Пергамскиот Митрополит Јован Зизиулас: Поради крајна икономија сме во евхаристиско општење со оние што го исповедаат филетизмот
За време на меѓународната конференција „Еклисиологија и национализам“, којашто се одржа во Волос од 24 до 27 мај, Пергамскиот Митрополит Јован Зизиулас одржа предавање на тема „Првенството и национализмот“, на коешто го изнесе принципот на првенството во Црквата – на локално и сеправославно ниво, од евхаристиската основа на Црквата. Тој посвети посебно внимание на решението на црковниот собор во Цариград во 1872 година, свикан по повод бугарскиот црковен проблем, којшто го осудува филетизмот како ерес. Според Митрополитот Јован Зизиулас филетизмот е ерес, којашто се заканува на самите основи на Црквата. Таа се изразува во тврдењето дека Црквата може да се конституира на етнички принцип. Според него, денес филетизмот се пројавува во т.н. црковна дијаспора, што води до постоење на многу епископи за различни националности на една територија. Според Пергамскиот Митрополит, којшто се смета за надворешен министер на Цариградската Патријаршија, овој проблем има толку сериозни еклисиолошки последици што „Вселенската Патријаршија само по крајна икономија (снисходење) не го прекинала евхаристиското општење со оние кои ја исповедаат оваа ерес, бидејќи се надева дека ќе биде пронајдено решение од сите засегнати страни“. „За тоа постои желба кај сите автокефални Цркви“, додаде тој.
Позицијата на Вселенската Патријаршија треба да биде разгледана во контекст на сериозната спротивставеност со Московската Патријаршија, во чијшто устав е запишано дека под јурисдикција на Руската Црква се наоѓаат сите православни од канонската територија на Московската Патријаршија, како и „православните во други земји, коишто доброволно се согласуваат да се присоединат кон неа“. Од своја страна, Цариградската Патријаршија смета дека православните христијани во земјите каде што нема помесни Православни Цркви, треба да бидат под јурисдикција на Цариградскиот Патријарх кој е во својство на „Вселенски“, додека не се создадат услови за формирање на помесни Цркви – на пример, Православна Црква во Германија, Православна Црква во Велика Британија итн.
(28.05.2012 17:14)
Извор: Двери.бгПреземено од : МПЦ-ОА