Скопје, 17 ноември (МИА) - Во Скопје денеска се одржува работилница „Заедничка кујна - заеднички вкус“- проект на националните комисии на УНЕСКО на Македонија и Турција за заштитата на традиционалната храна што ги поврзува двете култури и спаѓа во нематеријалното културно наследство.
Целта е да се заштити историскиот континуитет на кујната на старата култура од која се уште има остатоци во Македонија и Турција. Проектот е резултат на теренски истражувања на храната спроведени во април и јуни во двете земји. Опфатени биле 25 испитаници во Македонија и 28 во Турција, од кои се собрани многу информации за јадењата, податоци како денеска тие се приготуваат во однос на минатото, материјалите кои се користат во нив, нивните називи, за начините и техниките за послужување, за обредите...
Работилницата ја отвори Лидија Топузовска, генерален секретар на Националната комисија на УНЕСКО на Македонија, која ја нагласи нејзината важност зашто таа е прв заднички проект на национални комисии на УНЕСКО во регионот посветена на заштитата на нематеријалното културно наследство.
- Духовното културно наследство претставува мост за поврзување на традицијата со денешнината, меѓу времето и просторот, мост меѓу генерациите, сведоштво и учебник за нашето постоење, потекло и иднина, истакна Топузовска.
Координаторот на проектот во Турција Мехмед Калпакли, специјалист за традиционална храна од Универзитетот во Анкара, рече дека истакнувањето на заедничките вредности на кујната од минатото и дијалогот меѓу заедниците е усогласено со филозофијата на УНЕСКО за заштита на духовното културното наследство, на кое му се заканува исчезнување. - Целта е да се развие и билатералната и регионалната соработка и создавање културен коридор, истакна Калпакли.
Амбасадорот на Турција во Македонија Аслан Хакан Окчал истакна дека кујната на една земја покрај што ги одразува навиките на нејзиниот народ за исхрана, е и значаен показател за нивната историја и култура. Тој посочи дека турската е меѓу најразвиените кујни во светот и оти е присутна пошироко во регионот поради историските влијанија на Медитеранот и Балканот.
- Овој процес не е едностран. Пренесувајќи ја својата кујна на овие простори, Турците истовремено од овдешните народи пренеле и нешто во својата кујна. Затоа денес зборуваме за заедника кујна, резултат на заедничката култура од 600 години, па среќаваме заеднички поими, како буурек, ќебап, долма, кафе, шербет, баклава или тепсија, кашика, софра, филџан, ѓезве, касап, фурнаџија, татлија..., рече Окчал. Тој додаде дека со денешната работилница која ги истражува заедничките вредности ќе се добие нова димензија на културната соработка меѓу Македонија и Турција. хс/са/12:24