Тим Бернерс-Ли, изумителот на системот за поврзување на интернет-страниците, основа фондација што треба да ја зголеми достапноста на Интернет во светот и да им помогне на корисниците да утврдат дали податоците што ги наоѓаат се точни.
Како што пренесе Би-би-си, Бернерс-Ли изјавил дека е загрижен поради тоа што преку Интернет често се шират застрашувачки информации и гласини, како онаа последната дека симулацијата на ЦЕРН во Женева ќе предизвика создавање црна дупка и крај на светот.
И Бернерс-Ли во 1989 година работел во Европската лабораторија за нуклеарни истражувања (ЦЕРН) во Женева и токму тогаш го создал Ворлд вајд веб (WWW), системот за поврзување на документите на Интернет.
Преку светската мрежа можат да се шират и култови што се засновуваат на мал број луѓе, како и различни теории на заговор, укажа тој во интервјуто за Би-би-си.
ПОДАТОЦИ ЗА СИГУРНОСТА
Поради тоа Бернерс-Ли со колегите од конзорциумот „Ворлд вајд веб“, кој се занимава со развојот на интернет-стандардите и софтверот, основа фондација „Ворлд вајд веб“, која треба да им овозможи на корисниците да дознаат колку сајтовите што ги посетуваат се сигурни и веродостојни.
- Не сум воодушевен од идејата сајтовите да се обележуваат со едноставни оцени во вид на бројки, како класификацијата на интелигенцијата, затоа што сајтовите се разликуваат меѓусебе, исто како и луѓето. Мислам дека различни организации, секоја посебно, треба да ги оценуваат интернет-страниците - изјави Бернерс-Ли.
Задачата на фондацијата ќе биде и да ја зголеми распространетоста на Интернет, бидејќи сега само 20 отсто од целокупното светско население има пристап до светската интернет-мрежа. Ли најави дека фондацијата преку мобилните телефони ќе се обиде да го направи Интернет подостапен до популацијата, а нејзина цел е зголемување на бројот на корисниците во Африка и други сиромашни делови на светот, каде што нема многу компјутери, но има мобилни телефони. Исто така фондацијата ќе им овозможи на неписмените да се едуцираат преку Интернет.
- Интернетот е креативен медиум, а неговиот развој е ограничен само со границите на нашата фантазија - вели Бернерс-Ли.
Извор: Нова Македонија