За реставрација на верските објекти руската влада ќе издвои две милијарди рубли во 2010 година, изјави премиерот Владимир Путин
Од нашиот дописник
Бранко Влаховиќ
МОСКВА - Руската држава и оваа година ќе продолжи да ги враќа храмовите на Руската православна црква. За реставрација на верските објекти руската влада ќе издвои две милијарди рубли во текот на 2010 година. Економската криза влијаеше годинава сумата која државата ја издвојува за реставрација на храмовите да се намали за 23 отсто во однос на 2009 година. „Од 2005 до сега државата и' врати на РПЦ околу сто храмови“, изјави премиерот Владимир Путин и најави дека познатиот Новодевичји манастир во Москва во текот на оваа година во целост ќе биде предаден на Руската православна црква.
Новодевичкиот манастир е изграден во 16 век, а сега покрај свештениците во него се наоѓа и филијалата на Историскиот музеј. За целосно враќање на Новодевичјиот манастир премиерот Путин разговараше со патријархот Кирил и министерот за култура Александар Авдејев. Патријархот Кирил изјави дека враќањето на Новодевичкиот манастир ќе биде важен настан бидејќи има големо историско и духовно значење, не само за Москва, туку и за цела Русија. Во текот на состанокот беше речено дека е направен проект закон „за предавање на имотот на верските организации, кој претставува историско и уметничко богатство“. Се очекува дека многу објекти по враќање на црквата ќе бидат реставрирани со добротворни средства.
Новодевичкиот манастир е основан од големиот кнез Василиј Трети во 1524 година. Манастирот е споменик на архитектурата од светско значење и се наоѓа на списокот на УНЕСКО.
Министерот за култура Александар Авдејев тврди дека нема никакви проблеми околу враќањето на иконите од музеите во црквата и дека „проблем“ создаваат новинарите. Со министерот не се согласуваат еден број културни работници, кои велат дека музеите повеќе ги чуваат старите икони отколку храмовите.
Историчарот по архитектура Григориј Резвин верува дека ќе престане спорот за тоа кој подобро го чува историско-културното богатство, црквата или музеите, и дека тие во иднина ќе соработуваат. Во провинција храмовите подобро ги чуваат иконите отколку музеите, но во Москва и големите градови во музеите работат доволен број експерти. Се' зависи во какви услови се чуваат иконите.
Неспорно е дека советите на експертите им се добредојдени на оние кои раководат со храмовите каде што се наоѓаат вредни фрески и икони. Чадот од свеќите, доколку се во близина на иконите, може да ги оштети. Григориј Резвин се сеќава дека во древниот Владмир во црквата каде што се наоѓале фреските на Рубљов не знаеле како да ги чуваат. Што се однесува до Новодечкиот манастир, Григориј Резвин е оптимист бидејќи таму работат луѓе од високата култура кои знаат да ги чуваат светите нешта.
Извор: Утрински весник