Човекот не може лесно да ги забележи човечките болести. „Бидејќи, кој човек знае, што има во човекот, освен човечкиот дух, кој живее во него?“ (1. Кор. 2, 11).
Како, всушност, може да се искористи лекот против болеста, ако не ѝ се знаат својствата? Всушност, често не се ни знае дали е некој болен или не е. Но, и кога болеста ќе се открие, дури тогаш на лекарот му претстојат тешкотии. Зашто, тој не може да ги лекува сите луѓе со власта со која овчарот ја лекува својата овца. Бидејќи и тука постои потреба за врзување и ускратување на храната, како и на горење и отсекување.
Меѓутоа, разрешението за примена на лекувањето не го дава оној што го предлага лекувањето, туку оној што страда од болеста. Знаејќи го тоа, оној прекрасен маж (Павле) им говореше на Коринтјаните: „Не како ние да владееме со верата ваша, туку сме помагачи на вашата радост“ (2. Кор. 1, 24).
На Христијаните им е најмалку дозволено на сила да ги поправаат грешките на оние што паѓаат во грев. Подвргнувајќи ги престапниците на суд според законот, надворешните (незнабожечки) судии покажуваат поголема власт над нив: тие и против нивната волја ги спречуваат да (живеат) согласно своите навики. Кај нас, пак, грешникот се исправува со убедување, а не со насилство. Таква власт за (насилно) скротување на грешникот, законите нам не ни дозволуваат. Меѓутоа, дури и да ни е дадена, ние не би можеле да ја користиме, бидејќи Бог ги наградува оние што се воздржуваат доброволно од порокот, а не со принуда. Затоа, на свештениците им е потребно големо искуство за да ги убедат страдалниците доброволно да се подвргнат на лекување, дури и да им се заблагодарат за лекувањето. Ако се ослободи себеси од прангите (со кои се лекува) (што е во негова власт), врзаниот си ја зголемува својата беда. Ако ги презира зборовите кои сечат како железо, тој си додава нова рана, додека средството за лекување станува причина за најтешка болест. Зашто со принуда и против желба на болниот, никој не може да го спроведе лекувањето.
Свети Јован Златоуст
„За свештенството“
Избор од фејсбук страната на :
Katica Prodanova
24-ти февруари, лето Господово 2016