На порталот на премин, www.preminportal.com.mk, пред извесно време беше објавено едно писмо – реакција на забавната емисија „Еднооки“, којашто оди на една национална македонска телевизија. Од една страна, содржината на писмото беше навистина издржана теолошка апологетика, но од друга, побудува на размислување за заднината на проблемот, којашто е далеку поширока и покомплексна отколку овие од далеку видливи параметри на површина.
Пред неколку години нешто слично и се случуваше на европската јавност, инцидентот со данските карикатури што муслиманите ги доживеаја како богохулство и навреда за исламот. Ако постои аналогија, во двата случаи се работи за мешање на нивоата. За некомпатибилност помеѓу причината и реакцијата што ја предизвикува.
Во нашиот случај, станува збор за класичен тип на провокација ако дејството го сместиме во еден уличен гешталт, во атмосфера на гангстерска диспозиција на околината. Од една страна го имате теократскиот дискурс на исламот, каде што е сосема недобредојден поимот за демократија на општеството, а од друга пак, либерализмот (на граница на анархичност) на протестантските (западноевропски) општества, патем речено настанати како реакција на католицизмот, коишто во последниве стотина години на голема врата ги протуркаа овие, веќе и за балканскиот менталитет популарни тектонски нарушувања во моралните системи на вредности на современите општества, легализирајќи ја проституцијата, хомосексуалните бракови, браковите со животни и слично, под капата на т.н „борба за човекови права“. Кој е православниот дискурс? И дали се разликува од останатите начини на поимање на светот? Притоа мора да имаме на ум дека не се работи за инциденти, туку за процеси што се одвиваат со децении, со векови, па и со илјадалетија и затоа не треба да се задржуваме на површинското гледање на нештата, туку одговорите секогаш да ги бараме длабоко во себе.
Ако хомосексуалноста е избор, свесен избор за начин на живеење единствено заради полот, т.е. сексот, тогаш Црквата во целата таа приказна можеби и може да одигра некаква улога, укажувајќи на можноста за еден поинаков начин на живеење, а тоа е монаштвото, којшто го прави овој избор токму врз основа на надминувањето на половоста, што значи инаугурира еден сосема нов начин на постоење, надвор од магнетното поле на човековата природа. Токму од оваа новонастанатата позиција, се смета за грев секоја погрешна употреба на силите на човекот и на самиот човек, при што хетеро или хомосексуалноста не е причина, туку последица на паднатоста на природата. Тука повторно не станува збор за морал, или за обичајно право. Станува збор за смислата на човековото постоење, којашто е секогаш поврзана со печатот на Бог што Човекот го носи во сржта на својата личност, во заедничноста, во богочовечноста. Христос како Богочовек интерферира во самочовечката (хомо-хетеро-сексуална) заедница и и дава друга насока на човечноста и на љубовта.
Црквата не е од овој свет. Нејзината мисија е да му помогне на истиот да се спаси од себе самиот. Преку молитва и внатрешно менување. Никогаш не наметнувајќи се од надвор. Православната црква може да ја едуцира својата паства во однос на длабоката ерозија на општествената етика на современиот свет, но притоа објаснувајќи дека тоа не е точката на која треба да го задржи своето внимание. Богохулието, или каква и да е друга навреда на стварноста, т.е. нејзино искривување, е последица на таа длабока ерозија, но против (или со) ваквите појави не можеме да се бориме со спорадични проектили коишто ќе ги испукаме од своите удобни фотељи на сигурност и протекција, убедени дека ние сме на добар пат, исправни и со високо морални сфаќања. Не. Така сме сосема блиску, со едната нога веќе заплеткани во замката на Големиот Инквизитор, а со другата во атарот на гордоста – високото мислење за себеси и својата ортодоксност. Наоружани со академска теологија, прикриени во сенката на автоизмамата, ако треба и ќе создадеме вештерки само за да ни успее ловот. Тоа е дефиницијата за суета.
Да внимаваме на слоевите, на повеќезначноста, на суптилната ерменевтика којашто пред се значи одговорност на полето на гносеологијата. Црквата не треба да му суди на овој свет. Таа е осудена од светот. Да се сетиме дека Христос беше осуден (и распнат) за ерес од тогашните еврејски првосвештеници. Бидејќи проповедаше љубов и простување.
Извор: Од најновиот број на ПРЕМИН