10/07/2015 Поуки - совети
Црквата е – лекувалиште, болница, и во неа доаѓаат луѓе, кои страдаат од најразлични болести од секој степен, со секакви својства. Доаѓаат, за да разкажат за својата мака и да најдат исцеление.
Тој образ се среќава кај многу свети отци и е совршено точен. Сигурен сум: со тоа ќе се согласи секој свештеник, затоа што, токму тој, свештеникот, станува тој човек, кај кого се обраќаат „болните“, кому се жалат за својата болест, од кого бараат помош. И токму тој е должен, полагајќи се на својот опит и знаењето на човечката душа, да му го покаже на страдалникот патот кон исцеление.
Но, се разбира, кај свештеникот доаѓаат не само оние кои за првпат го пречекоруваат црковниот праг, не само оние кои успеале тешко да паднат и се заплеткале во мрежите на лукавиот. Доаѓаат секако и луѓе, кои одат постојано во црква, кои живеат црковен живот, и кои, би требало, веќе и самите да наоѓаат одговори на многуте прашања кои ги вознемируваат. Но често, за жал, не наоѓаат и затоа го прашуваат пастирот, духовникот. На пример, го прашуваат многу често, пак и пак:
– Отец, зошто ми е толку лошо, толку тешко на душата? Мислам дека ништо посебно лошо не сум направил, зошто ми е толку лошо?
И навистина… Ако човек навистина ништо „посебно лошо“ не правел, ако неговата совест не е обременета со гревови кои ја мачат, ако според неа, совеста, човек се труди да живее, и не е обременет со некакви маки и искушенија во тоа време, од што може да му биде лошо на душата?
Секако, постојат разни причини… Можеби, тоа е само непријателско искушение, кое има за цел да го фрли христијанинот во униние, можеби се насобрала измореност, можеби физички лошо се чувствува. Но, има една најраспространета причина.
Што го прашува секој лекар човекот, кој се жали на гадење, лошење, на болка во областа на стомакот? Тој секогаш го поставува прашањето:
– Што јадевте вчера? Што сте пиеле? И општо: како се храните?
И ако чуе во одговор, дека пациентот јаде и пие сè со ред, вклучувајќи и луто, и кисело, и мрсно, и пржено, и алхохолните пијалоци ги злоупотребува над секоја мера, најпрвин препорачува диета. Онаква, која препишува да не се ни допираме до некои продукти, а некои пак, обратно, задолжително и регуларно да се употребуваат во исхраната. На пример, овесна каша за доручек. Или зелје – за да се успокои раздразнетиот желудник.
И колку и да е чудно, свештеникот исто така треба да го прашува човекот што дошол кај него, што јаде и што пие. Не во буквална смисла, се разбира, во преносна.
Сите ние живееме во многу набиено информационо поле – толку набиено, што само неколку децении претходно, нешто такво не можеше ни да се замисли. Ретко кој, современ човек не користи интернет, воопшто не чита весници и не гледа телевизија. А дури и да го избегнува тоа, неволно слуша радио, вклучено во автобус, разговори на колеги за последните настани во земјата и светот. Тој многупати во текот на денот ги притиска дугмињата од мобилниот телефон, за некому да се јави, или одговара на дојдовните повици.
Практично, сите сме „вклучени“ во тоа поле – кој во поглема, кој во помала мера. И преку сетилото за вид, слух, ние се исполнуваме со содржина, која во најголем дел не е потребна, ни е лишна, а често и штетна – како прженото, лутото и мрсното за болниот. Штетна е, затоа што впивајќи го во себе, чекор по чекор, земното, во себеси оставаме многу малку место за небесното или воопшто не оставаме. Штетна е, затоа што она што најчесто влегува во нас не е радосно, туку мачно – таков е животот што не опкружува – и затоа, неволно се обременуваме со разни грижи и маки животни: новостите за војни, идното покачување на цените, инфлацијата, сериските убиства и смртоносните епидемии влијаат на потсвеста имено така. А ако новостите немаат застрашувачки карактер, во најголема мера тие се однесуваат на областа на „световниот“ живот, и исто така многу малку полза ѝ принесуваат на душата.
И од сето тоа, на душата ѝ станува тешко. Лошо. Преподобен Серафим еднаш рекол, согласно и со многу други свети отци, дека денес доволно е сосема кратко време да поразговарате со човек од туѓа настроеност, за целосно внатрешно да се „растроиме“. А ние такви разговори имаме по цел ден – покрај нашата волја, а често и согласно со неа. Може ли после тоа да се чувствуваме добро?
Истиот, преподобен Серафим Саровски прекрасно објаснил дека, напротив, задолжително е, душата, како што се изразувал тој, „да ја снабдуваме“: со словото Божјо, со поуките од светите отци, со молитва и размислување. Без таквото „снабдување“ таа остинува, станува ладна и мрачна, во полна смисла на тој збор, подивува. Духовниот вид на човекот затупува, не го забележува и не го сфаќа очевидоното – тоа очевидно, кое најмногу се однесува на духовната област. Ете зошто христијанинот не може да сфати, зошто му е лошо на душата, иако изгледа дека не направил ништо лошо.
Толку прости вистини… Толку прости објаснувања… Толку прост рецепт…
Лошо ти е, се изгуби, не знаеш што да правиш за да се извлечеш од таа непријатна, тешка состојба? Застани и види со што е наполнета твојата душа, со што ја снабдуваш, со што ја храниш. И сигурно ќе видиш, дека токму во храната е грешката. Што значи – треба да се менува исхраната. Да држите диета. Да се откажувате – барем по можност – од она, што е штетно. И да ја зголемуваме дозата на полезното.
Проверено. Многупати. Безусловен и бесценет опит.
Игумен Нектариј Морозов
Извор: Преспанско- пелагониска епархија