Со „Оче наш“ до петка
Основни знаење за Светото писмо, разбирање на поимот за Бог, Исус Христос и Богородица, како и запознавање со најголемите христијански празници, Божик, Богојавление и Велигден, се содржините со кои првпат годинава се запознаваат петтоодделенците што избрале да изучуваат православна веронаука. Наставната програма за овој предмет предвидува децата да ги почнуваат часовите со молитвата „Оче наш“, а да ги завршуваат со пеење на молитвата „Богородице Дево“ или од поголемите православни светци. На предавањата за Божик ќе се учи нова верзија на песната „Коледе“, а децата ќе се поттикнуваат и да пишуваат состав според примерот на библискиот текст за Воскресението. Како што стои во програмата, на учениците ќе им се објасни дека под видот вино и леб, кои се даваат на причест, се наоѓа вистинскиот Христос, дека молитвата е темелен човеков став пред Господ, а децата ќе треба да научат да признаваат кога се виновни и да бараат прошка. Професорот на Православниот богословски факултет, д-р Ратомир Грозданоски, кој е еден од подготвувачите на програмата, вели дека добивката на петтоодделенците кои избрале веронаука ќе биде нивниот воспитен карактер. - Во нашиот образовен систем на децата воопшто не им нудиме воспитание, туку само образование. Недостига етика, во животот на луѓето нема морал и со тоа постојано се среќаваме во секојдневието. Идејата е часовите по веронаука да станат училишта на љубов и на морал, а задачата ни е во детето да ја изградиме најдобрата човечка личност. Тоа не го даваат часовите по запознавање со религиите, таму има само информации за историски личности и настани, но ништо од тоа не придонесува за изградување на нивната личност - смета Грозданоски. За полемиката дали на часовите има верско дејствување или не, Грозданоски вели дека програмата е работена според јасни насоки од Бирото за развој на образованието. - Предаваат професори кои главно се без свештенички чин и не носат свештеничка облека. Што се однесува до кажувањето молитви на часовите, јас знам многу студенти кои пред испити кажуваат молитви, или младинци кои на стадион шепотат молитви. Ако не му пречи на детето во Даблин да се помоли пред почетокот на часот или на она во Атина или во Германија, тогаш зошто е спорна молитвата и зошто таа да не биде јавна - смета Грозданоски. Негова препорака до вероучителите е сите деца да имаат петка по овој предмет. - Тврдам дека децата со својата чистота многу подобро ќе ја разберат веронауката отколку возрасните, кои се оптоварени со предрасуди. Во евангелието стои дека Христос од нас бара да постапуваме како деца. Затоа тие веќе ја имаат петката, а ние возрасните треба да ја заслужиме - вели Грозданоски.
Извор: Време