Премиерот повикува на државно единство меѓу власта и опозицијата и го критикува лидерот на опозицијата, Бранко Црвенковски, дека не се заложил вистински за решавање на проблемот додека бил претседател на државата
Двојната формула е природна позиција на Македонија во спорот за имет со јужниот сосед, тврди премиерот Никола Груевски во интервјуто за „Форум“. Според премиерот, ваквата позиција е условена од однесувањето на Грција во преговорите, која инсистира на тоа да се промени уставното име на државата со името Република Северна Македонија, и тоа за надворешно и за внатрешно користење.
- Грција бара да се избрише името Република Македонија, со промена на Уставот, личните документи, а во однос на идентитетот нема подготвеност за признавање на македонската нација и јазик, ниту расположение да се разговара за тоа. Во една таква ситуација, наша логична позиција е природната позиција - двојната формула, со која на Грција и' нудиме во комуникацијата со нив да договориме друго име, а со сите други да важи уставното име - вели Груевски.
Тој признава дека има притисок од меѓународната заедница да се прифати се' што треба и што се бара за да се затвори спорот. Груевски вели дека и покрај тоа, Македонија останува во преговорите, бидејќи сака да дојде до решение на овој проблем што е државен интерес на Македонија. Сакаме да станеме членки на НАТО и на ЕУ и не сакаме да бидеме блокирани. Не сакаме да имаме проблем со јужниот сосед, проблем што не' исцрпува и нас и нив. Сепак, не ни е сеедно какво ќе биде ова решение - изјавува тој.
Во врска со последниот предлог на Нимиц, Груевски објаснува дека тоа е пакет на негови размислувања или модифициран пакет, спореден со октомврискиот предлог. До август, кога веројатно ќе ги повика двајцата преговарачи, идеите треба да се анализираат. Според Груевски, се' уште сме во рана фаза на оваа рунда разговори, но повика на државно единство.
- Сакаме преговорите да се водат со државно единство. Така ќе течат преговорите, а така ќе се носат и одлуките. Сите што ја сакаат оваа држава мора да ги збијат силите, инаку разединети нема да имаме поволно решение - порача тој. По повикот за државно единство меѓу власта и опозицијата, како што правела Грција, премиерот го критикува лидерот на опозицијата Бранко Црвенковски за тоа што додека бил претседател на државата не се заложил вистински за решавање на проблемот.
- Ние се доведуваме во позиција да се натпреваруваме кој ќе биде попопустлив, а со тоа се создава впечаток дека тој што е попопустлив за името, значи дека е повеќе за НАТО и за ЕУ. Тоа е погрешна теза, и тоа е само дел од тактиката на Црвенковски, кој, за жал, ова прашање го користи исклучиво како своја алатка за да се препукува со нас, велејќи дека целата одговорност е кај нас и глуми конструктивност, а притоа сака да заборавиме дека цели 17 години тој си поигрува со ова прашање и бега од негово решение. Тој сака да заборавиме дека е дел од причината за овој проблем, а сега се нуди како дел од решението. Ако го знаеше решението, зошто во 17 години не го реши проблемот - вели Груевски.
Тој останува на ставот дека референдумот за евентуално прифатливо решение е неопходен, а тој своето мислење ќе го каже во законското време за кампања. Сепак, не очекува тоа да биде пресудно, бидејќи граѓаните веќе имаат свое изострено чувство за ова прашање и лесно можеда пресудат што е добро, а што не. Политичарите, според него, се минлива категорија, а народот и по нивното заминување ќе треба да живее со или без решението за кое би се гласало.
Извор: Дневник