Преку изучувањето на англискиот јазик или како дел од наставните содржини, најпрво како забава, а потоа како навика, во нашата традиција навлегоа и се одомаќинија многу туѓи и комерцијални „празници“, како „денот на вљубените“, „ноќта на вештерките“, „мартинки“ и многу други. И секоја година се крева врева околу тоа, дали треба христијаните да ги празнуваат овие празници, дали треба децата да се маскираат во школите итн. Најдобар одговор, преку своето молчење, ни дал всушност светиот Јован Шангајски, кого го нарекуваме и Битолски светител, затоа што извесно време предавал и богослужел во Битолската богословија:
На 1 ноември 1964 година Руската задгранична црква ја прославувала канонизацијата на свети Јован Кронштадски. Во навечерието руските емигранти решиле да организираат бал, посветен на Хелоуин (Halloween), познат како ноќ на вештерките, и во соборниот храм за време на сеноќното бдение, посветено на свети Јован Кронштадски, огромен број верници, за голема жалост на светиот владика Јован, отсуствувале.
После службата светиот Јован отишол онаму, каде што сѐ уште траел балот. Се качил по скалите и влегол во салата, а присутните се зачудиле. Музиката прекратила, и светителот со потполно молчење ги изгледал занемените луѓе и почнал бавно да обиколува низ салата со патерицата во рака. Не кажал ни збор, а и немало потреба: еден поглед на светителот ја ранил совеста на сите, предизвикувајќи општа вкочанетост кај сите, постарите луѓе и познатите општествени дејци преправени во разни ѓаволски костуми буквално се валкале под масите од страв. Владиката си заминал молчешкум, а следниот ден издал одлука, според која, сите црковни служители, кои биле вечерта на балот (дури и прислужниците и чтеците), да не можат следниот ден да учествуваат во богослужението.
Одлука да не се оди на забави во навечерието од неделните и празничните денови:
„Свештените правила велат, во навечерието на празничните денови христијаните да ги поминуваат во побожност, подготвувајќи се за учество или присуство на Божествената Литургија.
Штом на ова се повикани сите православни христијани, тогаш ова уште повеќе се однесува на оние кои непосредно учествуваат во црковната служба. Нивното учество во забавите во навечерието на празниците е посебно гревовно.
Имајќи го има предвид, оние кои биле на бал или слични забави во навечерието на неделен или празничен ден, следниот ден не можат да учествуваат во хорот, да прислужуваат, да влегуваат во олтар или да застануваат на певница“.
Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев
Православна светлина бр. 46