(13.01.2013 12:37)
Патријархот Московски и на цела Русија Кирил, изјави дека Руската Црква е решена да ја продолжи својата работа и покрај кампањата што се води против неа. „Нашата севкупна црковна заедница, свештенството и мирјаните, немаат намера да отстапат и да ја прекинат својата работа во поглед на утврдувањето на моралните вредности и евангелските принципи во животот на нашиот народ. Нема да престанеме со мисионерската дејност, проповед и општествена работа“ – изјави Патријархот во Божиќното интервју за порталот Интерфакс.
„Ќе продолжиме со грижата за сиромашните и болните, и нема да престанеме гревот да го нарекуваме грев. На тоа нè повика Спасителот. Он исто така нè предупреди за неизбежното противење на словото Божјо, како и на тоа дека светот ќе стане против Црквата“, додаде Неговата Светост.
Според неговите зборови, антицрковните кампањи од минатата година се последица од јакнењето на статусот на Црквата во општеството. Патријархот исто така напомна дека народот има голема доверба во Црквата и свештенството, што се гледа од неодамнешните анкети. „А тоа го вознемирува непријателот на родот човечки и сите негови следбеници“.
„Тие би сакале да ја видат Црквата нема пред лицето на гревот, беззаконието и неправдата. Тие не би сакале Црквата да биде гонета, забранета или протерана, тие би сакале таа да е незабележлива. Или да биде дел од фолклорот, некој егзотичен украс на народното битие, кој нема реално влијание на умовите и срцата на луѓето“, изјави претстојателот на Руската Православна Црква.
Извор: Светигора
Преземено од :МПЦ-ОА