Нобелова награда за мир
Интернетот за Нобел
Номинацијата на Интернетот го поремети досегашниот мир во кој цели 109 години се криеше комитетот за доделување на наградата за мир, па светската јавност сега ги знае имињата на неколку кандидати за тоа признание, додека порано се чекаше до октомври
(НИН - Белград)
26 март
Порано кога луѓето немаа многу информации за начинот на кој се доделува, Нобеловата награда за мир важеше за најзначајно признание на лица кои со личен пример ги поместуваат перцепциите на масите, конфликтите ги претвораат во хармонија или пак ги напуштиле старите патеки со комплицирано наследство и зад себе оставале јасно трасиран пат на промени. Често таа награда беше тоа.
Додуша, понекогаш жирито за доделување на тоа признание, кое се нарекува и комитет, правеле грешки, па наградата на општо изненадување никогаш не ја добил Махатма Ганди, но на волшебен начин се најде во рацете на Хенри Кисинџер. Тие две грешки до некаде беа исправени, бидејќи комитетот призна дека недоделувањето на оваа награда на Ганди било голема грешка, додека двајца членови на тоа тело поднесоа оставка, бидејќи Кисинџер ја добил таа награда.
Поштенското сандаче на комитетот за доделување на наградата оваа година е претрупано со рекорден број номинации. Се смета дека за растот на популарноста на наградата значително придонесе фактот дека минатогодишен лауреат беше претседателот на Америка Барак Обама, чие најголемо достигнување претставуваше токму Нобеловата награда за мир, па интересот веројатно порасна од шпекулациите дека добитник може да биде кој било, освен секако Џорџ Буш.
Крајно таинствениот комитет за доделување на Нобеловата награда за мир соопшти дека ќе ги разгледа 237-те номинации, т.е. кариери на 199 поединци и 38 организации, но дека во суштина нема да има многу работа, бидејќи во последната година во светот нема маса на луѓе чии достигнувања можат да се мерат со биографиите на Дезмонд Туту, Мајка Тереза, Мартин Лутер Кинг или Даг Хамаршилд.
Единствено изненадување претставува номинацијата на Интернетот, кој доколку комитетот биде барем малку визионерски настроен, Интернетот мора да ја земе наградата далеку пред руските борци за човекови права, иранските или кинеските дисиденти и Барак Обама, чие име наводно повторно се нашло меѓу кандидатите. Проблем за Интернетот секако претставува фактот дека самата свеченост на доделувањето на наградата ќе биде многу проблематична, но тој проблем пред неколку години го реши магазинот „Тајмс“ доделувајќи ја титулата човек на годината на „Вас“, т.е. на целото население на нашата планета.
Доделувајќи ја таа награда на сите, њујоршкиот магазин суштински направи одличен вовед за доделувањето на Нобеловата награда на Интернетот, објаснувајќи дека овој медиум отворил врата на соработка во мера која претходно не била видена во историјата на човештвото. „Тајмс“ наведува дека Интернетот отворил врата на луѓе со добра волја, не барајќи никаков надомест да помогнат едни на други и паралелно не го менуваат само светот, туку и начинот на кој светот се менува. „Интернетот е оружје со кое се собираат мали придонеси на милиони луѓе и кој овозможува сите тие поединечно да бидат важни“.
Секако, Интернетот не е идеален кандидат, бидејќи во јавност се исфрлуваат глупости еднакво брзо како и паметни пораки, но се поставува прашањето колку биле совршени претходните лауреати.
На пример, наградата која ја доби Кисинџер, кој навистина го одигра последниот потег во Виетнамската војна, но пред се, ќе остане запамтен по директивата дека „американската политика мора да биде насочена кон намалување на бројот на жителите во земјите од третиот свет, бидејќи на Америка во иднина ќе и биде потребно се повеќе гориво и минерали од тие држави“. Па, веројатно би било глупаво да ги трошат доморотците.
Изборот на Интернетот за Нобелова награда за мир би претставувало поголемо изненадување од начинот на кој таа награда беше доделена на Барак Обама, но Рикардо Луна, уредник на италијанското издание на магазинот „Вајерд“, кој ја покрена целата иницијатива, објасни дека Интернетот последните години, стана форум за мирен дијалог и комуникација, иако често прераснува во сцена за излагање на суетите и фестивал на маскирани домашни миленичиња. Поради првиот факт, Интернетот игра важна улога во зачувувањето на мирот. вз/