Во светоотечките текстови, запишан е случајот со еден послушник кого старецот го советувал секоја вечер, после вечерната служба. Го советувал во поглед на послушанието, како и за тоа што треба да се прави за да се спаси.
Така, една ноќ, додека старецот го советувал, се случило да заспие. И ѓаволот, почнал да го вознемирува послушникот преку помисли, велејќи му: „Оди, зашто твојот старец заспа. Зошто и понатаму да седиш тука? Треба и ти да се одмориш, изморен си“.
„Како да одам“, си помислил послушникот, „прво морам да го добијам благословот од мојот старец за тоа!“
„Но тој сега спие“, му зборувале помислите. „Не е важно. Ќе бидам трпелив“.
Помислите да замине го напаѓале седум пати, но тој не заминал. Неколку часа подоцна кога веќе дошло време за утрена, старецот се разбудил и му рекол: „Зарем сѐ уште не се одмори?“
„Не можев без твојот благослов старче“.
„Зошто тогаш не ме разбуди?“
„Не е важно старче. Сакав да бидам послушен и трпелив“.
„Добро. Ајде да ја отслужиме сега утрената, па после добро ќе се одмориме“. Така и се случило.
Кога после утрената старецот повторно заминал да се одмори, имал видение, како се наоѓа во соба преполна со светлина. Во неа се наоѓал величествен престол, а на неговото седиште се наоѓале седум блескави венци. Старецот се воодушевил од сето тоа и рекол: „Кој знае на кој преподобен и свет човек му припаѓа овој престол, и колку ли подвизи требал да направи за да се удостои со овие венци!“
Додека стоел на тоа место, му се приближил еден прекрасен човек и му рекол:
„На што се воодушевуваш старче?“
„ Се воодушевувам на убавината на престолот и се мислам дека мора да му припаѓа на некој голем светител“.
„Не, му одговорил тој, престолот не му припаѓа на некој гоелм светител, туку на твојот ученик!“
„Тоа не е можно“, одговорил старецот, „тој е сѐ уште млад!“
Сега само што дојде, а веќе се удостоил со престол и венци?
„Вистина е! Престолот му е даден од моментот кога направи метанија за послушание, додека седумте венци ги доби минатата ноќ кога им се спротивставуваше на помислите“.
Старецот откако дошол на себе, го повикал ученикот и го прашал:
„Чедо мое, какви помисли имаше вчера?“
„Никакви особено, старче. Не се сеќавам дека имав некакви лоши помисли!“
„Размисли малку подобро, прегледај го денот чекор по чекор“.
Кога детално се испитал самиот себе, послушникот рекол:
Да, да, старче, вчера вечер, после вечерната, откако ти заспа, седумпати ме нападна помислата да те напуштам и да заминам да се одморам. Но, јас тоа го одбивав и како што виде, те чекав“.
„Добро, чедо мое, сега оди“.
И така старецот разбрал дека неговиот послушник, минатата ноќ ги добил седумте венци спротивставувајќи им се на помислите.
Старец Ефрем Филотејски
ДУХОВНО-ОТЕЧКИ ПОУКИ
Библиотека Свети Гаврил Лесновски