Авторскиот профил на Етернијан на веб-сајтот на „The Poetry society“
Британското поетско друштво (The Poetry Society) го селектираше македонскиот поет Јовица Тасевски-Етернијан од сите новопримени членови во текот на вториот квартал оваа година како најзначаен нов член, објавувајќи го неговиот авторски профил на својата интернет- страница
Профилот на Етернијан е објавен заедно со еминентните поети Ендру Моушн, Шон О’Брајан, Мајкл Симонс Робертс, како и со претставници на помладата генерација англиски поети како Сара Вардл, Клер Полар и др.
На интернет-страницата на Британското поетско друштво (www.poetrysociety.org.uk) секој квартал се претставува само еден нов член со фотографија и кратки биобиблиографски податоци.
- Посебно ми е мило што сум претставен како поет од Македонија, а не од ФИРОМ – вели македонскиот истакнат поет, критичар и есеист Јовица Тасевски-Етернијан.
Тој од неодамна е полноправен член на британската поетска асоцијација „Д Поетри сосајти“, која оваа година слави еден век од основањето. Ова поетско здружение има големо влијание на британ
ската книжевна сцена и во него членуваат најпознатите поети од Велика Британија, меѓу кои и досегашниот поет-лауреат Ендру Моушн и новоизбраната поетеса на кралското семејство Керол Ен Дафи, како и голем број афирмирани поети од светот чија поезија е преведена на англиски јазик.
Друштвото има голем број активности што се поддржани од Уметничкиот совет на Англија. Оваа поетска асоцијација доделува неколку награди за поезија, организира книжевни трибини и работилници, како и повеќе поетски читања, меѓу кои е и поетското читање што по повод Денот на поезијата се одржува во Бакингемската палата под покровителство на кралицата Елизабета. Исто така, здружението го издава водечкото поетско списание во Велика Британија „Поетри ривју“ и поетскиот весник „Поетри њуз“ и објавува поетски антологии, теориски и критичко-есеистички книги поврзани со поезијата.
Етернијан е автор на пет поетски и две критичко-есеистички книги. Неговата поезија е застапена во повеќе антологии и препеана е на неколку јазици.
Автор: В.Д. - Нова Македонија