Проф. д-р Ратомир Грозданоски, протоѓакон
МИРОТВОРЦИТЕ – СИНОВИ БОЖЈИ
Седмо блаженство:
„Блажени се миротворците,
зашто тие ќе се наречат синови Божји!“
(Матеј 5,9).
Миротворец e име дадено од Бога
На денешнава тема „Јубилеи на значајни личности и настани“ се говори за свети Наум Охридски (1 100 години од смртта) и за Мајка Тереза (100 години од раѓањето). Покрај другите епитети и именувања за нив, како мајка Тереза, отец Наум, преподобен, свети и сл., овие, и ним сличните личности, имаат и едно заедничко име кое произлегува од Библијата. Нивното библиско – евангелско име е миротворци. Тоа име им го дал Господ Исус Христос. Тоа е нивниот заеднички духовен коефициент. За таквите Господ уште рекол дека се блажени. Тоа е нивниот заеднички свет именител. Така се именувал и свети Наум, блажениот учител и блажениот отец наш Наум Охридски, а и Мајка Тереза е наречена блажена. Што е, пак, блаженството? Блаженство е постојана радост на душата. Тоа е траен мир во себе и миротворство кај луѓето. И најпосле, миротворците, не само што ги именувал блажени, туку за нив Христос рекол и дека ќе се наречат синови Божји. Таква е наградата од Бога за оние чиј белег е мирот и љубовта – миротворците.
Мирот започнува во нас и со нас
Миротворството се гради во своето срце. Тоа се раѓа, се негува, расте и се развива во нас внатре, во душата и во срцето. Тоа живее во чистото срце на човекот. Дури тогаш тој постанува миро¬творец за себе и за другите. Затоа, преподобен Варсануфиј Велики рекол дека треба најнапред да постанеш миротворец на сопственото срце, па потоа ќе можеш и други да помируваш и да миротвориш. Почетокот е во здобивањето на „мирот Божји“ во себе, како ослободување од страстите и како плод на Светиот Дух (Гал. 5,22). Тој мир Божји го „надвишува секој ум“ (Филип. 4,7) и тој не може да се добие без дејствувањето на Светиот Дух. Таквиот, пак, мир е оној вистинскиот душевен мир што не може ништо да го наруши кај човекот: ни мака, ни тага, ни страданија, ни неволји, дури ни смртта. Тој е внатрешниот мир, што им се дава и на другите и мир што миротвори.
Затоа велиме дека миротворци се оние кои мирот Божји го имаат најпрво во себе, а тоа се луѓето кои имаат љубов во душата и чисто срце; кои имаат чиста совест, мир и спокојна душа; кои живеат во слога и мир со сите; и кои внесуваат мир меѓу другите луѓе, измирувајќи ги скараните и молејќи се за нив. Самите тие, пак, лично со сите се во мир, во љубов и во согласност, а ги измируваат и другите, коишто имаат меѓусебни распра¬вии, раздори и непријателства. Ако, пак, не можат да го постигнат тоа, тогаш Му се молат на Бога за нивно измирување. Тие не можат рамнодушно да ја гледаат омразата, злобата, гневот и непријателството кај луѓето.
Еврејскиот збор „шалом“ најдобро го изразува мирот и значи потполна добрина на личноста.
Божјиот мир во нас е троен според троединството на личноста: мир на разумот, мир на срцето и мир на волјата. Ние сме слаби, но кога е Господ со нас ќе ни помогне да опстоиме во мирот, а тоа значи дека треба „да се грижиме секогаш да имаме чиста совест пред Бога и пред луѓето“ (Дела 24,16; 23,1). Само така ќе го изградуваме, чуваме, зголемуваме, зајакнуваме и умножуваме внат¬решниот, духовен мир, а потоа ќе го дадеме и на други..
Мирот е знак за Божјото присуство
„Бог не е Бог на безредие, туку на мирот“, вели свети апостол Павле (1. Кор. 14,33).
Во мирот се гледа присуството на Бога, дејствувањето на Светиот Дух и силата на благодатта.
Мирот е сигурност и спокојство. Тој сликовито може да се претстави со дете кое се чувствува сигурно и спокојно во прегратката на родителот. Штом ќе го оттргнеш оттаму тоа е веќе вознемирено! Што го оттргнува човекот од прегратките на мирот, спокојството и сигурноста? Гревот. Гревот го одвојува човекот од Бога. Тој внесува немир во душата, неслога, неред, хаос, непријателства и судири – борба со Бога, борба со луѓето и борба со себеси. Оној, пак, што е во борба со Бога, со ближните и со себеси, тој е неспособен за мир. Душа која е неурамнотежена, не може да има мир.
Народот вели: - Кој мир љуби, на Бога Му служи! Мирно срце Бога моли, а немирно солзи рони! Од немирот и непри¬јателствата излегуваат многу зла.
Христос - миротворец
Господ Исус Христос е најголемиот миротворец, бидејќи Он Го измири Бога со човекот (го ублажи праведниот гнев на Отецот небесен кон нас; слезе Бог кај човекот и покажа дека Бог не е само Бог Создател, туку и Бог Спасител, Кој не е само гневен заради гревот на човекот и го казнува според заслугата за гревот, туку и го спасува според Своето човекољубие); го измири човекот со Бога (го пројави Божјото милосрдие меѓу луѓето, та приведувајќи ги кон Себе, Он целиот човечки род го помири со Бога); го измири и човекот со човекот (учејќи ги сите на љубов кон ближниот) и најпосле, го измири човекот со созданијата – бидејќи сè добива своја вредност во односот со Бога (Рим. 5,1; Ефес. 2,14–17; Јак. 3,18; Евр. 12,14; 2. Сол. 3,16).
За Него, уште во Стариот завет, е речено дека Он ќе биде голем миротворец – „Кнез на мирот“ (Исa. 9,6). Неговото царство пророците го претставувале како царство на мирот (Јерем. 33,6; Мих. 4,3; Зах. 6,13).
Он дојде во светот за Бог „преку Него да измири сè со Себе, било земно, било небесно, творејќи мир со крвта на Неговиот крст“ (Кол. 1,20; Ефес. 1,10; 1. Кор. 14,33). Затоа Христовата наука се наре¬кува Евангелие на мирот. Он „дошол да благовести мир“ (Ефес. 2,17; 2,14; 6,15; Јован 16,33). Уште при Неговото раѓање, ангелите пееле миротворна песна: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја“ (Лука 2,14). И на разделба, на учениците им рекол: „Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам“ (Јован 14,27). Први¬те зборови на Христа воскреснатиот, кога им се јавил на апостолите, биле: „Мир вам!“ (Јован 20,26).
Миротворците се чове¬кољубиви како Христа
Миротворец е оној што го практикува Божјото човекољубие. Тој со сите постапува дружељубиво и пријателски. Не дава повод за несогласија, а пожртвувано и со сите сили ги измирува скараните и разделените. Тој е човекољубив и се противставува на сè што не е добро: на омразата, зависта, лицемерието, злопамтењето, судру¬вањата и борбата, а место нив ги спроведува: „љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добрината, добротата, милосрдието, верата, кротоста и воздржливоста“ (Гал. 5,22–23). Тој Го следи Христа и го победува злото со добро (Рим. 12,18–21).
Миротворците ја чуваат својата со¬вест во мир со Бога и со ближните. Такви се оние кои бараат помирување со другите и се молат за своите непријатели, ка¬ко и оние што сакаат да бидат во мир дури и со наруши¬телите на мирот (Псал. 119,6). Апостолот Павле, во Посланието до Римјаните, ни вели: „Ако е можно, доколку тоа зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе“ (Рим. 12,18).
Мирните не се миротворци. Подвиг.
Мирните и спокојните луѓе, пак, кои никого не го вознемируваат, а гледаат и нив никој не ги вознемирува, не се миротворци. Тие се пасивни и недејствителни. Задоволни се што нивниот мир не е нарушен и дека тие не придонеле за туѓиот немир. Свртени се кон себеси, а ги оставаат другите без нивната помош. Миротворците, пак, се активни, и тие неприја¬телите ги прават пријатели. Тие дејствуваат – ги измируваат луѓето со Бога и луѓето со луѓето. Затоа ќе речеме дека миротворците се оние коишто избегнуваат кавги, расправии, немири и поделености, но и активно побудуваат љубов и измирување.
Миротворството е подвиг – движење кон доб¬рото – одење кон Бога. Тоа, пак, раѓа добро дело – раѓа добродетел. Миротворството е добродетел. Подвигот и добродетелта се како плодотворното дрво и плодовите. Дали човекот во животот ќе биде плодотворно дрво или не, зависи од неговата вера и морал. Ако ги исполнуваме евангелските заповеди, сигурно ќе бидеме плодотворно дрво. Ако ли не, ќе останеме само дрво – без плодови. Повикани сме на миротворство. Свети апостол Павле вели: „И нозете да ви бидат обуени во приправност за да благовестите мир“ (Ефес. 6,15). Во христијанството миротворството е добродетел преку која се остварува Божјата заповед за љубовта кон Бога и кон ближните.
Значи, за да имаме мир во нас, треба да имаме добродетелен живот. Таквиот живот го отфрла гревот. А штом го нема гревот, нема немир и во човекот останува мирот. Тој мир, пак, миротворецот потоа го прене¬сува и на другите. Затоа светоотечкото правило вели дека само непорочните луѓе можат да бидат вистински миротворци. Само тие можат да миротворат – да примаат од Бога мир и на други да даваат. Светиите биле најдобрите миротворци меѓу луѓето, па дури и меѓу живот¬ните, бидејќи мирот на човекот со Бога создава мир на чове¬кот и со природата.
Може ли човекот да биде миротворец и како?
Каков е миротворецот?
Човек што твори мир, и тоа, пред сè, мир во својата душа, а потоа и во душите на ближните. А, за да има душевен мир во себе, тој треба да биде измирен со Бога. Како може да се измириме со Бога? – Со исповедање на гревовите. На пример: Ако некому сме му направиле нешто лошо, па не зборуваме со него, скарани сме или сме лути и слично, тогаш треба најпрво да прозбориме со него, да се помириме и да замолиме да ни прости. Исто тоа треба да го направиме и кон Бога за да се измириме со Него: – Треба да Му се обратиме, да разговараме со Него, да се покаеме и Бог ќе ни прости, па ќе бидеме измирени со Бога.
Миротворците прават сè за да го вратат мирот што е нарушен со гревот. Тие Му се молат на Бога за мир во светот, ги помируваат скараните и секаде творат мир и љубов. Ги обраќаат грешниците на покајание и со тоа ги помируваат со Бога и со сопствената совест.
Миротворци се и оние што неверниците ги обраќаат во верата. Кои еретици¬те и непослушните ги помируваат со својата Мајка – Црквата Христова.
Синови Божји – Христови браќа
Ние како луѓе сме склони да посакуваме да бидеме синови на некој голем и важен човек или барем да се нарекуваме како синови на големите луѓе, како на пример: велиме дека сме синови на Александар Македонски, чеда сме на Гоце Делчев итн; а колку ли повеќе би сакале да сме синови Божји – синови на Најголемиот и Најважниот!
Исто така и браќа сакаме да бидеме со големите и со важните, а ете миротворците се и синови Божји и браќа Христови.
Голем дар е да постанеш син Божји. Тоа го постигнуваат миротворците – ним им се дава Божјо синовство.
Тие ќе се наречат синови Божји, а синови Божји во Стариот завет се наречени ангелите и духовните битија (Јов 38,7). Синови Божји се нарекуваат и луѓето (5. Мој. 32,5). Та, зар не сме сите чеда Божји и не велиме ли дека сме деца на едниот Бог и синови Божји? Да, така е, сите сме од Бога и сите сме синови Божји, но тоа не е исто со синовството на миротворците. За разлика од сите луѓе како синови Божји или чеда Божји, миротворците се наречени синови Божји, каков што е Синот Божји Господ Исус Христос – изми¬рител на човекот со Бога. Синовството на миротворците е како синовството на Синот Божји Господ Исус Христос и затоа миротворците се браќа Христови, по благодат.
Господ Исус Христос е Оној што донел мир на светот (Ефес. 2,14), а миротворците се Негови соработ¬ници. Нивната дејност е измирителна, како и дејноста на Спасителот – Синот Божји и затоа и тие се синови Божји. Според тоа, Он е миротворец, мироносец и е Син Божји по раѓање од Отца, а миротворците постануваат синови Божји по благодат. И така, тие се Христови браќа. Сите миротворци, всушност, се поддржу¬вачи на Синот Божји оти и тие се синови Божји (Рим. 8,17; Гал. 4,5; 1. Јов. 3,1). А штом се синови Божји – тие се рамноправни браќа со Синот Божји и во наследството – значи, тие се сонаследници Христови и на царството, а царството Божјо е царство на мирот.