Јагна Погачник, една од најугледните современи хрватски книжевни критичарки, во загрепскиот дневен весник "Јутарњи лист" деновиве се појави со осврт кон македонскиот роман "Дваесет и првиот" од Томислав Османли, кој беше промовиран во септември, а се појави во издание на загрепската издавачка куќа "Сандорф". Авторката на текстот во "Јутарњи лист", едновремено е и уредничка на посебна, строго селектирана прозна едиција на книгоиздателството "Алгоритам", една од двете најголеми издавачки куќи во Хрватска.
Погачник вели дека романот на Османли, со својата сложена структура го фаќа духот и ритамот на времето, но и предупредува на вечната и голема тема на преплетувањето на временските и просторните координати. Откако ќе отслика еден фабуларен тек на романот, Погачник ќе напише: "Иако склон кон излети во фантазмагоричното, па и кон симулирањето на виртуелниот свет, Османли, всушност, пишува за македонската историја и современост и, слој по слој, ги открива особеностите на македонскиот/балканскиот идентитет".
Заклучувајќи го својот не голем, но густо испишан текст, литературната критичарката вели оти Османли пишува елегантно и мистично, по малку интелектуалистички, но сето тоа не пречи за вистинско читателско уживање.
Османли, во Загреб учествуваше на книжевната манифестација "Сандорфова авантура", во рамки на штотуку завршениот Саем на книга и, како што самиот вели, по овие медиумски активности, романот "Дваесет и првиот" во Хрватска се продава уште поуспешно.
Извор: Вест