Годинава „за“ бесплатно образование ќе протестираат студентски групи од речиси 30 земји во светот, а за тоа време македонските студенти ќе одржуваат трибини на таа тема
Македонските студенти нема да се солидаризираат со своите колеги од целиот свет и да протестираат против комерцијализацијата на високото образование, тие ќе држат трибини на кои само ќе зборуваат за овој проблем. Во пресрет на глобалната недела за акција што ќе трае од 9-ти до 18 овој месец, од студентското движење „Слободен индекс“ велат дека многу е краток периодот за да ги организираат студентите.
На листата земји од кои студентските организации го потврдиле учеството во глобалната недела за акција ја нема Македонија.
- Уште не сме се договориле на кој начин точно ќе се организираме. Имаме малку време и потешко е да ги мобилизираме студентите. Засега сигурно се знае дека ќе се одржуваат трибини - вели Васко Торков член на ова независно здружение.
Додека нашите студенти одлучат дали ќе бидат дел од акцијата под мотото „Образованието не е на продажба“, нивни странски колеги веќе почнаа да ги блокираат универзитетите. На четврти овој месец, пред зградата на државниот универзитет во Сан Диего, протестираа околу 600 студенти, од кои неколку стотици се вработени на факултетот за уметност, дизајн и на катедрата по историја на уметноста. Со транспаренти и пароли на кои пишува „Создадете уметност, не скусување пари“, тие го искажаа својот револт зошто за овие студиски групи годинава е скратен буџетот за речиси 20 отсто. Незадоволството на студентите и вработените го предизвикале и заради отпуштањата на 600 вработени од универзитетот што се случиле оваа есен.
Протести против школарината на државните универзитети се одржаа и во Онтарио, Канада на петти овој месец. „Студентите во Онтарио плаќаат највисока школарина во Канада, во период кога се соочуваме со најголем процент на невработеност на младите“, коментираа студентите.
Против болоњските правила на студии и против плаќањето за студирање на јавен универзитет, минатата недела протестираа и австриските студенти. Околу 2.000 незадоволни идни академски граѓани, го окупираа универзитетот во Виена.
На веб-страницата на Интернационалното независно студентско движење, се пријавиле дека ќе бидат дел од годинашните протести околу триесетина студентски групи и организации од исто толку земји во светот. „Не“ на комерцијализацијата на високото образование, ќе кажат студенти од Хрватска, Бугарија, Бангладеш, Франција, Австрија, Шпанија, Индонезија, Холандија, Египет, Хаити, Германија, Гана, Англија, Филипините, Индија, Порторико, Чиле, Колумбија и други.
„Јавните образовни институции се претвораат во место за бизнис, на студентите се гледа како на муштерии. Населението ширум светот е погодено од постојано намалување на буџетот за образование. Затоа, заедно да се обединиме против комерцијализацијата на образованието“, пишува на веб-страницата на студентското движење.
Хрватска веќе вети бесплатни студии од 2010
Драган Приморац, хрватскиот министер за наука, образование и спорт им вети на студентите бесплатно високо образование од академската 2010/2011 година. Предвидено е да се подготви законско решение, со кое оние студенти што ќе ги исполнат обврските (одреден број поени според Болоња), во целост ќе имаат бесплатно образование.
Ваквите најави покажуваат дека биле ефективни протестите на хрватските студенти, кои повеќе пати блокираа повеќе факултети и универзитети ширум земјата.
Автор: Антонија Поповска - Нова Македонија