Нов мост на Вардар, три сплава, објект за државна институција и пет катни гаражи, се дел од предвидените градби
Деспина Трајковска
Нема место за црква на плоштадот! Желбата на премиерот Никола Груевски да се изгради верскиот објект во центарот барем засега ќе остане неостварена, ако се суди според најновите корекции на ДУП „Мал ринг“. Нејасно е кој и со какво образложение сугерирал бришење на маркичката. Планот не предвидува изградба ниту на џамија на местото на некогашниот Офицерски дом. Мистерија засега е што ќе се случи со предвидената парцела за храмот, која летово, како што тврдеа од МПЦ и Министерството за транспорт, ја купија црковните власти. На тој простор, последните предложени измени на планот не предвидуваат каков било објект.
Како и да е, овие измени на ДУП-от се иницирани од Владата, како дел од нејзината програма за приоритетна изработка на урбанистички планови. Централната власт по шести пат за малку повеќе од две години урбанистички го прекројува централното градско подрачје според сопствени желби и потреби.
Нов пешачки мост на Вардар, три сплава, пет катни гаражи, објект за државна институција, фонтани и споменици кај плоштадот „Карпошово востание“ и во паркот „Жена-борец“ се главните дополнувања на планот. Практично, со последните прекројувања на ДУП „Мал ринг“ се овозможува изградба на објекти и други содржини што ги најавуваше градоначалникот Коце Трајановски во предизборието, како заеднички проекти со централната власт.
Авторите на измените, од проектантската куќа ИНПУМА, одбиваат да го коментираат и објаснат планот. Благоја Тагасовски и Силвана Ваноска, дел од авторскиот тим, за објаснување упатуваат на директорот Борислав Јосифов, но тој не одговара на повиците. Општинарите од Центар, пак, објаснуваат дека се' уште не го виделе планот и од тие причини не сакаат да го коментираат. Како дел од владината програма за приоритетна изработка на ДУП, „Мал ринг“ се носи по скратена постапка, па ќе ја помине само фазата на предлог-план.
Вчера заврши јавната анкета на која имаше доставено само една забелешка од граѓанин. Се очекува Советот на Центар, речиси како набљудувач, само да го аминува планот, доколку вообичаено преовлада владејачкото мнозинство.
Во недостиг од официјални толкувања, останува непознато за која државна институција е нацртана маркичката лоцирана помеѓу амфитеатарот и Уставниот суд на левата страна на Вардар. Единствено е јасно дека е предвидена изградба на објект со висина од 29 метри, додека објектот на Финансиската полиција и Јавното обвинителство ќе има кружна форма и висина дури до 35 метри. Сепак, мистерија е и дали помеѓу тие два објекта навистина ќе се гради амфитеатар или, пак, колонада од столбови. Единствено е посочено дека е предвиден објект со намена за култура.
Од паушалното разгледување на ДУП-от може да се забележи дека новина е пешачкиот мост на Вардар, кој ќе биде врска на театарот и Музејот на ВМРО со десниот брег. Планот предвидува и изградба на три сплава на реката, едниот пред наводниот амфитеатар, еден во речното корито пред театарот и еден отспротива. Нацртани се и пет маркички за катни гаражи, со вкупен капацитет од речиси 2.200 паркинг-места.
Најголемата катна гаража ќе се наоѓа спроти полициската станица „Беко“, предвидено е да достигне висина до 21 метар и да има 883 места за паркирање. Најмалата катна гаража, пак, ќе се гради на сегашниот паркинг што се наоѓа помеѓу „Холидеј ин“ и бензинската пумпа на влезот во ГТЦ. Ќе може да достигне висина до 15 метри, а планиран капацитет е 141 место. Во ДУП-от има маркички и за катна гаража на просторот помеѓу МЕПСО и управната зграда на „Т-хоум“ и една зад управната зграда на „Македонска пошта“. И двете со максимална висина колку деветкатница, првата со капацитет за 315 или 515 возила, а другата ќе обезбедува 267 или 297 места. Петтата маркичка за катна гаража е нацртана веднаш до музејот на холокаустот и е со максимална висина од 21 метар и планиран капацитет од 450 места.
Место за паркирање со последните корекции на планот е предвидено и во комплексот градби од левата страна на Вардар и тоа од подземен тип. Зад објектот на Уставен суд е планиран подземен паркинг со капацитет од 140 места, а зад кружниот објект со државна намена, е дозволено подземно паркирање на две нивоа со капацитет за 845 возила.
Авторите на планот во последната негова верзија ги „потврдуваат“ многуте спомен-обележја, за чија изградба Советот на Центар веќе донесе одлука. На плоштадот „Карпошово востание“ ќе се градат две фонтани со споменици, два портала, а во паркот „Жена-борец“ веќе најавениот обелиск, во чест на паднатите херои. (Дс.Т.)Утрински весник