ИНТЕРВЈУ: АКАДЕМИК ГЕОРГИ СТАРДЕЛОВ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА МАНУ
Во првото интервју, по официјалното стапување на функцијата Претседател на МАНУ, академик Георги Старделов вели дека Македонија е земја околу која во светот има контрадикторна слика, а потенцира и дека кај нас речиси и да не постои културна, а особено научна институција, која не се жали поради својата бедна материјална положба
Во Вашата прва изјава, по избирањето за претседател на МАНУ, рековте дека Вашата основна определба во извршувањето на оваа функција ќе биде одржување на континуитет, но и внесување на промени. Што точно ќе преземете? Кои се првите покрупни зафати и идеи што ќе ги дадете?
- Веќе се одржа првата седница на Извршниот одбор на МАНУ на која формиравме работна група што ќе ја раководи потпретседателот акад. Владо Камбовски. Таа има задача да ги формулира и образложи новите иницијативи за потемелни промени во Статутот на Академијата. Новина е што предвидуваме почести работни и дебатни собранија на кои ќе се отворат стратешките прашања за дејствувањето на МАНУ во македонското општество. Првото такво Собрание очекуваме да се одржи на крајот на јануари или на почетокот на февруари. Сите евентуални нови идеи ќе бидат верифицирани на Годишното собрание на Академијата на крајот на март. За нивното прифаќање ќе се дискутира на следното Годишно собрание по што промените ќе стапат на сила. Тогаш ќе се запознаете со нив.
Велите и дека ќе понудите решение за некои клучни прашања во нашата држава. Кои се тие?
- Станува, всушност, збор за два различни методолошки пристапа кон стварноста кога се зборува за "понудените решенија" - научниот, кој се базира врз научните методи и политичкиот, во чие средиште е прагматичната логика на управување со државничките работи и нивното унапредување. Во таа смисла науката не треба да нуди прагматички краткосрочни и ежедневни решенија. Науката е преокупирана со базичните стратешки прашања во кои се витлее општеството, на пример, во економијата, здравството, културата, политиката, историјата, лингвистиката итн. Ние се залагаме политиката да ги вгради во менувањето на стварноста дострелите на нашата наука за одделни прашања кои се предмет на проучувања на бројни научно-истражувачки проекти што се во Програмата на МАНУ. Тоа значи дека, живеејќи во едно научно општество какво што е современово, раководењето со државата треба се повеќе да се потпира на резултатите до кои дошла науката, одделно нашата наука. Со тоа политиката се повеќе добива научна димензија. МАНУ е, на пример, така организационо структурирана што во неа работат пет истражувачки центри. Секој еден од нив може да понуди одговор на стратешките прашања на македонското општество, на пример во областа на генетското инженерство и биотехнологијата (за иднината на науките во областа на медицината, клонирањето на животинскиот и растителниот свет, генската терапија во медицината итн.), во областа на енергетиката, информатиката и материјалите (стратегија за идниот енергетски и информатички развиток на државата, за новите енергии итн.). Во областа на геостратешките балкански, европски и светски прашања (тоа се нашите односи со соседните балкански земји, Македонија и евроатлантските интеграции, демографските промени во Македонија и на Балканот итн.). Од друга страна Истражувачкиот центар за ареална лингвистика ја проучува историјата на македонскиот јазик и неговите дијалекти, како и неговото место во светот на словенските јазици и тоа е од примордијално значење за нашиот опстој и е едно од базичните прашања што го истражува овој Центар, а се однесува на минатото, сегашнината и иднината на нашата земја.
Како ќе ја убедувате државата да даде повеќе пари за научни проекти?
- Таа состојба постојано ќе се подобрува колку што нашата држава ќе ја сфаќа свеста за судбоносното значење на науката во македонското општество. А денес кај нас речиси и да не постои културна, а особено научна институција, која не јадикува за својата бедна материјална положба. Недостигаат средства, а притоа она што е најлошо, недостигаат средства за реализацијата на научните програми. Во МАНУ тој проблем се изразува уште појарко во недостиг на средства за издавачка дејност, т.е. за она најбитното - за публикувањето на резултатите од научните проекти. При сето тоа сакам посебно да го нагласам мојот недвосмислен впечаток дека кај нас креативниот труд и во областа на уметноста, и посебно во областа на науката, е крајно маргинализиран, дека не постои вистинска негова валоризација, така што во тој однос ние тонеме и веќе го достигнавме самото дно. Се разбира, македонското општество е со ограничена материјална база и ние од светот на науката, нашата научна политика мораме да ја реализираме така што ќе се приспособиме на неа со тоа што ќе настојуваме да се сконцентрираат средствата врз врвните приоритети и тие соодветно материјално да се валоризираат. Најпосле мораме да знаеме во целосната идна стратегија на развитокот на Македонија што воопшто може и колку воопшто може една мала (ограничена со материјални ресурси) земја да оствари во овие дејности, особено во фундаменталните истражувања, и на што таа да ги сосредоточи скудните средства. Нам, всушност, ни недостига реална свест за тоа што може една мала земја во светот на науката. МАНУ тука може многу да помогне во хиерархијацијата на приоритетите.
Притоа, ние сме, сепак, навикнати да постоиме во традицијата на буџетската логика, а многу малку сме оспособени самите материјално да се реализираме и да ги реализираме нашите научни програми, потпомогнати од бројните европски и светски фондови. За тоа е потребна целосна нова научна стратегија. Ако, на пример, научните истражувања и резултати во нивната апликативност добијат вистинска цена тие тогаш ќе бидат самите исплатливи и буџетските средства ќе се сосредоточат врз истражувањата на националните дисциплини, што не можат пазарно да бидат вреднувани.
Општ впечаток е дека на академиите во ЈИЕ им е потребна фундаментална промена. Повеќе земји ги релоцираат истражувачките институти од академиите во универзитетите. Ова им дава можност на академиите да најдат улога во правец на научната политика, значи да се поврзе науката со процесот на политичко одлучување, се разбира, не во дневното. Дали МАНУ ќе се движи во овој правец?
- Јас веќе реков дека нашите врвни национални институции не се упатени едни на други и дека живеат сами за себе. Во последно време ни се случува и слабеењето на повеќе наши научни значајни институти од исклучителна важност за нашата земја. Тие, исто како и МАНУ, создаваат вредности од врвен национален интерес. Потоа ги објавуваат и ги претставуваат на севкупната домашна и меѓународна јавност. МАНУ според Законот за Академијата е должна да води грижа за развитокот на науката кај нас.
Притоа сакам да истакнам дека го застапувам гледиштето дека науката не треба да биде цел самата на себе, дека нејзините научни достигања треба да се вградат во практиката на непосредниот живот. Тогаш се тие вистински плодотворни. Ете токму тоа треба да ги поврзе државните институции со научните. Само така науката израснува во продуктивна и незаобиколна сила. Во таа смисла потребна е реформа во битието на научните истражувања. Тие треба да се одвиваат имајќи ја секогаш предвид можноста од нивната применливост па и да се насочат истражувањата во таа насока. Секое научно истражување треба понагласено да ја содржи во себе својата апликативна димензија и да се изведува токму водена од идејата во остварувањето на таа битна цел. Без тоа научните резултати не можат да бидат движечка сила на општеството. Притоа, треба да се има предвид дека голем дел од научните проекти на МАНУ имаат базичен национален карактер. Тие, земени во целост, ја збогатуваат и унапредуваат свеста за нашето постоење, го збогатуваат целокупното знаење на нашето општество, особено оние од општествените, лингвистичките, историските и уметничките области, а тие пак, повеќе или помалку, имаат доминантно место во научната и уметничката програма на МАНУ. Нашата Академија даде маса аргументи во вид на бројни објавени научни дела од овие подрачја со кои таа израсна во столб на македонската нација. Во тоа ја гледам нејзината незаменлива улога, која и понатаму треба да доаѓа до израз.
Како МАНУ ја гледа Македонија по 15-20 години?
- Како консолидирана, стабилизирана и среќна земја, етаблирана во евроатлантските структури. Но, заедно со тоа, во овие години очекувам светот на нов начин да ја открие и запознае оваа земја "што и ѕвездите ги научи да шепотат на македонски, а остана непозната".
Има ли Академијата политички и партиски влијанија?
- Не. Барем јас не ги чувствувам.
Што се случува со повеќетомната македонска енциклопедија?
- Лексикографскиот центар ја заврши и наскоро очекуваме да се појави отпечатена првата Македонска енциклопедија - Enciclopedia Makedonica, на повеќе од 1.200 страници голем енциклопедиски формат и со повеќе од 12.000 библиографски единици. Во неа е како на дланка сета Македонија: нејзината географија, етнографија, историја, култура, религија, археологија, архитектура, политика, сите нејзини уметности итн. Таа ќе се појави во расплетот на балканската криза и бидејќи за нас малку се знае во светот, очекувам да најдеме на разбирање кај Владата таа ургентно да се преведе на англиски јазик и да се испрати до сите најзначајни политички, општествени, универзитетски центри и библиотеки ширум светот, а особено на оние места каде што се креира светската политика, од Обединетите нации до Европската унија.
Македонија е земја околу која во светот има контрадикторна слика. Верувам дека Македонската енциклопедија најкомпетентно ќе ја види и проследи Македонија и македонската цивилизација во нејзиниот милениумски историски континуитет.
Дејан ТРАЈКОСКИ
ФОТО: Ѕ. ПЛАВЕВСКИ
Културата в година со двојно повеќе пари
Следната година е значајна и за процесот на интеграција во Европската Унија и во НАТО, па планираме македонската култура да биде значајно присутна на меѓународната културна сцена, заради афирмација на Република Македонија во светот
Уметниците ќе имаат повеќе пари за да ги реализираат своите проекти, археолозите ќе имат повеќе работа од годинава, македонската култура ќе ја има на странските сцени, ќе има многу нови книги и филмови. Тоа е амбициозниот план на Министерството за култура за идната година кој поради парите - двојно повеќе од лани, за Елизабета Канчевска-Милевска, државен секретар во Министерството за култура, има реална основа да биде остварен.
* Владата најави зголемување на буџетот за култура за 2008 година. Има ли стратегија кому ќе ги додели парите?
- Буџетот на Министерството за култура во однос на претходната година е зголемен за 300 милиони денари. Во однос на програмските средства, за 2008 се предвидени повеќе од 750 милиони денари, а во 2007 година биле нешто повеќе од 450 милиони. Тоа значи дека имаме двојно зголемување. За дејностите, пак, за секоја одделно ќе има многу повеќе средства за разлика од годинава. Во издавачката дејност, на пример, ако годинава имаше 50 милиони денари, за идната година буџетот е зголемен за два и пол пати. Има двојно зголемување и во заштитата на културното наследство - 91 милион денари, во филмската дејност - 99 милиони денари, а за меѓународна соработка, од годинашните 39 милиони денари, за в година ќе има 59 милиони денари. Прифатени се и многу капитални проекти. Освен археолошките ископувања на Калето, Климентовиот универзитет на Плаошник, стартуваме и со работа на локалитетите Скупи, Стоби, Тетовското кале, изградба на конзерваторски центар во Гостивар. Продолжуваме со изградба на капитални проекти: Стариот театар, ќе почне изградбата на спомен-куќата на Мајка Тереза, на салата за Македонската филхармонија, на Градската куќа и на Театарот во Велес. Стариот театар во Скопје почна да се гради, добивме нова дозвола во однос на зголемената маркичка и од пред една недела почна изградбата. Според договор што е потпишан со „Бетон Штип“, карабината треба да се изгради за 8 месеци.
* Колку пари ќе бидат издвоени за изградба на културните објекти?
- За капиталните проекти, согласно со планот и динамиката што се доставени од Министерството за култура, имаме 6 милиони евра. Лани имаше 9 милиони евра. Некој ќе рече дека има намалување, но ова е во согласност со нашите барања, согласно со планот и динамиката. Годинава ние имавме доста средства, но согласно со Законот мора и да ги трошиме средствата. Се работеше на објавување конкурси, на склучување договори за идејни и основни проекти и видовме дека некои средства не можат да се потрошат. Така за следната година ги побаравме шесте милиони денари, за да не ни остане суфицит на крајот од годината.
* Удрени се камен-темелници на огромни објекти, се најавуваат нови. Ќе може ли оваа влада во својот мандат да заврши се' што почна?
- Се надевам дека целосно ќе бидат завршени бидејќи навистина почнавме навремено да ги објавуваме и меѓународните конкурси. На пример, со Стариот театар во Скопје ја започнавме изградбата, а паралелно ќе се вклучат и останатите, бидејќи ги доработивме и сите преостанати проекти како што се проектот за инсталации, за ентериерно уредување, за сценската техника, за акустиката. Паралелно ќе се вклучат и другите фирми што ќе добијат на тендер, па така ќе нема никаков застој кога е работи за тој театар. Ќе се потрудиме до 2009 година тој да биде готов. Во однос, пак, на музејскиот комплекс на ВМРО и на жртвите од комунизмот, избравме идејно решение. Фирмата што доби на тендер го изработи идејниот проект, кој е сега доставен до Општина Центар. Сега сме во фаза на добивање локација, а се работи и на главниот проект. Според нашиот план и динамика, Музејот ќе почне да се гради во март или април в година. За концертната сала на Филхармонијата авторот го изработи идејниот проект. Тој е веќе доставен до Општина Центар за добивање дозвола. Бидејќи авторот е вработен, согласно со Законот, не може да го изработи и главниот проект, објавивме тендер за да добиеме проектантска куќа која, секако, главниот проект ќе го изработи заедно со авторот. На 4 јануари се отвораат документите, по што ќе се избере проектантска куќа што ќе го изработи главниот проект. Потоа ќе биде објавен тендер за градба, по што некаде околу мај треба да почне изградбата на салата за Филхармонија. За куќата на Мајка Тереза, на крајот од овој месец ќе објавиме тендер за изградба. Идејниот и главниот проект се веќе готови, и ќе се достават до Општина Центар, а изградбата би почнала некаде од средината на јануари. Времето на реализација сакаме да е што пократко, а секако гледаме се' да е во рамките на Законот, да се средени сите имотно-правни прашања, со одлука на Владата да се пренесат од Република Македонија на Министерство за култура за да може целата процедура да е законска и се' да е расчистено во делот со имотно-правните односи.
* Ќе имаат ли доволно време уметниците да ги реализираат програмите за идната година, односно дали комисиите при Министерството за култура овој пат навреме ќе си ја завршат работата?
- Голем дел од комисиите веќе ја завршија работата во однос на проектите и планираме до крајот на овој месец или во почетокот на јануари да ја објавиме годишната програма.
* Велите дека за дејностите ќе има повеќе пари, но кој ќе ги добие, што е приоритетно?
- Очекуваме да добиеме значајни иницијативи и конкуренција на проекти што ќе бидат интересни за публиката. Стручните комисии при Министерството имат слух за вистинските потреби и на публиката и на уметниците. Очекуваме идната година да биде исклучително богата со културни настани што ќе значат збогатување на културниот живот.
* Кои се меѓународните дестинации на кои ќе патува македонската култура в година?
- Има многу планови. Сигурно една е Москва, кога на денот на св. Кирил планираме да се презентираме многу побогато од досега. Тоа веќе го договаравме со амбасадата во Москва. Деновите на сесловенската писменост заслужуваат да бидат одбележени на највисоко ниво, со добро осмислена програма со која достојно ќе биде презентирана културата што се создавала на оваа почва. Следната година е значајна и за процесот на интеграција во Европската Унија и во НАТО, па планираме македонската култура да биде значајно присутна на меѓународната културна сцена, заради афирмација на Република Македонија во светот.
* Колку активностите во културната сфера можат да придонесат во процесите на интеграција?
- Културата е значаен сегмент во овој европски културен простор. И кај нас, во државата, културата е ставена во самото срце на системот на државата. Преку културата светот може најмногу да дознае за нашето богато минато, но и за сегашноста, зашто голем дел од тоа што тука се создава е значајно и за светот. Тоа го потврдуваат многубројни светски награди и признанија на наши уметници.
Лилјана Грџо Дамовска
{moshits}
АКАДЕМИК КАТИЦА ЌУЛАФКОВА
Постојано некој ни одредува до каде имаме право да ги промовираме сопствените културни вредности, ни кажува што е опортуно политички, а што не е - испаѓа дека никогаш не било пожелно да се интегрира македонската култура во европската и во светската токму како македонска
Под покровителство на УНЕСКО, а под раководство на академик Катица Ќулафкова утре и задутре, во Македонската академија на науките и уметностите ќе се одржи меѓународната конференција „Меморија и интерпретација“. Ќулафкова смета дека таа е од особена важност во ова време кога политичкиот амбиент е таков што како да не е опортуно да се зборува афирмативно за македонските културни традиции и вредности, уште помалку да се промовираат. Вели дека владее тих заборав на македонската културна историја.
* Организирате меѓународна европска конференција на тема „Меморија и интерпретација“. Која е целта на конференцијата?
- Еден од мотивите е изворен и траен, а се работи за насушната потреба македонската книжевна наука, македонските компаративни студии, истражувањата во доменот на поетиката и на херменевтиката, да се афирмираат во европски контекст. Сметам дека тоа најсоодветно ќе се постигне со непосредно и суверено учество на македонските компаратисти, теоретичари и херменевти во еден европски проект, заедно со врвни претставници во европските држави, како членките на ЕУ, така и другите. Во меѓувреме се отворија и некои институционални можности за поцелосна, потрајна соработка, можности што засега се само можни, но се надевам наскоро и реални. По успешното реализирање на проектот „Балканска слика на светот“ имаме понуди за други соработки во доменот на балканолошката компаристика, но и во однос на балканските традиции и нивната интеграција во ЕУ. Работиме на тоа да се артикулираат што е можно подобро овие истражувачки интереси на македонската компаратистичка наука. Идејата за конференцијата на тема „Меморија и интерпретација“ се надоврзува и на истражувањето од претходната 2006 година, кое беше фокусирано на тема „Насилството и уметноста“, од кое произлезе една извонредна публикација на англиски, француски и на македонски јазик, со учество на десетина автори од Европа и неколку од Македонија, осмислена според современи релевантни обрасци, оригинална и за европски контекст. Се надевам дека оваа публикација ќе стане референтна публикација на проектот на МАНУ - „Интерпретации“.
* Колку науката ја истражила културната меморија на нашиот народ, особено што тоа е суштествено за сите култури, па и за нашата?
- Секоја наука е должна и повикана да даде свој прилог во толкувањето на културната меморија на својот народ и на народите од опкружувањето. Ние се определивме за интердисциплинарен и компаративен херменевтички пристап, при што колективната меморија се посматра во корелација со индивидуалната естетизирана меморија на уметноста (книжевноста, усната традиција, визуелните уметности, театарот, филмот, митот, јазикот). Секој учесник ги остварува своите истражувања самостојно и ќе ги презентира сознанијата на конференцијата.
* Интересот за конференцијата е голем - ќе дојдат дури дваесет учесници од многу европски земји. Очекувате ли да дадете придонес во актуализацијата на феноменот на културната меморија?
- Ќе дојдат научници од 20 учесници од странство - од Франција, Италија, Полска, Шпанија, Велика Британија, Холандија, Германија, од Турција, Хрватска, Босна, Србија, Албанија, Бугарија. Имаме и 15 учесници од Македонија. Некои колеги, од Украина на пример, ќе бидат претставени во книгата, но нема да присуствуваат на конференцијата. Очекувам да дадеме значаен прилог во актуализацијата на феноменот на културната меморија - феномен битен, ако не и клучен во конституирањето на етничките и на надетничките идентитети. Колективната културна меморија е битен чинител во конституирањето на самосвеста и свеста за другите на секоја нација. Во тој процес на самоидентификација и идентификација, на авторефлексија и референца на другите, од особена важност е влогот на уметниците, на писателите, на уметничките дела, на артефактите, на митот и на јазикот како средишта на најсублимирана колективна меморија.
* Историјата покажува дека без освестен и институционално поткрепен процес на идентификација на спецификите во контекст на идентификација на универзалните вредности, не можат да опстанат културите како системи на вредности.
- Поддршката што УНЕСКО ја прави по однос на ваквите проекти е во склад со Декларацијата на УНЕСКО од 2005 година за заштита на културната разноликост, мислам првенствено на глобално рамниште, во светот. Во таа смисла, разноликоста денес е нов меганаратив кој се јавува како реплика на меганаративот на глобализацијата. Тој е опомена дека глобализацијата, имено, не смее да се применува како стратегија на задушување на културните особености. Дискурсот на разноликоста е тесно поврзан со дискурсот на меморијата. Околу културната разноликост кај нас можеби многу се зборува, но повеќе во клишеа одошто аналитички. Она што е симптом на духовна вредност на универзално рамниште, кај нас се сведе на политизирана флоскула на мултикултурализам, што, пак, се сведе на прагматичната концептуализација на мултикултурализмот на мултиетничност, односно во македонскиот случај на биетничност. Овој параметар беше толку снажен што ги ревидираше и дефинициите на поимот народ, па сега гледаме во многу акти македонскиот народ се именува како заедница. Таквите радикализирани толкувања на мултикултурализмот на локално ниво доведоа до трауматични состојби. § преостанува на науката да го кажува своето мислење, аргументирано и непристрасно.
* Кој е виновникот за таквата состојба?
- Не сметам дека виновникот за таа состојба на духот и на народот е надвор. Ние самите го имаме прифатено, на официјално ниво, дискурсот на себедеградација, на откажување од атрибутите на идентитетот, на хибридизација на идентитетот, на проблематизација на идентитетот. Ние сами го имаме, за жал, промовирано, дискурсот на амнезија или стратегија на заборав на сопствениот културен идентитет. Впрочем, за тоа има многу примери, тоа не е само актуелна состојба, но последнава деценија е особено индикативен и алармантен. Јас се надевам дека нештата на тој план ќе се променат во непосредна иднина, во спротивно ќе биде доведен во прашање нашиот опстанок.
Значајни дела и личности се бришат од колективната меморија
* Во услови на негирање на македонскиот идентитет, името на државата и на јазикот, колку е важно да се сочува македонскиот литературен јазик?
- Најпрвин морам да кажам дека ситуацијата во која се наоѓа македонскиот народ и факторите на неговиот идентитет, јазикот, литературата, културата и традицијата, е во најмала рака парадоксална. Од една страна имаме работа со материјално и нематеријално културно наследство на македонскиот народ од парадигматичен тип, богато и исклучително референтно не само по однос на македонската историја туку и по однос на светската, а од друга немаме доволно социјален амбиент, материјални и кадровски услови за негово систематско истражување и за негова афирмација во светот. Периодично се става акцент на делови од македонската богата културна традиција и тоа е извонредно, потоа интересот стагнира. Институтите од национален интерес како Институтот за македонски јазик, за литература, за фолклор, за историја, се во крајно загрижувачка состојба. Државата треба манифестно и крајно конкретно да го потврди својот интерес за нивните дејности како дејности од национален интерес и приоритет. Ама политичкиот амбиент е таков што последниве десетина години како да не е опортуно да се зборува афирмативно за македонските културни традиции и вредности, уште помалку да се промовираат истите гласно медиумски и научно. Како да владее тих заборав на македонската културна историја. Помор на меморијата. Во такви услови многу значајни епохи, дела и личности ќе се бришат од матрицата на колективната меморија. За да опстанат впишани во неа, треба да се стимулира, едукативно, научно и медиумски, свеста за македонската културна историја и современост, втемелена врз факти и артефакти. Кај нас се случува постојано некој од надвор или од внатре да ни одредува до каде имаме право да ги промовираме сопствените културни вредности, постојано кажува што е опортуно политички, а што не е. Испаѓа дека никогаш не било пожелно да се интегрира македонската култура во европската и во светската токму како македонска.
Лилјана Грџо Дамовска
Прелудиум и Пајдушка направија револуција
Публиката и критиката во Европа, Азија, Америка и Австралија на делата на Живоин Глишиќ реагираа вџашено, пред се, заради магијата на нашиот фолклор, а после и заради начинот на кој композиторот тоа го направил, вели Трпчески, кој вечерва настапува во Гевгелија
Маестро Симон Трпчески вечерва (20 ч.) ќе одржи концерт во Гевгелија, а веќе утревечер настапува во Струмица. Третиот, од овие хуманитарни концерти кои се во органзизација на Здружението на граѓани "Култур Оп", ќе се случи на 5 декември во Прилеп. На програмата се дела на Скрабин, Шопен, Брамс и Дебиси.
Постојано си од еден концерт на друг. Како се носиш со тој напор, посебно што настапуваш на различни континенти?
-Јас сум човек кој во животот сака баланс. Тоа и го правам. Не би рекол дека сум постојано од еден концерт на друг. Јас поминувам значајно време и дома. Инаку, секако дека не е едноставно, бидејќи се работи за долги патувања, менување временски зони и клими, а одговорноста секогаш треба да е на највисоко ниво. Човек треба да има и добро организиран живот за да може психофизички да го издржи тој напор. Засега добро се држам, ќе се трудам во иднина да бидам уште подобар.
Како реагира странската публика на делото Прелудиум и Пајдушка на Живоин Глишиќ и дали имаш идеја на некој свој следен албум да ставиш и друго македонско дело?
-Според бројот на изведбите на делото на професорот Глишиќ, кој надминува 110, верувам дека е тој еден од најизведуваните наши композитори надвор од границите на нашата држава, ако не и најизведуван. Едноставно, тој го направи делото Прелудиум и Пајдушка како една компилација на фолк, класика и џез, да звучи на современ музички јазик, што е реткост во современото класично музичко творештво. Затоа и публиката и критиката во Европа, Азија, Америка и Австралија реагираа вџашено, пред се, заради магијата на нашиот фолклор, а после и заради начинот на кој композиторот тоа го направил. Секако тука голема улога има и мојата интерпретација. Делото е навистина комплицирано за изведба. Но, јас сум горд и среќен што имам можност да го претставам, затоа што на одреден начин тоа претставува револуција во македонската современа пијанистичка литература. Ова дело ќе може дигитално да се симне од интернет, како дел од дополнителниот репертоар на најновиот компакт диск. Секако дека имам многу идеи кои треба детално да ги обработам за некое друго дело кое ќе се најде на следен албум, да биде претставено онака како што на сите нам ни доликува како Македонци.
Концертите низ Македонија ти се со предзнак - хуманитарни. Дали можат уметниците финансиски да и помогнат на македонската култура?
-Јас и досега сум настапувал во хуманитарни цели, почнувајќи од мојот прв концерт во Лондон во 1997 година, како и многу други во светот и во нашата земја, па ова е своевидно продолжение. Би било прекрасно уметниците да можат финансиски да ја помагаат македонската култура, но да се дојде до тој степен, треба истрчување на еден подолг маратон, животен и професионален, со безброј своевидни и специфични пропратни случувања. Значи, би било добро прво да се создаде одлична патека за трчање на тој маратон, па потоа да се добие финален резултат - производ - уметник, способен за се, на свое и општо задоволство.
Доснимуваш албум во Лондон. Кои се твоите очекувања?
-Викендов во Англија го завршив снимањето на четвртиот албум за ЕМИ Класикс. Не можам да кажам какви ќе бидат резултатите и реакциите. Она што можам да го кажам е дека јас уживав за време на учењето на, за мене, мал дел нов репертоар кој ќе се најде на албумот, а кој е посветен на дела од Клод Дебиси, како и за време на снимањето на истиот. Имаше прекрасна и многу релаксирана атмосфера која напати беше пропратена и со доста шеги. Сигурен сум дека овој албум е очекуван со големо интересирање од страна на музичките сладокусци од причина што овој репертоар на некој начин доаѓа како изненадување за нив затоа што не се навикнати да ме слушаат во овој музички стил. Се надевам дека ќе уживаат приближно онолку колку што јас уживав за време на неговото снимање. Ќе го чекаме јануари.
Анита ЈОВАНОСКА
Извор:ВЕЧЕР
Премиерот Груевски за белградски НИН: Како партија и Влада подготвени за автокефалноста на МПЦ
Скопје, 25 мај (МИА) - Во интервјуто за последното издание на белградскиот неделник НИН претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски изјави дека е верник, исто како и српскиот премиер, но додаде дека не мисли дека го злоупотребува својот статус на верник во однос на решавањето на проблемот наметнат од страна на Српската православна црква. Груевски демантираше дека апсењето на некои свештеници била злоупотреба на судовите во политички цели. Според него, судот сметал дека уапсениот и осуден свештеник направил кривично дело од финансиски карактер. Владата не се меша во работата на судовите.
- Секоја политичка волја може да биде од корист. Со МПЦ имаме добри односи. Како партија и како Влада стоиме зад автокефалноста на Македонската православна црква.
Сметате ли дека прашањето на автокефалноста на МПЦ е дел од вашата државност?
- Да, сметаме дека е, дека тоа е дел на нашата државност. МПЦ со векови досега била стожер на нашата државност и во моментите кога сме биле под разни окупации, па сметам дека проблемот на црквата не е само црковен, туку има и политичка димензија. Постојат држави кои се заинтересирани овој црковен проблем да ескалира, но сега не би ги наведувал кои се тие.
За НИН претседателот на македонската Влада одговараше и на прашањето за борба против корупцијата, нагласувајќи дека Македонија е меѓу земјите во транзиција каде што злоупотребата на процесите на приватизација биле големи, а во голема мера биле и легални.
- Тогашната власт имаше направено закон со кој се овозможувало тогашните комунистички менаџери за симболични суми да ги купуваат компаниите во кои биле директори. Законите биле така направени за да не може да влегува странски капитал. Тоа се случувало во текот на `95, `96,`97 и `98 година. Менаџерите ја искористија таа можност и си завршија работа, а Македонија поради тоа трпеше сериозни последици. Тоа е причина за економскиот застој во минатото, а последиците ги трпиме и денеска, изјави Груевски.
Претседателот на Владата на Република Македонија во интервјуто потврди дека има многу политички аналитичари кои, имајќи го предвид сегашниот рејтинг на партијата (ВМРО-ДПМНЕ) и неговиот личен, смета дека без размислување треба да се оди на предвремени избори.
- Споредбата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е 3:1 во однос на рејтингот, ние имаме 29 отсто, а тие 10 отсто. Кога се споредуваат личности, разликата е уште поголема, бидејќи јас имам рејтинг 31 отсто, а втор зад мене е Бранко Црвенковски со 6,5 отсто, трет е Али Ахмети со шест отсто, па Арбен Џафери со пет кома нешто, а потоа се другите со рејтинг помал од два отсто. Гледајќи по таа логика и следејќи ја само таа одлука, можеби би требало да одиме на предвремени избори. Меѓутоа, мислам дека предвремени избори во овој момент би била несериозна работа. Со мали проблеми во овој период ние успеваме да ја имплементираме Програмата на Владата и да ја туркаме евроатлантската агенда. Со промени, ама ја остваруваме.
Колку сте воопшто подготвени да разговарате за формирање влада по Бадентеровиот принцип?
- За тоа веќе се изјаснивме. Тоа не е применливо. А не е ниту според Охридскиот договор. Барањата на ДУИ се неразумни.
Дали ќе ве изненади барањето да се менува Охридскиот договор?
- Нема атмосфера за тоа. Кај никој нема расположение за тоа, ниту кај политичките партии, ниту кај меѓународната заедница. А ние од страна на ДУИ не сме имале такво официјално барање, рече премиерот Груевски во интервјуто за белградскиот неделник НИН. жг/паг/13:24
|
Патување кон вистината
Елена Ончевска
Средба со режисерот Златко Славенски
Разговор за неговите понови проекти, но и најава на следното од него, постановката на култната Соларис.
Во Папокот на светот, како и во Војаџер, станува збор за патување по скалите кон небесата, односно во вселената, како своевидно патување кон самите себе. Славенски се согласува: „Да, во Папокот... главниот лик патуваше кон себе, наоѓајќи ја љубовта. Кога ќе ја најде љубовта, ќе се најде себеси, ќе ја најде смислата на нештата, ќе влезе во баланс со сé што го опкружува. Во Војаџер патувањето само по себе е смисла. Фокусот е на тоа да се најде сила во себе да се отиде во пространства што дотогаш не биле освоени, а тоа значи да се биде жив. Патувањето е еднакво на живеење.“ Тој го гледа патувањето како „смисла на ниво на личност.“ Зборува за теоријата за патот на светлината: „Сите светлосни одрази, наши и на минатите цивилизации, некаде патуваат, само нема физички инструменти тоа да го видиме. Тоа патување на светлината е метафора за патувањето на човекот: ако патува, ќе биде како светлината, ќе ја осознае вистината.“ Продолжува: „Нашиот живот е патување, прашање е колку сме свесни за тоа. Патуваме и после смртта. Патуваме кон дома. Краткорочни сме, ама во нашиот дух сме долгорочни. Даден ни е тој благослов.“ Во време кога толку многу се инсистира на комотност, која луѓето сакаат да ја толкуваат како небрежност или мрзеливост во секој поглед, за жал и во духовен, патувањето сфатено во најширока смисла (значи, првенствено кон самите себе) сé повеќе добива димензии на отпадништво. Славенски додава: „Таквите патници се во исто време највеличествени, пример за луѓето. Се обидуваат да ги најдат патоказите во име на другите. Таа карактеристика ја имаат светците. (...) Битката со самите себе е најважната битка. Проблемот е што немаме патокази, или не ги забележуваме.“ Го потсетувам на ставот на познатиот Хундертвасер дека движењето на сé живо е базирано на принципот на спирала: постојано се движиме во спирали и се враќаме во истата точка но секогаш на различно ниво. „Да,“ вели, „движење во спирала, но нагоре. Секогаш е вертикала во прашање... Во прашање е избор.“ Хундертвасер, Големиот пат Хундертвасер, Сребрена спирала Хундертвасер, Спирално дрво |
Ерусалимската Патријаршија, во тешка положба
Од интервјуто со Ерусалимскиот Патријарх Теофил
На 19 октомври 2006, за црковното радио на Атинската Архиепископија,
|
Во Македонија ги барам тие што го сонуваат мојот сон
ИНТЕРВЈУ: ГОРАЗД РОСОКЛИЈА, НАУЧНИК И ПРОФЕСОР НА УНИВЕРЗИТЕТОТ КОЛУМБИЈА ВО ЊУЈОРК
Во Македонија ги барам тие што го сонуваат мојот сон
Премногу е скромен во однос на големите достигнувања што ги постигнал во медицинската наука. Секогаш кога зборува за научните откритија - зборува за тимот, а многу малку за себе. Има 56 години, исклучително богата професионална биографија и огромна страст кон науката. Благодарен им е на родителите, кои инвестирале во неговото образование и е среќен што може да инвестира во образованието на своите четири деца - Илина (26), Војдан (24), Горјан (21) и Гаврил (13).
Матурирал и дипломирал на Медицинскиот факултет во родното Скопје. Специјализирал во Париз. Докторирал на тема "Имунологија на мозочни тумори". На една презентација во Ница, неговиот труд бил забележан од директорот на Универзитетот "Колумбија", кој го поканил да работи со него во Њујорк. Оттогаш до денес работната биографија на д-р Горазд Росоклија е преполна со научни откритија, проекти и истражувања од областа на неврологијата, кои не можат да се набројат, опишат и објаснат во едно интервју. Заради тековни научни проекти, д-р Росоклија неодамна допатува во Скопје. - Од 1996 година, психијатрискиот оддел на Универзитетот "Колумбија" во Њујорк соработува со Институтот за судска медицина при Медицинскиот факултет и со психијатриската болница во Скопје, како и со болниците во Демир Хисар и Негорци. За потребите на проектот, често доаѓам во Скопје. Покрај тоа, јас сум роден и израснат во Скопје, тука се мојот најмал син Гаврил и сопругата. Го сакам градот, кој со стариот, како и со новиот градоначалник никогаш не бил погрд, погнасен, подезорганизиран. Го сакам поради луѓето во него. l Неодамна добивте американска награда за едно исклучително научно откритие - создавање техника за целосна визуализација на невронот. Стручњаците велат дека со тоа е отворено ново поглавје во науката. Како ја оценувате важноста на вашето откритие? - Од 1874 година, кога Камило Голџи, и неколку години подоцна Рајмонд Кахал ја создале техниката за визуализирање на мозочните неврони, целиот научен свет се обидуваше да дојде до нови сознанија ползувајќи стара техника. Новите откритија, како што е структурата на хуманиот геном, или гените одговорни за психијатриските и невролошките заболувања го наметнуваа прашањето што се случува со невронот, основната мозочна клетка под влијание на гените. Кој негов дел трпи промени и од кој вид? Старата техника на Голџи и Кахал не можеше да даде нови одговори. Нашата техника, која во овој момент ја нарекуваме "неоголџи" не возбуди нас и невронауката. Наместо неколку делумно видливи нервни клетки, пред нас гледаме стотици неврони, нивната структура, меѓусебните врски. Сакам да размислувам дека на еден тродимензионален свет му дадовме четврта димензија. l Како човек што подолго време живее и работи надвор од Македонија, како го гледате "невронот" на македонското општество. Што е тоа што го спречува во развојната и научната компонента во сите сфери? - Негативната селекција на луѓе. Непаметни кај што треба да бидат најпаметните, нестручни на места за најстручните, кукавици на места кај што се бара храброст, образован народ кој заборавил што значи интелектуален предизвик и стремеж кон врвот, интелектуална елита без достоинство, која во спрега со бизнисот и политиката го продава интересот на народот за ситен дневен профит. Каков развој на научната мисла може да има општество во кое универзитетски професори се залагаат за легализација на корупцијата и нелекување на "безнадежно" болните, мерено според нивниот морал, степенот на нивното незнаење и нивните критериуми за квалитет на живот применети врз други. Бавењето со наука е за луѓе што ги сакаат луѓето, а времето и знаењето ги посветуваат на подобрување на нашите животи, не на нивно уништување. l Неколку години работите на научни проекти со македонски тим соработници, иако можевте да изберете стручњаци од која било друга земја. Што беше пресудно за таа одлука - патриотски причини или верба во стручноста на некои од домашните експерти? - За себе размислувам прво како професор, после како научник. Професор кој не образува, кој не ги поттикна младите кон интелектуална работа и не создава услови за научно работење мора да се чувствува бесмислено. Кога во 1987 година, по мојата специјализација во Париз, ми беше понудено да останам таму, одбив со образложение дека мојата работа е позначајна за Македонија отколку за Франција, во која такви како мене имаат колку сакаат. Денес размислувам на ист начин. Како млад доктор сонував за бавење со наука. Одењата на југословенските и светски конгреси ги доживував како понижувачки. Немав што да кажам, а бев добредојден "учесник" само поради платената котизација. Шетавме низ ходниците дружејќи се сами со себе или со некој сличен на нас, "научник" и "професор" од светот во кој титулата наместо научните достигнувања и публикациите, го одредува научниот и академски статус. Кога го добив првиот грант во САД, дојдов во Македонија да ги најдам оние што го сонуваат мојот сон, да им го отворам светот на науката, да создадеме тим што на оние што ни се потсмеваа не затоа што самите беа паметни и значајни, туку затоа што ние бевме бесмислени, ќе им врати малку од стариот долг, но позначајно од се, зад нас да оставиме трага за нашето постоење. l На кој проект работите последнава година? - Ползувајќи ја новата техника се обидуваме да ги откриеме причините за појавата на душевните заболувања, како и мозочните промени што човекот го наведуваат на самоубиство. Контролните групи вклучуваат зависници од дрога и алкохол, некои од нив со специфични мозочни промени што ги прави целна група за нашите понатамошни истражувања. l Во неколку наврати најавивте дека соработката меѓу Универзитетот "Колумбија" со научниците во Македонија во базичните невропсихијатриски испитувања ќе резултира со основање Институт за невронаука во Охрид, преку обновување на Св. Климентовиот универзитет. Колку сте блиску до реализација на таа идеја? - Се работи за инвестиција, која ќе чини 5 до 10 милиони долари. Тоа се сериозни пари дури и за Универзитетот "Колумбија", чиј годишен буџет е нешто повеќе од 8 милијарди долари. Директорот на психијатрискиот оддел на Универзитетот "Колумбија" и неговиот заменик неколкупати престојуваа во Македонија токму заради планираната градба на институтот. Проф. Алексеј Дума и јас бевме со нив. Можеби звучи неверојатно, но не успеавме да се сретнеме со "одговорните" во Македонија. Тие секогаш имаа некоја поважна работа. l Вие сте бренд во медицинската наука. Дали бенефитот од тоа го има само Универзитетот "Колумбија", САД, или со тоа што алтруистички ги вклучувате овдешните експерти во вашите проекти сакате на проектите да им дадете и македонски печат? - Мојот однос со Универзитетот Колумбија е јасен. Тие ја добиваат мојата наука и процент од моите грантови, јас добивам услови за работа и бенефициите предвидени за нивни професор. Професор Дума, проф. Дворк и јас, размислувавме новата техника да ја патентираме преку институтот што го замислувавме во Охрид, како основа за негов материјален опстанок. Денес верувам дека за целиот тим ќе биде помудро тој патент да го направиме преку Универзитетот Колумбија. Нашиот живот, особено периодот во кој сме способни за креација е прекраток, да го губиме времето со карактерите што Ви ги опишав во еден од претходните одговори. l Дали вашите научно-истражувачки резултати се оценуваат на каков било начин овде? Ве има Вас и вашите резултати во одговорите на европрашалникот, во поглавјето за развојот на науката? - Искрено не знам. Цитираноста на трудовите публикувани во последните 10 години само на македонскиот дел од тимот е над 500. Се надевам дека нашите резултати можат да бидат исползувани. Деновиве имавме разговори со државниот секретар за наука и со г-дин Виктор Стефов. Научници, паметни луѓе со желба да создаваат и да ги менуваат нештата. Се договоривме секој од нас да ја заврши својата работа, за македонските научници во конкуренција со европските, да ги внесат европските пари во македонската наука. l Американските институции постојано ви одобруваат пари за нови истражувачки проекти. Може ли Македонија благодарение на резултатите од работата на вашиот тим да добие повеќе пари за истражување од европските фондови? - Во Европа постојат два вида пари за наука. Пари наменети исклучиво за земјите во развој (Македонија, Албанија, Хрватска, Србија и Црна Гора), и пари на кои конкурираат водечките европски научници. Се разбира дека последниве се многу позначајни и многу потешки за добивање. Сметам дека нашиот тим не треба да конкурира на парите што и се наменети исклучиво на македонската наука. Тие пари треба да бидат за млади и неафирмирани македонски научници. Истиот став го имам за секоја област. Светски научник или уметник за својата работа ги добива парите на светскиот пазар на наука или уметност. Наша цел и должност да ги добиеме (ако сметаме дека сме најдобри во светот), се парите што им се наменети на најдобрите европски научници преку интегративните проекти. Во нив треба да учествуваат најмалку четири европски научни институции. Нашиот предлог-проект за Кордис-7 е подготвен. Институтот за судска медицина при Медицинскиот факултет во Скопје ќе се јави како носител на проектот, а во него ќе бидат вклучени медицинските факултети на Оксфорд, Манчестер, Копенхаген, Париз, Лисабон и Бразил. За добивање научен проект со вредност од повеќе милиони долари, неопходно е да имате научни публикации, висок индекс на цитираност, претходни резултати во областа и согласност од другите институции вие да сте главен носител на проектот. Ние го имаме сето тоа. l Сакате да освојувате височини. Еднаш го освоивте Монт Еверест. Колку сте блиску до врвот во научна смисла, особено што вашата работна биографија многу прилега на упорно и систематско качување по стрмнините на неистражените научни височини? - Во гимназиските денови "Во потрага за загубеното време" на Марсел Пруст беше едно од моите омилени книжевни дела. Постојано размислувам дека во се што правам временски заостанувам барем 10-15 години. При искачувањето на планинските височини наоѓаме задоволство не само во триумфот туку и во процесот. Над 6.000 метри височина нема задоволство, само страдање, кое треба да го надвладеете со снагата на волјата. Има момент кога чувствувате дека волјата ги надвладува физичката немоќ и болката. Тоа ве прави среќен затоа што сознавате кој сте. Ваквото размислување го применувам и врз моето научно истражување. Уживам во процесот, во дружењето со млади и паметни луѓе што сакаат да го менуваат светот чувствувајќи дека ако не јас, тие ќе дадат суштествени одговори што ќе го подобрат квалитетот на човековото живеење. „Дневник“- 2006 г. |