Свети Макариј и черепот
Ава Макариј раскажувал:
Еднаш минувајќи низ пустината, најдов череп од некој мртовец, фрлен на земјата. Кога го удрив со палмино стапче тој нешто ми проговори. Го запрашав: "Кој си ти?" Черепот ми одговори: "Бев главен жрец на идолите и на паганите што живееја на ова место. А ти си Макариј - духоносецот? Ти, сожалувајќи се над настраданите во маки, кога ќе почнеш да се молиш за нив тие чувствуваат некаква радост!" Го прашав: "Каква е таа радост и какви се тие маки? "
Черепот ми одговори: "Колку што е оддалечено небото од земјата толку под нас има оган, и ние од глава до петици стоиме сред оган. Никој од нас не може да му го види лицето на другиот. Но, штом ти ќе се помолиш за нас, тогаш секој по малку може да му го види лицето на другиот. Ете во што е нашата радост".
Заплакав и си реков: "Несреќен е денот во кој се родил човекот." Продолжив да прашувам: "Да не има некое потешко измачување?" Черепот одговори: "Ние што не го познававме Бога, до некаде сме помилувани, но тие што го признале Бога, но го отфрлиле, тие се под нас." Потоа го зедов черепот и го закопав в земја.
Извор: ФБ профил на: Свети отци - Свето предание
5ти февруари 2019 лето Господово