Марија Попова, блогерка
Антидот на културата на Гугл
Марија Попова и нејзиниот блог BrainPickings се фино освежување од доминантните содржини на интернет. Книги, уметност, наука, фино дизајнирано и читливо. Така мислат и 1,2 милиони читатели месечно. Еве што мисли таа.
Што е заеднички именител за она што го објавувате на сајтот?
Доколку нешто ме интересира и е и безвременско и актуелно, пишувам за него. Голем дел од она што се објавува онлајн е содржина направена така за да умре за некоклу часа, па најголемиот дел од материјалот го наоѓам офлајн. Гравитирам сè повеќе кон историски теми, кои се по малку опскурни но сепак актуелни заради нивниот сензибилитет и порака. Ни треба антидот на оваа култура на „ако не можеш да го изгуглаш, не постои". Има огромно знаење и инспирација офлајн, идеи кои се сè уште многу релевантни и интересни.
Со 12, милион читатели месечно и 3 милиона прегледи на страници, вашиот сајт може да биде добро место за рекламирање, но наместо тоа вие од читателите барате доброволен прилог. Што имате против рекламирањето?
Има едно убав писмо кое новинарот Брус Бливен го напишал во 1923. до неговиот уредник. Се однесува на тоа како одговорниот за тираж го презел весникот, и одлучувал за тоа што ќе биде на насловна. Денес, оптимизацијата на пребарувачите е истиот тој „одговорен за тиражот" на интернет. Не ги става интересите на читателот на прво место - ги претвора во очно јаболко кое може да се продаде, и потоа го продава на оние кои рекламираат. Ако почнете да ги третирате вашите читатели како монета за поткусурување, вие не сте веќе заинтересирани за проширување на нивните интелектуални хоризонти или подобрување на нивниот живот. Не верувам во овој модел, на претворање на луѓе во валута. Тогаш станувате поодговорни кон оние кои ги рекламирате, отколку кон вашиот читател.
Зошто луѓето би плаќале за нешто кое го добиваат бесплатно?
Делумно затоа што луѓето формираат емоционална врска со сајтот и имаат чувство на припадност и се горди што можат да поддржат нешто во коешто уживаат. Од истата причина луѓето донираат на јавните библиотеки со векови. Но прашањето на алтруизмот е веројатно најстарата дебата во историјата на филозофијата - дали ние правиме нешто затоа што се чувствуваме добро, или затоа што сакаме вистински и несебично да придонесеме кон нешто. Мислам дека секогаш станува збор за двете работи.
Подкастите кои живеат од донации и сајтовите стануваат сè повообичаени. Имате некои идеи како да ги зголемите донациите?
Не сум била нешто стратешки ориентирана кон ова: доаѓам од источна Европа, каде не зборуваме многу за пари. Имам огромна аверзија да ги барам; целата идеја на живеење базирано врз донации од други луѓе ми е некако непријатна. Еден мој пријател неодамна сугерираше дека треба да ги нагласам повиците за претплата: почнав да го правам тоа пред два месеца, и резултатите се одлични. Исто така имам електронски њујзлетер, кој многу се разви. Неговите претплатници се далеку највеликодушните донатори - веројатно тоа има врска со тоа што и-мејлот е интимно средство на контакт.
Со оглед на тоа што заработувате за живот онлајн, какви промени гледате во иднина за луѓето како вас?
Секогаш е тешко да се одделат предвидувањата од надежите. Се надевам дека моделот на микро-патронат ќе се развие, и ќе им помогне на повеќе луѓе кои се страстно посветени на некоја тема да ја пренесат без да бидат зависни од парите од реклами. Дури и денес, на пример, Radiolab (подкаст на WNYC, јавна радио станица на Њујорк), како и Longreads, кој ги агрегира најдобрите долги текстови онлјан, има платено членство. Во овој случај вредноста која ја наоѓааат луѓето е во пакувањето на слободната содржина, средбата помеѓу уредничкото и кураторското - тоа е она што ги поттикнува луѓето да платат, и се надевам ќе има уште многу такви примери.
Што им кажува вашиот бизнис модел на индустриите кои се погодени од интернет - музичката, на пример, или весниците?
Моделот на повеќето медиуми денес е реплика на златното доба на весниците - продавање рекламни страници - што не може да се преслика на интернет без прилагодување на длабоката разлика на овој медиум. Би било наивно да се каже дека решението е едноставно да се замени комерцијалниот мотив со некој вид мотив за социјално добро, но двете не мора меѓусебно да се исклучуваат. Сепак, треба да се сменат многу работи околу тоа како ги финансираме медиумите денес, пред да можеме да имаме поорганска конвергенција на обата - нешто кое ќе биде и индустрија и служење на јавното добро, или во најдобриот интерес на публиката.
Обединетите нации не успеа во регулирањето на интернетот. Дали ова е добро?
Не верувам дека целосна анархија е клучот на сè, но она што ме загрижува околу регулирањето на интернет - или, регулирањето на кој било друг аспект на општеството, како имиграцијата - е претпоставката дека, ако нема правила, поголем број луѓе ќе вршат зло отколку што би правеле добро. Ова е трагично ако се земе како основна за раководење на човештвото.
Кои се најдобрите и најлошите работи кои ги донесе интернет?
Се секирам за временската организираност на интернет - сè што е онлајн е базирано врз вертикална хронологија. Најновото лебди на врвот, а постарите теми тонат кон дното. Го кажувам ова бидејќи ако нешто е поново излегува дека е порелевантно, па сепак, во културата најдобрите идеи се безвременски, тие немаат рок на траење. Ова го прави интернет-от несоодветен медиум за организирање информации и давање приоритет на знаење. Најдобрата работа е очигледно восхитувачкиот пристап до речиси бескрајно многу информации. Мојата надеж е дека ако најдеме подобар начин да ги претвориме овие информации во знаење и мудрост, ќе бидеме способни да го претопиме првото во второто.
Какви бевте како дете? Дали бевте едно од оние кои можат да ги победат родителите во шах на 4 години?
Секогаш одев во компетитивни училишта, бев неверојатен перфекционист. Се сеќавам дека во четврто добив 5- по историја, и отидов кај учителката да прашам дали може да ја поправам. Сè уште се чудам на ова! Со годините научив да го регулирам тој неразумен перфекционизам.
Опишете типичен ден.
Станувам, пишувам неколку твитови и одам во салата за фитнес, каде доста читам на подвижната трака. Ми помага да се концентрирам. Долго време мислев дека сум ексцентрик, но потоа дојдов до една книга од 1942. со наслов „Анатомија на инспирацијата" од Розамунд Хардинг. Таа истражува дневници на познати писатели, научници и музичари и изгледа дека голем број од нив ја опишуваат врската помеѓу движењето и креативноста.
Значи верувате дека менталната и физичката вежба се поврзани?
Да. Не во очигледната смисла на тоа „во здраво тело здрав дух". Сè потешко ми станува да седам во место и да читам бидејќи умот ми оди на друго место, но ако телото ми е зафатено - а тренирам доста интензивно - кога сум на работ на физичка издржливост, мојот ум не може да бега од себеси толку лесно, и можам подобро да се концентрирам на читање.
Минувате 450 часа месечно на сајтот: тоа 15 часа дневно. Како се релаксирате?
Луѓето секогаш зборуваат за пронаѓање на рамнотежа меѓу работата и животот, но за мене тоа е трагичен концепт. Нема разлика помеѓу работата и мојот живот. Не го гледам тоа како работа. Нема поголема радост од, како што тоа го кажал Ричард Фејнман, задоволството од откривање на нештата.
Извор: Гардијан
Преземено од : http://off.net.mk/bookbox/antidot-na-kulturata-na-gugl