Со ракија и огнови не се слави Божик
Бадникарските огнови, печењето колбаси и пиењето ракија се во апсолутна спротивност со начинот на кој верниците треба да го одбележат празникот, сметаат владици на МПЦ
Бадникарските огнови, печењето колбаси и пиењето ракија се во апсолутна спротивност со начинот на кој верниците треба да ги одбележуваат деновите пред Божик, сметаат достоинственици на МПЦ. Митрополитот струмички Наум и епископот велички Методиј, управител на Американско-канадската епархија, велат дека гозбите и пиењето околу коледарските огнови е во целосна несогласност со црковното предание и со божикниот пост.
- Бадник го славиме по пагански, а Божик, ако имаме сила да го славиме заради бадниковите теревенки, тоа го правиме по рисјански. Посната бадникова вечера, како претпразненство на големиот празник на Христовото раѓање, кое треба да го сплоти семејството, и полноќната Божествена литургија се заменети со литаниите на маалските огнови и култот на греената ракија. На тој начин се уништува убавината и раскошното предание на нашата празнична култура - потенцира епископот Методиј во својата колумна „Реставрација на традиции или реставрација на примитивизам“, објавена на интернет-порталот на МПЦ „Преминпортал“.
Владиката Наум укажува дека и обичајот со бадниковото гранче не е дел од македонската традиција.
- Овој обичај е насилно воведен во нашите цркви по утврдената српска окупација на вардарскиот дел на Македонија по завршувањето на Првата светска војна. Ова е прашање на идентитет и знам дека со медиумското форсирање на ваквите обичаи се дефокусира јавноста од она што е битно, а тоа е исполнувањето на Божјите заповеди, исповедта на своите гревови и причестувањето со телото и крвта Христови. Очигледно, многу е полесно да се собираат гранки по шума отколку да се чекори по тесниот евангелски пат - вели владиката Наум.
Огновите, скарите, греената ракија и вино и масовни собирања што започнуваат вечерва, досега не беа толку остро проблематизирани од страна на достоинствениците на МПЦ. Причина за ова се различните ставови околу одобрувањето на ваквите собири од страна на владиците и свештениците на МПЦ. Дел од свештениците присуствуваат на ваквите собири и ги благословуваат. Свештеникот Драги Костадиновски од Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје вели дека на палењето огнови и пиењето ракија не треба да се гледа толку ригидно.
- Огнови во чест на раѓањето на Исус Христос се палеле уште во 3 век, од страна на првите црковни општини. И јас не одобрувам пиење ракија во големи количества, но ако се пие во умерени граници тогаш може да се дозволи. Исто е и со музиката и со играњето ора околу огновите - вели Костадиновски.
Пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, утре Здружението „Бадник“ ќе им дели бадникови гранчиња и греена ракија на верниците.
- Нема ништо паганско во начинот на кој ние го организираме прославувањето на Бадник и Божик. Само сакаме да добијат бадниково гранче и оние луѓе што немаат можност да го купат. А топлата ракија е тука за да се згреат на студеното време, исто како што делиме и чај. Ова е една народна традиција што сакаме да опстане - вели Александар Пановски од Здружението „Бадник“.
Повеќе скопски општини деновиве делат големи количества бесплатни дрва за палење коледарски огнови. Општина Аеродром вчера соопшти дека добиле 100 барања за донирање дрва за коледарски огнови. Општината, на крајот, решила да подари сто кубици дрва. Во некои скопски населби по 250 денари се наплаќа учеството во конкуренцијата да се биде кум на идната прослава на празникот.
Јован Таковски, професор на Теолошкиот факултет „Свети Климент Охридски“, вели дека треба да се прекине со ваквите традиции.
- Тоа се само пагански обичаи со кои Бадник се претвора во забава, а се прекинуваат постот и подготовката за празникот. Нема врска меѓу огнот и пештерата во која се родил Исус Христос. Бадник треба да се помине со молитвено бдеење во храмот. Не случајно во таа пригода се читаат најмногу молитви. Постот е неспоив со пиењето ракија и грешка е ако некој мисли дека на тој начин ќе ги привлече луѓето кон Црквата - порача Таковски.
Молитви и литургии во сите храмови
Со молитви и литургии во храмовите, МПЦ деновиве ќе го одбележи еден од најголемите христијански празници, Рождество Христово - Божик, посветен на раѓањето на Исус Христос. Утре, недела, со почеток во 8 часот во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ ќе се одржи литургија посветена на Свети Јован Златоуст, а попладневната литургија ќе започне во 17 часот. В понеделник, на Божик, архиепископот Стефан ќе началствува со празничната литургија посветена на свети Василиј Велики. Ден потоа, поглаварот на МПЦ ќе служи во црквата „Свети Спас“ во Маџари, а в среда во црквата „Свети Ѓорѓи“ во Чаир.
Бранко Горгевски
Извор: Дневник