Генетичката храна како најново стратегиско оружје (1)
Политичкиот притисок од страна на САД да се прифати ширењето на генетички модифицираната храна се случи во мај 2003 година, кога американскиот претседател Џорџ В. Буш одржа една од неговите ретки конференции за печат
Констатиравме дека присилувањето на некои држави да воведуваат генетичка храна беше сличен процес како и при контролата на нафтениот бизнис. По драстичното зголемување на цената на нафтата за околу 400 отсто во периодот од 1973 до 1979 година, многу земји беа соочени со огромниот недостиг од потребни долари за купување увозни стоки, особено за нафтата. Во моментот на најтешкиот удар на нафтениот шок во 1974-1975 година истовремено светот го погоди голема суша каква што не беше запаметена со десетлетија. Поради потребата за увоз на големи количества жито и други продукти од САД и од земјите на Западна Европа, поголем број од земјите во развој беа соочени со глад, а истовремено неспособни да финансираат толку големи количества увозна храна. Настана дополнителен проблем кога Велика Британија и САД во август 1971 година го укинаа користењето на златото како покритие за доларот, по што настана зголемување на цената на нафтата. Цените на суровините кај земјите во развој во ситуација на глобална рецесија од 1974-1975 година беа значително намалени. Како резултат на тоа, целиот индиски потконтинент, голем број африкански земји и многу јужноамерикански земји западнаа во тешка економска криза. Се создадоа сите потребни предуслови за да можат моќните американски компании, кои ги создадоа генетичкото семе и хербицидите, да стапат на сцена и со помош на американската званична политика да стапат во освојување на светскиот пазар. Од 1966 година, кога патентираното гемо-семе стана достапно за масовна комерцијална употреба, примената на таквото семе се зголемуваше со неверојатна брзина. Заговарачите на генетички модифицираните земјоделски производи го величеа таквото семе, а неговата примена ја нарекоа „втора зелена револуција“. Притоа мислеа на периодот по Втората светска војна, кога во земјоделството почна да се применува модерната технологија и истата таа го доби името „прва зелена револуција“. Политичкиот притисок од страна на САД да се прифати ширењето на генетички модифицираната храна се случи во мај 2003 година, кога американскиот претседател Џорџ В. Буш одржа една од неговите ретки конференции за печат. Светската јавност размислуваше за стравовите и можните случувања во повоениот Ирак и на опасноста од ширење на безредијата во исламскиот свет. Претседателот Буш најави дека Владата на САД одлучила кај Светската трговска организација (ВТО) да покрене тужба против Европската Унија поради нејзината одлука за забрана на користење на генетичкото семе. Буш објави дека долготрајниот глад во африканските земји е директна последица на одлуките на ЕУ за забрана на користење на генетички модифицирани земјоделски производи во Европа. Се стекнува впечаток дека за Владата на САД прашањето за ширење на генетички производи е еднакво важно како и окупацијата на Ирак и неговото големо нафтено богатство. Врз примерот со Ирак се покажува дека профитот при присилување на државите да воведуваат примена на гемо-семе е еднакво, ако не и поголемо, од профитот со нафтениот бизнис. По американската окупација на Ирак во март 2003 година, власта врз целокупното ирачко стопанство се спроведуваше од Пентагон. Во мај 2003 година Пол Бремер беше поставен за управител на новосоздадената привремена коалициска управа во Ирак. Во окупираниот Ирак, Бремер имаше власт да одлучува за сите подрачја од цивилниот живот. Тој не даваше извештаи на Министерството за надворешни работи, туку на Пентагон. Американската окупациска власт донесе во Ирак сто закони (декрети), кои стапија во сила во април 2004 година. Под командата на Бремер, Ирак требаше да стане модел на агробизнисот со користење генетички модифицирана храна. Декретот број 81 бил наречен Закон за патенти, индустриски дизајн и тајни информации. Со тој декрет им се даваат исклучителни права на 20 години на сопствениците на патенти на определени земјоделски сорти, кои им припаѓаат на мултинационалните компании на чело со Монсанто за употреба на нивното семе во ирачкото земјоделство. Заштитените билни сорти биле генетички модифицирани сорти, а ирачките земјоделци требале да потпишат договори со сопствениците на семенските патенти и да се обврзат дека ќе плаќаат „технолошка такса“ и годишна лиценца за сеење на патентираното семе. Ако некој ирачки земјоделец остави дел од производите за семе за следната година за сеење, тој морал да плати строга казна. Ирак е земја што историски поседува дел од Месопотамија, каде што плодните долини меѓу реките Тигар и Еуфрат создаваат идеални услови за земјоделство. Со години наназад Ирак го чувал семенскиот род од природните сорти во државната семенска банка, сместена во градот Абу Хариба. По американската окупација на Ирак, непроценливата банка на семиња веќе не постои. Во 2004 година генетички модифицираните полиња биле посеани на една четвртина од вкупните земјоделски површини во светот. Втора земја во светот, според количествата на обработливите површини засеани со гемо-семе, веднаш по САД, била Аргентина. Значителни програми за одгледување такви насади уште тогаш имало во Канада, Јужна Африка и во Кина. Аргентина доживеала слична судбина како и Ирак под притисок на светските финансиски центри на моќта. Суштината за ширење на гемо-семето лежи во фактот што тоа не може да се репродуцира. Во таквото семе е вграден ген за заштита од репродукција. За разлика од нормално запрашено семе, кое давало плодови слични на оние од кои и самото настанало, приносот од семиња од генетичко потекло е значително помал од оној во првата генерација. Таквото намалување на приносот со употреба на гемо-семињата во втората генерација значело дека земјоделците треба за секоја жетва да купуваат ново генетичко семе. Со таквата политика е остварена целта на мултинационалните компании од агробизнисот преку генетичките семиња да можат да стекнуваат контрола врз големите агрокомпании на светското земјоделство. Дали можеме да замислиме подобро, односно полошо оружје за масовно уништување преку ваквата контрола над семето што треба да се купува секоја година? Што може да се случи ако една држава нема доволно финансиски средства за да купи семе или ако некоја мултинационална компанија не сака некому да продава генетичко семе. Ќе настапи глад во таквата држава, а со тоа следуваат и други последици. Македонија засега не е под таков притисок за воведување генетички модифицирана храна поради одлуката на ЕУ за забрана на производство на генетички модифицирана храна.
Авторот е воено-политички аналитичар
Автор: Петар Шкрбина -Нова Македонија
Генетичката храна како најново стратегиско оружје (1)