Програма за соработка во културата, образованието, науката и спортот меѓу Македонија и Русија за 2009-2011
Скопје, 3 јули (МИА) - Република Македонија идната година ќе отвори културен центар во Москва, а Руската Федерација во Скопје. Народите на двете земји одблиску ќе ги запознаат културите и на возвратните манифестации - Денови на руската култура и православието во 2010 година во Македонија и Денови на македонската култура во 2011 во Русија.
Ова се меѓу зацртаните цели во Програмата за соработка во областа на културата, образованието, науката и спортот за 2009-2011 меѓу владите на Република Македонија и Руската Федерација, која денеска во Скопје ја потпишаа министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и рускиот амбасадор во земјава Владимир Д. Солоцинскиј.
Канческа-Милевска истакна дека Русија е голем поддржувач на Македонија и оти Програмата е одлична можност за продлабочување на пријателството преку размена на креативната енегија на македонски и руски уметници, научници и спортисти.
- Со поптпишувањето на програмата, Владата демонстрира политика која е единствена и отворена за презентација и развој на уметностите и негување на културното наследство, образованието, науката и спортот, се со цел сите заедно да постигнеме еден ист резултат - афирмација на заедничкиот карактер што го поседуваат сите земји на европскиот континент, но во исто време и зачувување на разнообразноста што ја карактеризира Европа, но и секоја нација и држава, истакна министерката Канческа-Милевска.
Амбасадорот Солоцинскиј рече дека Програмата е добра база за натамошно развивање на односите на двете земји во дејностите што ги опфаќа, но и пошироко - за сестрана соработка, во економијата и политиката.
- Во Русија има голем интерес за културна Македонија. Меѓу народите на нашите земји постојат духовни културни врски со вековна традиција и драго ми е што Владата на Република Македонија посветува големо внимание за продлабочување и развивање на овие односи. Ние сме заинтересирани македонската јавност повеќе да знае за денешна Русија, но и да го збогатуваме духовното наследство оставено од нашите предци, истакна Солоцинскиј.
Тој ја пренесе поканата од рускиот министер за култура Александар Авдеев до Канческа-Милевска таа наскоро да ја посети руската престолнина.
Македонија и Русија имаат интензивни релации во областа на културата. Канческа-Милевска неодамна имаше средба со директорот на „Мосфилм“ на која беше договорено оваа година во соработка со Филмскиот фонд на Македонија овде да се одржи Недела на рускиот филм, а идната година и македонскиот филм да биде претставен во Русија.
Монодрамата „ЕЕГ-Електроенцефалограм”, авторски проект на Ѓорѓи Јолевски и Театар „Квартет”, освои специјална награда на седмиот Интернационален биенален фестивал на монодрама „Монокл”, а во мај годинава Македонија беше домаќин на состанокот на Бордот и Програмскиот совет на Форумот на словенски култури. хс/скс/12:53