ДЕЛ ЧЕТВРТИ
(Продолжение)
5. НЕГОВОТО ΒΡΒΗΟ АПОСТОЛСКО ДЕЛО ВО ЗАПАДНА ΕΒΡΟΠΑ. - Уште во почетокот, на своето доаѓање на Запад, Архиепископ Јован си поставил задача да испитува и открива имиња на малку познати Божји угодници, кои во првите векови на христијанството проповедале за Господа Исуса Христа меѓу европските народи. За некои од нив на Исток се знаело нешто, додека на Западот имињата ма бројни подвижници и проповедници биле сосем заборавени. Ова се должи на големите промени, кои настанале од 11-от век наваму.
За да ја оствари својата цел, овој неуморен Владика имал чести мисионерски патувања низ Европа. Тој посетувал гробови, па и храмови, каде што се чувале чудотворни мошти на светители; успеал да открие и нивни житија, како и икони. Сите овие знаци биле доказ дека овие продолжители на апостолското дело меѓу европските народи во почетокот биле почитувани и внесени во Православниот календар, но отпосле имињата им биле изоставени во Календарот и заменети со други; па така, за месното население овие свети луѓе останале непознати.
Благодарение на вложениот труд, придружен со ретка упорност, ревносниот Владика успеал да открие и осветли десетици ликови на заборавени светители. Во нивна чест тој одржувал и Свети Богослужби, со што успеал да ја врати древната православна традиција кај не мал број верници од месното население.
Прв светителски лик, осветлен од него, бил ликот на Свети Ансгариј. Пред архијереите на Задграничната Црква прво било претставено житието на овој докажан проповедник, подвижник и чудотворец, а потоа Архиепископ Јован предложил името на овој Божји угодник да биде внесено во Православниот календар и тоа име да се слави, како што се слават и сите други во Православната Црква. Предлогот бил прифатен и оттогаш овој светител повторно се слави (3-ти февруари, ст. стил). Не е за одминување фактот дека овој Христов проповедник бил современик на сесловенските првоучители и просветители, Свети Методиј и Свети Кирил, како и тоа дека неговото рамноапостолско дело било од исто значење со она на Светите Браќа. Имено, Свети Ансгариј бил прв просветител во верата Христова на народот во Данска и во Шведска, а се упокоил во Господа 865-тата година.
На Епископското советување (1952 г.), одржано во Женева под претседателство на Архиепископ
Јован, бил предложен на архијереите од Претседавачот и Список со имиња на дваесетина светители, кои во древноста, со својата проповед меѓу европските народи, вршеле и извршиле апостолско дело. Списокот ги содржи имињата на: Свети Потин, кој бил испратен од познатиот Свети Поликарп да проповеда за Христа во древна Галија (денешна Франција); како Епископ во градот Лион, овој светител пострадал за Христа во 177. година. Во истиот град тогаш маченички го завршиле својот земен живот и поголем број христијани, т.н. Лионски маченици; меѓу овие, откриени се имињата на Свети Александар, Свети Епиподиј и Света Блондина.
Понатаму се споменуваат: Свети Иринеј Лионски, кој пострадал за Господа Исуса Христа во 202-та година; Свети маченик Виктор, бил Епископ во градот Марсеј; Свети Хонориј, основач на значајниот Лерински манастир (во близината на градот Марсеј); значајноста на манастирот била во тоа, што од него произлегле повеќе големи подвижници и црковни писатели. Еден од писателите бил и Свети Викентиј Лерински, кој е познат по својата неголема, но значајна творба за Светото Предание. Според него, Преданието по важност е еднакво со Светото Писмо. Меѓу другото, тој вели дека под Црковно Предание се разбира она, кое секаде, секогаш и од сите се верувало и се верува. Тоа значи: За вистинска вера во Христа да се признава само она, што ни е предадено од Светите апостоли, кон кое се придржувале Светите оци, како и сите вистински црковни пастири и учители. На крајот изведува заклучок: „Она што ни оставиле Све¬тите оци како правило на верата, треба секому да биде пред очите, за да се претпазиме од сите лукавства, новововедени од еретиците." (Архиепископ Јован се придржувал кон ова „правило" и затоа бил за православно толкување на Христовото учење!).
Понатаму во Списокот се редат: Света Геновева, заштитница на Париз; Свети Герман Париски, Свети Клод, Свети Луп Тројски, Света Клотилда, Свети Илариј Поатиски, именуван „Атанасиј на Западот", зашто со голема ревност се борел против аријанската ерес; Свети маченик Фелицијан, Свети Герман Оксерски, Свети Колумбан, Свети Гал, Свети Фридолин, Свети Патрикиј, просветител на Ирска.
---------------
Со акцијата за откривање на славни имиња на заборавени светители, Архиепископ Јован покажал дека тој е застапник на онаа чиста апостолска вера, проповедувана и ширена од првите Христови ученици и од сите нивни продолжители во древноста и сегашноста. Затоа, оние што правилно ја сфатиле неговата мисија и него го нарекле „Апостол на Западот". Во која смисла? Во таа што тој, како едномисленик на своите претшественици, самиот бил инспириран од нивните подвизи и дела, а и на другите укажувал дека не е доволно само да се знае за овие Божји угодници, туку треба и да се оди по нивниот животен пат.
Навистина, апостолскиот труд на овој Архијереј бил награден со тоа што почнала да се враќа православно-христијанската традиција кај бројни верни¬ци на овие простори; благодарение нему, инославни Европејци почнале да се враќаат кон верата Православна, вера на нивните прадедовци; со оваа појава биле создадени услови за образување црковни општини во духот на Светото Православие. Најпрвин такви биле организирани во Франција, а потоа - и во Холандија. За овие верници Архиепископ Јован богослужел на француски; односно - на холандски, како што практикувал порано во Битола да служи и на грчки, потоа во Кина на грчки и кинески, а најпосле - во Сан Франциско и на англиски јазик. Со ова се потврдува неговиот вселенски дух, што многу негови собраќа - Архијереи го немале.
Па така, замислата на овој Архипастир да организира помесни цркви во Западна Европа почнала да се остварува; со тоа бил крунисан неговиот апостолски потфат и труд. Добар почеток, достоен за продолжување!
(Продолжува)
Подготви: Стојанка Тежак
Борис Кр. Бошковски
СВЕТИ ЈОВАН ШАНГАЈСКИ
(1896. - 1966.)
Животот, дејноста и чудесата на Свети Јован (Максимович), Скопје 2001
Со благослов на Неговото Блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан
Издава
Свети Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква