76.
4 октомври 1955 г.
Христос помеѓу нас!
Ме радува што го паметиш Валаам и што чувствуваш помош од преподобните Сергеј и Герман. Ми пишуваш дека си скарана со тетка ти веќе 16 год. и дека не можете да се смирите. Тоа е многу тажно. Знај дека твоите добродетели (доблести) на Бога не Му се угодни. Како можеш да ја читаш молитвата „Оче наш...прости ни ги долговите наши, како што и ние им ги проштеваме на нашите должници?" Самата не опростуваш, а Го молиш Бога за прошка?! Бадијала се молиш. Бог нема да ти опрости се дотогаш, додека не се смириш со тетката. Прочитај во Евангелието според Матеј во 5, 23. Самиот Господ се молел на Својот Отец за оние кои го распнале: „Оче, опрости им, бидејќи не знаат што прават" (Лк.23, 34). И св. архиѓакон Стефан се молел за оние кои го каменувале: „Господи, не земај им го за грев" (Д.А. 7, 60). Ете какви примери имаме, а ти не можеш да се смириш со тетка ти. Пишуваш дека таа те навредила. Но, внимателно испитај се, можеби ти не си била во право. Дури ако таа те навредила без потреба, сепак ти си должна да отидеш кај неа и да се смириш. Ако твоето грубо срце не сака да се смири, принуди го. Помоли се на Бога и побарај ја Неговата помош да го омекне твоето срце. Мораш така да направиш, инаку ќе пропаднеш. Бидејќи, Божјиот суд при Второто доаѓање ќе се врши врз основа на Евангелието.
Во молитвата пред светата причест се вели: „Оди, помири се со оние кои те ожалостуваат". Ако непомирена и пристапиш на светата причест, тогаш светите тајни за тебе нема да се тајни.
Еве уште еден пример од црковната историја. Еден свештеник по име Саприкиј и мирјанинот Никифор биле големи пријатели. Но ѓаволот меѓу нив ставил такво непријателство што никако не можеле да се помират. Тоа било за време на гонењето на христијаните. Свештеникот Саприкиј претрпел многу мачења, а тогаш бил осуден, со отсекување на главата. Никифор го молел свештеникот: „Маченику Христов, опрости ми заради Христа" Но, бездушниот свештеник не му опростил, а на мачителите им рекол: „Се одрекувам од Христа." На тоа Никифор открил пред сите дека е христијанин и нему му ја отсекле главата. Саприкиј пропаднал, а Никифир станал Христов маченик. Ете колку тешки гревови се караницата и омразата — после толку мачења човекот пропаднал! Од многу примери наведов само еден. Не пишувај ми повеќе писма се додека не се смириш со тетка ти!
Го повикувам врз вас Божјиот благослов. Господ нека ве смири и нека ве сочува!
Друго:
Писма на валаамскиот старец (23)
Извор:
Издавачка установа „Канео“ при Дебарско- кичевската епархија ,Охрид 2001
Главен и одговорен уредник
Митрополит Тимотеј
Друго:
Писма на валаамскиот старец (1)
Писма на валаамскиот старец (2)
Писма на валаамскиот старец (3)
Писма на валаамскиот старец (4)