Скопје, 4 февруари (МИА) - Со литургија на свештенослужители од Македонската православна црква и положување цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев денеска во црквата Св. Спас во Скопје почна одбележувањето на 138-годишнината од неговото раѓање. Литургијата ја водеше митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил во присуство на поглаварот на МПЦ г.г. Стефан.
Пред споменикот на Делчев цвеќе положија премиерот Никола Груевски, придружуван од министрите за внатрешни работи и за економија Гордана Јанкулоска и Фатмир Бесими, делегации од кабинетите на претседателот на државата и Собранието на Република Македонија, делегација од Министерството за одбрана предвоена од министерот Зоран Коњановски, како и претставници на политички партии, општини, институции и здруженија.
Поздравно говор за идеологот на македонската револуционерна борба одржа проф. Наташа Котлар, која, меѓу другото, рече дека Делчев е најзначајната личност на македонското национално и ослободително движење од крајот на 19 и почетокот на 20 век.
- Делчев е револуционер со балкански размери, масовник, организатор, идејник, агитатор, војвода. Тој е претставник на македонската национална интелегенција и авангарда чија основна задача беше изведување на морална и политичка револуција во конкретното исторско време, рече Котлар.
Цвеќе ќе биде положено и пред споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје, а во организација на издавачката куќа „Феникс“ и во рамки на Фестивалот на чајот и читањето ќе се одржи поетско читање посветено на Делчев, на кое со свои творби ќе настапат ученици од основните и средните училишта.
Одбележувањето на годишнината од раѓањето на Делчев е во организација на Меѓународната манифестација „Гоцеви денови“. Манифестацијата е финансиски помогната од министерствата за култура и за одбрана.
Гоце Делчев, визионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите, роден е на денешен ден во 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задрганичен претставник на ВМРО во Софија. Делчев е убиен од турска војска, на 4 мај 1903 година во селото Баница. бак/дма/13:43