оди по Христа и секогаш гледа во небото, очекувајќи од таму помош...
Свети Јован Лествичник