77.
1953 г.
Божјата милост нека биде со тебе, мое духовно чедо!
Твојата расеаност и исповед ги разбирам. Чедо, Бог ќе ти опрости! Биди спокојна. По твоето заминување, демонот на суетата ми се приближи и мене и почна да ме вознемирува со разни предлози, но јас, со Божја помош, веднаш го одбив. Му благодарам на Бога за брзата помош и за молитвите на светите подвижници, бидејќи јас со нивните совети се раководам во оваа долина на плачот. Кој сум јас без Божја помош? Земен прав и одвратно, смрдливо ѓубре.
Колку пати ти зборував за душевна полза и ти давав духовни совети, позајмени од Светото писмо и св. отци, а ти не се докажа! Подготвена си и воденички камен да обесиш на вратот и да скокнеш во вода. А ја знаеш ли причината за тоа? Јасно ќе ти кажам: вообразеноста и суетата не ти дозволуваат да се видиш себе си онаква каква што си во суштина, а мислиш дека си којзнае колку голема личност. Тоа се гледа од твоето последно писмо. Прочитај ја во Невидливата борба 4. гл. во првиот дел. Извини за краткоста на писмово. Всуштност, мислам дека ти дадов задоволителен одговор. Ако нешто не ти е јасно, пиши, само биди отворена, инаку нема да има полза! Твоите прашања и мене ме поттикнуваат кон патот на самопознанието. Господ нека те спаси и сочува!
Повторувам: Бог ќе ти опрости биди, мирна и спокојна, не примај ги во душата ѓаволските клевети. Господ нека те измудри!
78.
6 февруари 1954 г.
Христос помеѓу нас!
Го добив твоето писмо. Го прочитав со љубов и се израдував што имаш ревност во молит¬вата. Бог нека те благослови, ти само труди се, бидејќи молитвата е главна работа во духовниот живот. Сепак, знај, колку повеќе е таа возвишена и полезна, толку поскапо и се плаќа — со големи напори. Преп. Агатон рекол: „Ништо не е потешко од тоа да се молиш на Бога и молитвата до последниот миг од животот бара борба". А за да биде поуспешна, потруди се колку што можеш да ги исполниш трите правила — за да имаш чиста совест пред Бога, пред луѓето и пред работите. Пред Бога — труди се да ги исполнуваш евангелските заповеди; пред луѓето — да не осудуваш никого и никого да не мразиш; пред работите — да ги користиш не врзувајќи се за нив со страсти (непристрасно). Тоа се подготвителни правила. Во молитвата вежбај се вака: во умот не смееш да ги замислуваш Бога или Богородица или светиите; умот „затвори го" со зборовите на молитвата и вниманието задржи го во горниот дел на градите, бидејќи вниманието е душа на молитвата. Срцето не треба да се притегнува со вниманието. Ако е вниманието во градите, тогаш и срцето ќе сочувствува. Не тежнеј кон умиление и солзи, а кога само по себе ќе дојде срдечната топлина, треба на тоа да се задржиш, додека не помине и при тоа не треба да мислиш дека си постигнала нешто големо. Тоа станува природно од концен-трацијата, а не е прелест.
За секој случај, еве што уште ќе ти кажам: иако кај малку луѓе ретко се случува солзите силно да надојдат, но кога тоа ќе се случи, сите луѓе тогаш изгледаат едноставно свети, нема непријатели, топлината се разлева по целото тело, но тоа не е -топлина од крв, туку посебна, благодатна топлина, така што на нозе не може да останеш, туку мора да седнеш или да легнеш. Тоа значи дека те посетил Небесниот Гостин. Тоа го знае само оној кој и самиот го доживеал тоа. На луѓето отстрана тоа им е неразбирливо. По молитвата, имитирај ја евангелската вдовица (Лк. 18, 2.).
Понекогаш надоаѓа сувост, мрзливост, наплив на мисли, тага и човечка клевета и многу други работи, но се-ќе помине со Божја помош, само варди си го духот. Не верувај во себе се додека не легнеш в гроб, биди смирена и никогаш никого не осудувај за ништо. Имало такви подвижници кои ја виделе славата на светиите и добиле таква благодат од Бога, така што правеле чуда, со полагањето на рацете исцелувале болни. Луѓето ги прославувале и тие добиле големо мислење за себе преку ѓаволската гордост, благодатта отишла и почнале да водат расипнички живот, служејќи за потсмев на луѓето. Не чуди се што те стигнале страсти, тие не потсетуваат дека сме луѓе и не смируваат; плаши се од вообразеноста и ѓаволската гордост. Знај дека истрајноста во добродетелта (доблеста) не зависи од нас, туку од Божјата благодат, а благодатта го чува смирениот. Преп. Исак Сирин вели: „Ако се трудиш во некоја доблест и не видиш ни плод ни успех, не чуди се, бидејќи Господ дава дарови не за трудот, туку за смирението!"
Без смирение не може да има никакви до(доблести). Јас, бидејќи сум во духовно слепило, не знам молитвеници и не можам да ти помогнам. Моли се самата, бидејќи Господ дава молитва на оној кој се моли. Ако имаш било какови молитвени навики, тогаш ни чукањето на часовникот нема да ти пречи, но времето потребно за тоа не може да се одреди, можеби ќе поминат и цели години додека тоа не го постигнеш. Кај младиот Георгиј во Добротољубието се споменува посебно вежбање во молитвата. Ти раководи се по општите правила, на кои ти укажав. Не тежнеј кон схима, од неа успехот во духовниот живот нема да ти стане поблизок. А можеби тебе Ти е интересно да облечеш облека со крстови?! Меѓутоа, труди се околу она што единствено ни е потребно, а останатото ќе си дојде само по себе.
Во Киев имаше ваков случај: беа погребани еден схимник и еден искушеник — негов послушник. Кога ги отвориле нивните гробови, схимата била на искушеникот, а на схимникот била облеката на искушеникот. Ете, што ти значи схимник! Бедникот недостојно ја носел схимата! Таа му послужила не за спасение, туку за осуда. Ги пишувам овие редови и црвенеам — и јас сум схимник! Тешко мене, само да не ми биде схимата за осуда! Сепак, не очајувам! Господ е милостив, ја знае нашата немоќ и на схимникот му дал покајание. Слава, Господи, на Твоето свето милосрдие!
Друго:
Писма на валаамскиот старец (23)
Извор:
Издавачка установа „Канео“ при Дебарско- кичевската епархија ,Охрид 2001
Главен и одговорен уредник
Митрополит Тимотеј
Друго:
Писма на валаамскиот старец (1)
Писма на валаамскиот старец (2)
Писма на валаамскиот старец (3)
Писма на валаамскиот старец (4)