На секои 10 минути дознавате кои новости се случиле во државата. Не се труете со вести од еден медиум, туку на дланка ги имате информациите од сите медиуми што имаат сопствени веб-страници. Ги знаете и топ-темите на денот, односно вестите на кои македонските медиуми им посветиле најголемо внимание.
„Ова е најдемократскиот начин за одредување топ-вести на денот“. Вака накратко младиот професор Игор Трајковски го објаснува својот нов изум - веб-страницата www.time.mk, која во себе содржи комбинација од работата на „Google news“ и познатата енциклопедија „Wikipedia“.
Веб-страницата, која Трајковски ја изработи непосредно пред завршувањето на неговиот ангажман во „Гугл“, е единствена од ваков тип на Балканот. Она што „Гугл“ го прави на светско ниво (собира вести од 4.500 медиуми), Трајковски го направи во Македонија. Тој нема финансиска корист од овој ангажман, но смета дека македонските граѓани треба да знаат кои теми на денот се најважни и изборот на тие теми да биде наполно независен од човечка интервенција.
- Од вкупно 20 медиуми, односно од дневните весници, телевизиите, новинските агенции, порталите и радијата на секои 10 минути директно од нивните веб-страници се собираат новообјавените вести. Потоа тие се анализираат, односно се одредува нивната содржина, врз чија база се групираат вести што известуваат за една иста тема. На крајот се одредува кои теми се најважни за тековниот ден и тие се прикажуваат на првата страница. На тој начин читателите можат да видат како биле обработени вестите од различни медиуми, а воедно и да ги видат топ-темите на денот. Ако некој медиум решил да скрие нешто важно, некој друг нема. Во тоа и се состои демократијата - објаснува младиот професор.
Истото ова „Гугл“ го прави на светско ниво - обработува вести од илјадници медиуми, кои понатаму можат и да се локализираат според држави. Во балканските држави сè уште не постои ваков начин на обработка на вестите, па следниот чекор на Трајковски е на веб-страницата да ги стави вестите и од балканските медиуми, преведени на македонски јазик (се разбира, изборот и преводот на вестите ќе се прават компјутерски).
Изгледот на веб-страницата е многу едноставен, ненатрупан, чист. Топ-веста (која се одредува според тоа колку и кои медиуми пишуваат за тоа и колку е нова веста) е поставена најгоре, а може да се види како сите медиуми во Македонија ја обработиле истата тема. Трајковски, анализирајќи ги информациите објавени во последниов месец, ни ги кажа и топ-темите во државава. Несомнено е дека македонските медиуми најмногу пишуваат за апсењата, а и граѓаните претпочитаат да читаат за тоа. Така, апсењето на Радован Караџиќ, апсењето на Зоран Заев и враќањето на Љубе Бошкоски од Хаг биле топ-теми во минатиот месец.
Трајковски нема никаква допирна точка со новинарството, но направил интересни статистики во поглед на медиумите. Така, сите медиуми во Македонија дневно произведуваат од 750 до 800 вести, од кои околу 150 се дупликати, односно преземени едни од други и непроменети се проследени. Тиме.мк не генерира нови, туку само одредува кои се топ-вести и ги класифицира во неколку категории: Македонија, свет, економија, култура, занимливости и спорт. Вестите се читаат на матичните страници на медиумите.
- Идејата, освен од „Гугл“, ја добив и од енциклопедијата „Википедија“. Таму страниците немаат еден автор, туку потенцијално секој корисник на Интернет може да биде коавтор, па точноста на информациите е контролирана од милиони читатели. Оттаму веројатноста за грешка во изборот на топ-вести е многу помала кога имаме повеќе извори. Затоа јас веќе престанав да ги следам медиумите поединечно. Исто така, одлучив да не ја трупам страницата со реклами, затоа што луѓето треба да ја посетуваат за да се информираат објективно, без некој да е во предност затоа што има повеќе пари. Освен тоа, тие не мора да одат на десетина сајта за да најдат нови вести, туку овде на една страница ги имаат сите - вели тој.
Веб-страницата почна да функционира на први јули годинава, а засега има повеќе од 3.500 посетители дневно.
По седум години низ светот, повторно назад во Македонија
Трајковски е доктор по компјутерски науки, кој седум години се усовршува во европските и во американските држави. Магистрирал во Германија, а докторирал во Словенија. Пет месеци поминал на работа во Калифорнија во компанијата „Гугл“, а потоа уште три месеци во Цирих.
Со сето знаење што го собрал, идниот месец се враќа во Македонија. Веб-страницата тиме.мк е само почеток од она што може да го очекуваме од него во иднина. Тој работи како професор на „Њујорк-универзитетот“ во Скопје, а планира да предава и на постдипломските студии на новиот факултет за информатички технологии.
Автор: Мери Јордановска -Нова Македонија
Посети:{moshits}