Ништо не смее да ја замени нашата грижа за децата, за нивното воспитување и Господовата наука. Да ги учиме од почетокот на вистинската мудрост, зашто со тоа ќе стекнат многу поголема слава и богатство, отколку ако ги опкружиме со изобилие... Не трудете се да го опкружите детето со славата на овој свет, туку учете го како да ја познава вистинската мудрост - со тоа ќе се прослави. Тоа можете да го правите без оглед дали сте богати или сиромашни. Тоа знаење не се стекнува од вешти учители, туку со божествено откровение... Тоа што му е навистина потребно на детето е примерен живот - а не празно зборување; благородност - а не мудрување; дела - а не зборови. Овие нешта ќе му го осигураат царството небесно и стотици Божји благослови.
Доброто воспитување не се состои од тоа првин да дозволиме да се развијат пороците, а потоа да се трудиме да ги отстраниме. Треба да се преземат сите мерки нашата природа да ја направиме непристапна за пороците.
Младите не треба да се застрашуваат откако веќе пораснале; тие треба да се воспитуваат и насочуваат уште од детството. На тој начин и подоцна нема да има потреба од застрашување.
Ако си го воспитал добро својот син, тој својот, а овој пак својот, тоа е како низа добри животи со почеток и корен во тебе, кои ти ги носат плодовите од твојата грижа за потомците.
Ако децата што си ги родил, од тебе ги добијат потребните поуки и со твоја грижа бидат одгоени во добродетелта, ќе си поставиш темел и почеток на твоето спасение. За тоа, освен награда за сопствените добри дела, ќе добиеш и голема награда за нивното воспитување.
Свети Јован Златоуст
Извор: Православен календар 2012