Самокастрирање
Ристо Солунчев
Им подигнуваме споменици на солунските атентатори. Но, што со тоа славиме? Разумноста или лудоста? Има еден исклучителен текст на еден (новогрчки) философ Христо Јанарас наречен “Малховото уво”; Малх е слугата на првосвештениците чие уво ќе биде отсечено од апостолот Петар бранејќи го Христа. Постапката на Петар е разумна или луда? Ако човек направи попис на работите што ги направил во сопствениот живот, ќе види дека многу малку работи сторил претходно правејќи сеопфатна анализа на блиските и далечни последици по него или по ближните. Дали разумот се сведува на чиновништво? Тогаш кој сериозно мисли да го стави на пиедесталот на животот и да го прогласи за единственото пертинентно својство на човекот? Ние не љубиме со разум, не пријателствуваме, не го контролираме дишењето со разум, а сепак живееме. Ако калкулирате, вие воопшто не љубите, ако земате некоја мома за жена притоа правејќи сериозна научна студија со предвидувања за иднината, премерувајќи ги можните убавини и неубавини што можат да ви се случат, вие не љубите. Вие сте чиновник. Љубовта не е чин на компромис, инаку не е љубов, таа е неверојатно, љубоморно автореферентна. Апсолутна е, нема граници, во бескрајот може да се множи и оплодува себеси. Притоа, целосно да го игнорира разумот. Земете го монашкиот избор, дали е тој разумен или луд? За Киркегор разумот е искушение на животот, а не негово определувачко својство. Дали од уметноста реално можеме да имаме некаква си разумски вкалкулирана корист? Уметниците и оние што ја љубат, не; од неа сите други имаат корист, издавачки куќи, продажни салони, менаџери, телевизии, продавачи, препродавачи, жените што чистат во сите тие места, накусо, чиновниците. Им подигнуваме споменици на солунските атентатори. Го славиме нивното дело, сметаме дека е полезно за нацијата, за нашата историја, за нашата современа митологија. Но, по што нивното дело е значајно? Поради лудоста, никако не поради разумот. Нивната смрт (всушност и единствената смрт на нивниот атентат е нивната, тие се солунските самоатентатори) нема никаква политички коректна последица за Македонија, ниту тогаш ниту сега. Замислете дваесетгодишни младичи, умни, учени, убави, од имотни фамилии, зборуваат француски, можат да студираат на Сорбона, да живеат во Париз, да се оженат со некоја француска дама, да живеат. Ете тоа би била разумна одлука, оти знаеле дека ефектот што ќе се постигне со нивната смрт нема да биде спектакуларен, знаеле, биле доволно умни. Па тогаш зошто ја запечатуваме таа двојна лудост, да се умре без политичка цел, со споменици? Според логиката на петте сетила, нивната смрт е можеби алегорија, поетска фигура со естетски и дидактички цели. Логиката на петте сетила, логиката на политиката, логиката на разумот. Политиката којашто сака сиот живот да го вшмука во неа, да го изведе од неа, да стори да исчезне надвор од неа. Само во политиката го владеете животот, можете да правите компромиси залажувајќи се со “задоволството од илузијата на достигнувањето”, како што Јанарас го нарекува. Направете компромис, откажете се од Македонија, и нема да умрете, ако останете надвор од ЕУ, ќе се уништите, ќе изгинете, ќе исчезнете. ЕУ е животот, надвор од таа политичка реалност, нема живот. Разум кој сака да го уништи животот кој од него не произлегува. Квазибог кој би ни подарил вечен живот, кој игра на картата на идолите на животот, на пример, надежта. Но, во што, дека нема да умрете? Соблазната на смртта го вооружува животот со историски утопии, со можноста да биде комичен. Може ли ЕУ да им гарантира на сите во Македонија дека нема да заболат од рак, дека нема да загинат во сообраќајна незгода, дека родителите ќе умрат пред нивните деца и ќе се спасат од ужасот да се закопува сопственото дете? Компромис во љубовта, напуштете ја Македонија. Но, тие не ја напуштиле па затоа и им подигнуваме споменици. Затоа што не се надевале во политичката реалност, во тогашното ВМРО. Подигаме паметник на живот кој може да оди до сопствените граници. За Јанарас: “доброволната смрт на секое човечко самоуверување, безнадежноста во каква било човечка моќ, доблест, авторитет, активност, ефикасност, е најголемата сила, најголемата дејствителност на животот”. Во основата безнадежноста е ослободувачка, таа не знае за пораз од што било. Кога човекот во својот ум ќе ја отсече надежта за својот живот, затоа што сè завршува во смрт, веќе се помирува да ја прими смртта. “Таа вртоглава слобода на смртта, неограничената сила на безнадежноста, може да се доживее единствено во рамките на еден љубовен факт. Секоја вистинска љубов е смрт и безнадежност за сè она што не е љубениот”. Во моментот кога ги умртвувате идолите на животот, тогаш ви се отвораат бескрајните граници на слободата на љубовта. Или, пак, сте политичар, разумен, компромисен, калкулатор, лопов, го крадете сопствениот народ поради разумските аргументи да ги обезбедите сопствените деца. Ако има војна, може да загинам, ако сум во ЕУ нема да има војна, значи ќе поживеам уште десетина години, ќе јадам, ќе читам весник на шолја, ќе имам секс. Како да трупот што се распаѓа под земја, има сеќавање за повеќето задоволства што телото ги доживеало дур било живо. Чиновникот е евнух, тој не љуби. Прашуваат кој ќе биде маж да го смени името. Не, за тоа е потребен токму евнух, бидејќи последниве 20 години во власта имаше евнуси, калкуланти, типови “лоши во кревет”. Оној што е маж прво го решава прашањето на смртта, за себе и за сè она што не е она што се љуби. Имено, на мажи им дигаме споменици. На овие евнуси што ѝ се изредија на Македонија никој нема ни да се сеќава. Тие се пагани, идолатри на животот што политиката го фалсификува. Наспроти нив стои едно себепринесување. Ние ја славиме лудоста на атентаторите, лудоста на оние што изгинаа во сите војни за слобода, лудоста на Делчев оти не одбра да живее како чиновник, оти не правеа компромиси, оти од својот живот направија едно себепринесување, уметничко дело. Наспроти нив пустелијата кога не можеш да кажеш: Македонија!
(авторот е асистент на Институтот по философија)
Извор: „Форум“, број 236 / 23.04.2010
Друго: