Исповед на еден прогонител на Христијаните на смртна постела
Од митрополит Нектариј од Арголида
…Дозволете ми да завршам со инцидент кој ми беше раскажан во Одеса пред неколку години, кој е исто така објавен во книгата „Во вителот на светот што се менува– новите маченици од Бердјанск“:
Одеса 2002.
Офкањата на постар пациент се слушаат во одделот на големата државна болница во Украинскиот град. Канцерот е широко распространет. Болките се ужасни. Лековите не се доволни. Буден дење и ноќе, пациентот ја чека смртта како откуп. Многупати го достигнува работ на смртта, но изгледа како рамнодушен. Веќе со месеци е во борба помеѓу живот и смрт. Обичните луѓе би рекле: „Неговата душа никако да излезе“.
Еден ден овој измачуван човек се чинеше како да оживеа. Тој очајно барал свештеник. Неговото семејство отишлп до црквата и побарала од свештеникот да дојде во болницата. Свештеникот, без одложување го посетил пациентот. Бил шокиран од тажното лице на пациентот и неговата состојба, но уште повеќе се шокирал од тоа што го слушнал. Болниот стар човек без никакви воведи и претставувања, како да е притиснат од нешто, почнал да ги расплетува своите маки пред непознатиот свештеник:
„Послушај ме, отче. Бев атеист од мојата младост, војник атеист. Бев член на партијата, се искачив меѓу редовите и еднаш станав командант на реформскиот работнички логор во Сибир. Ги мразев Христијаните, а свештениците уште повеќе. Во логорот имав многу затвореници, архиереи, свештеници, монаси и калуѓерки. Правев сѐ што можев за да им ги отежнам животите. Ги праќав да извршуваат најтешки работи, ги казнував, ги мачев… Еднаш го направив следново: Му наредив на свештенството да ги силува калуѓерките. Сите ме одбија, а архиерејот што ми западна во око се спротивставуваше уште повеќе. Им влијаеше на другите и ги поттикна да не ме слушаат. Многу се налутив! Ноќта го однесов во ладна соба. Му ги соблеков алиштата и го фрлив гол врз масата. Го врзав и го оставив да преноќи. Не, тој не умре од студ. Собата беше полна со стаорци, кои жив го проголтаа. Утрото ги пронајдовме само неговите коски во крвта. Да, правев такви нешта, и поради тоа мојата душа не може да излезе. Сакам да ми простиш“.
Кога свештеникот отишол да го посети повторно наредниот ден, неговиот кревет бил празен. Пациентот починал таа ноќ…
Превод од англиски јазик: Андријан Ѓорѓиев
Православна светлина бр. 57