Пол Маендорф: ОСА е подготвена да се откаже од автокефалноста, ако тоа е потребно (29.05.2012 18:31)
Православната Црква во Америка (OCA - Orthodox Church of America) е подготвена да се откаже од автокефалноста, која во 1970 г. ѝ ја даде Московската Патријаршија, ако тоа е неопходно за постигнувањето на православно единство во Америка, кажа Пол Маендорф, професор по литургика на богословскиот институт „Св. Владимир“ во САД, за време на меѓународната конференција „Еклисиологија и национализам“, која се одржа минатата седмица во Волос. Тој тоа го изјави за време на дискусијата за неговиот извештај посветен на современата ситуација во САД, каде проблемот со црковната дијаспора (емигранти од традиционално православните држави) е најостар.
„Денес автокефалноста се сфаќа и започна да се применува како целосна независност, користејќи ги како модел европејските држави-нации во 19 век. Тоа уште повеќе го продлабочува проблемот со национализмот, доведува до недостаток на единство меѓу православните и разрушување на мирот во црковниот живот. Денес проблемот е во тоа што, за разлика од 60-те години, тоа разделување на православните по етничко потекло и постоењето на многу епископи на едно место, започнува да се смета за нешто нормално“, рече во својот извештај Пол Маендорф.
„Од 20-те до 60-те години на минатиот век Православната Црква во Америка (тогаш Северно-американски митрополитски округ) се смета за схизматична Руска Црква. Тие се обраќаат кај Константинопол за решение, но оттаму им велат да се обратат кај Русите. Во 60-те години од 20 век Руската Црква учествува во екуменското движење и колку и да е парадоксално, токму пред него, автокефалните Православни Цркви започнаа да комуницираат – дотогаш беа изолирани и без комуникација. Во тој дијалог Шмеман (прот. Александар Шмеман) и Маендорф (прот. Јован Мајендорф, таткото на Пол Мајендорф) играа големи улоги. Се изненадивме кога од Руската Црква ни дадоа автокефалност; ние сакавме автономија и признавање на нашиот статус. Но очигледно автокефалноста дојде прва и нѐ обедини сите православни. Ние можеме да се откажеме од неа за да учествуваме во едно заедничко движење во Америка, за да учествуваме во иницијативите на собранието на православните епископи во Америка (SCOBA). Едно обединето Православие во Америка е тоа, кон кое се стремиме. Подготвени сме да се откажеме од автокефалноста, ако тоа е неопходно за таа цел“.
Автокефалноста на OCA и досега не е признаена од Константинополската Патријаршија, од т.н. грчки Патријаршии и повеќето Православни Цркви, без тоа да доведе до прекинување на евхаристичкото општење. Бугарската Православна Црква ја признава автокефалноста и статусот.
Извор: Двери.бг
Преземено од : МПЦ- ОА