Печатеното издаваштво доживеа неверојатен технолошки пресврт и отсега веќе ништо нема да биде исто, бидејќи издаден е првиот магазин со хартија направена од електронско мастило, наречено е-инк. Тоа е иновативен начин на пишување изменливи дигитални содржини на најразлични површини.
Ова мастило веќе извесно време се користи кај некои мобилни телефони и е-читачи на книги, како „Кидел“ на „Амазон“, но ова ќе биде првпат електронското мастило да се употреби во весник.
Честа прва да го употреби му припадна на американскиот магазин „Есквајар“, кој токму со оваа иновација ја прослави 75-годишнината од своето постоење.
Но, сепак во реалноста, оваа иновација сè уште е во зародиш, бидејќи електронското мастило се наоѓа само на насловната страница и на една реклама внатре. Овој експеримент не се одликува со естетско совршенство, бидејќи на корицата трепери речиси неугледниот наслов „21 век почнува сега“, а неколкуте сликички постојано го менуваат интензитетот на осветлувањето.
РЕВОЛУЦИОНЕРЕН НАСТАН
Самото аплицирање на електронската хартија во јубилејното издание на „Есквајар“ е настан број еден. Испринтани се дури 100.000 дигитални примероци, иако трошоците за производство биле големи, пресметано е дека новинската куќа може да ги издржи. За да се реализира амбициозниот проект, совладани се и многубројни технички проблеми. Пронајдена е доволно еластична електронска хартија, а во списанијата е вградена издржлива батерија што може да трае дури 20 дена.
Со овој револуционерен потфат издавањето на весниците оди во чекор со развојот на модерните технологии. Насловницата на „Есквајар“ го означи почетокот на новата ера на интерактивни весници, во која на страниците на нашите омилени списанија ќе има „живи“ слики и анимации. Со оглед на сите овие новини, навистина иднината почнува сега!
Извор: Нова Македонија