4 февруари
Sarajevo-x.com
Британските психолози сметаат дека постои поврзаност меѓу претераното користење на Интернет и депресијата. Експертите од Универзитетот Лидс тоа го тврдат врз основа на некои индиции, но се уште не можат со сигурност да потврдат каква е всушност таа причинско-последична врска. Посебно затоа што повеќето испитаници во студијата немале проблеми со менталното здравје.
Заклучоците за можното влијание на Интернетот на човековата депресија се донесени по направената „онлајн“ анкета во која учествувале 1.319 испитаници. Луѓето биле испитани колку често го користат Интернетот и за која цел и дали некогаш страдале од депресија. Истражувањето покажало дека одреден број корисници развиле зависност и на тој начин го замениле реалниот живот со виртуелниот свет, па 18 испитаници биле класифицирани како интернет зависници.
„Интернетот има клучна улога во модерниот живот, но не треба да се заборави на неговата темна страна. Постојат луѓе кои користат интернет за купување, да праќаат електронски пораки или да плаќаат сметки. Меѓутоа, постојат и луѓе кои не можат да ја контролираат својата потреба за онлајн информации“, рече за Би-Би-Си авторот на студијата д-р Катриона Морисон.
Луѓето во групата која е определена како група на зависници, биле повеќе депресивни од анкетираните од другата група. Истражувањето покажува дека претераното затварање во вирутелниот свет може да предизвика депресија.
Меѓутоа, научниците се уште работат на тоа да откријат дали депресивните луѓе ги привлекува Интернетот или Интернетот предизвикува депресија кај човекот.
Некои психолози ги потенцираат позитивните страни на интернетот, како што е случај со д-р Ендрју МекКалок од Фондацијата за ментално здравје, која вели дека Интернетот е повеќе од корисен посебно во социјализација на личноста. Самото тоа што луѓето постојано се поврзуваат и наоѓаат пријатели има позитивно влијание на нивниот развој. Таа исто така предупредува дека не смее да дојде до замена на световите.
„Онлајн дружењата не смеат да се заменат со вистинските дружења со пријателите. Сепак мислам дека не треба да се отфрли ова истражување, бидејќи уште многу работи треба да се истражат“, рече д-р МекКалок. вз/ссм/11:32-МИА