Скопје, 10 февруари (МИА) - Во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ денеска свечено беше отворен Дом на кинеската култура, поддржан од Владата и во рамки на Спогодбата за културна соработка меѓу Република Македонија и НР Кина.
Домот е сместен во новоопремен и модерно уреден простор во НУБ, каде што јавноста ќе може низ голем број достапни публикации, електронски изданија, филмови, весници и списанија да се информира за различни теми од богатата и пет милениуми стара цивилизација - за кинеската уметност, литература, историја и туризам.
Амбасадорот на НР Кина во Скопје Донг Чунфенг на отворањето истакна дека кинеската цивилизација секогаш внимава на размената и комуникацијата со другите цивилизации.
- Кинеската традиционална култура формира човечност и етички стандарди на кинескиот народ и покажува влијание врз развојот на кинеската економија и општество. Шеесет години од основањето на НР Кина, особено над 30 години од реформите и отворањето кон светот, кинескиот народ пробива пат за нов развој и ги овозоможи огромните промени во Кина... Се надевам дека Домот ќе стане важен прозорец за запознавање на Кина и доживување на кинеската култура и оти ќе има соодветна улога во зајакнувањето на билатералните односи, соработката и пријателството меѓу Кина и Македонија, рече амбасадорот Чунфенг.
Заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ истакна дека новоотвореното катче на кинеската култура е конкретна материјализација на одличната соработка и комуникацијата меѓу двете земји. - Доказ за ова е и потпишаната Извршна програма за соработка во областа на културата меѓу двете министерства за перидот 2008-2011 година, рече Недељковиќ.
Директорот на НУБ Миле Бошевски посочи дека „Св. Климент Охридски“ има добра соработка со три библиотеки и центри во Кина. Тој укажа и на големиот интерес за изучување на кинескиот јазик во Македонија, особено по отворањето на Лекторатот за кинески јазик во 2002 година на Филолошкиот факултет во Скопје, каде што секоја година се запишуваат по околу 15 студенти. хс/ 15:02