Што лошо ќе се научи на час по веронаука? Да се биде човек, да се има морални начела во животот, да се почитуваат родителите и ближните, да се знае дека еден ден во неделата ќе треба да се посвети на Бога и на ближните наместо да биде во постојана трка по другиот бог на парите
Црквата Божја има своја мисија на земјата. Таа мисија е да го води својот народ кон спасение. За да го води верниот народ кон спасението потребно е да го едуцира, да го научи на основните христијански начела на верата. Таа тоа го прави од амвонот за време на богослужбите кога свештеникот го објаснува значењето на празникот што тој ден го славиме и дава уште некои појаснувања за верата и духовниот живот. Но, тоа допира само до оние луѓе што одвоиле од своето време да го посетат храмот и да присуствуваат на богослужбата. Поради тоа се обидуваме на различни начини да допреме до поголем круг луѓе, преку медиумите да позборуваме и дообјасниме некои работи и нешто да го поднаучиме народот Божји. Во тој правец како еден навремен и во многу земји употребуван приод во нашите размислувања одамна беа насочени кон воведувањето на веронауката во системот на образованието како начин на кој ќе може да се допре до децата и од мали нозе да им дадеме правилна и елементарна насока во верата. Но, не сите размислуваа и размислуваат така. Оттука и отпорот кој, за жал, се' уште продолжува.
Пред неколку години откако со судни маки успеавме веронауката некако да ја воведеме во образовниот систем како факултативен предмет, Уставниот суд оценувајќи го тоа како неуставно ја оспори одлуката на тогашната влада и проектот настава по веронаука неславно заврши. Од неодамна повторно се актуализира прашањето и овој пат по надминувањето на сите пречки што ја кршеа уставноста и по одличната одбрана на позицијата како предлагач, веронауката ја доби битката во парламентот и за некој ден влегува во ученичките клупи. И кога требаше да ни олесни на сите, и кога се надевавме дека конечно ќе тргне и дека нема враќање назад, а и дека ќе ни бидат благодарни сите оние генерации на кои сме им дале барем елементарни познавања од областа на верата, која кога ќе пораснат, ќе може или да си ја надградат или да ја закопаат некаде длабоко во себе, ако сакаат ќе може и да ја отфрлат или да прифатат некоја друга религија што би им дала подобри одговори на сите оние суштествени прашања со кои ќе се сретнат во животот, еве не пред едно ново искушение. Дилемата дали да се одбере веронаука или историја на религиите како изборен предмет. Велам искушение, бидејќи лесно може да се види дека кампањата против веронауката се' уште не завршила, туку дека само сменила насока. Претходниве денови слушнав на некое од нашите радија анализа во која се тврдеше дека е промашување во ова економски нестабилно време да учиме за веронаука зашто ќе ни ја предаваат добро ситуираните свештеници. Но, бидејќи свештениците се вработени во храмовите и немаат право на второ вработување, логичен е одговорот дека веронаука ќе предаваат дипломирани теолози што ќе бидат вработени преку Министерството за образование и повеќето ќе бидат од женски пол. На крајот од краиштата и да бидат свештеници, што се плашиме тогаш од нив, освен ако и самите родители не поверувале во тоа што нив ги плашеле како деца, па додека растеле, постојано слушале како им велеле дека попот ќе им ги пресече ушите ако не слушаат или дека попот е баксуз. Би споменал дека предметот историја на религии ќе го предаваат дипломирани социолози и филозофи што не мора да значи дека се и верници. И секако, најголемата замка во сето ова е дека и двата изборни предмета се едно исто. И во многу случаи во анкетите родителите се повикуваат да ја изберат демек полесната варијанта, историја на религиите, како помало зло. Како родителите одлучуваат да ги крстат своите деца, а потоа ги одвраќаат и се обидуваат да ги држат подалеку од верата за да останат само номинални христијани. По оваа логика, зошто уште на самото крштевање, наместо самиот чин крштевање, да побараат само историско образложување или историјат на крштевањето. Исто ли е да се учи математика и да се решаваат задачи што понатаму ќе ги применуваме во животот или потребно е само да се знае историјатот како настанала математиката. Или, исто ли е да се биде сликар-уметник или историчар на уметноста. Секако дека не е. Едниот ќе знае да црта и тоа да го применува во животот, а другиот ќе знае да зборува за историјата на уметноста, да биде ликовен критичар или научник. Така и со овие два предмета.
Слушателите на едниот предмет ќе ја запознаат верата и ќе знаат како да ја практикуваат, а другите ќе бидат подготвени за учество во некој квиз што ќе изобилува со прашања од областа на религијата. Или, пак, се плашиме нашите деца дека ќе станат верници. Од каде тој страв? Што лошо ќе се научи на час по веронаука? Да се биде човек, да се има морални начела во животот, да се почитуваат родителите и ближните, да се знае дека еден ден во неделата ќе треба да се посвети на Бога и на ближните наместо да биде во постојана трка по другиот бог на парите. Дека ќе научи да не лаже, да не краде, да не завидува, убива, да не прави прељуба и блуд, да научи да разликува вера од суеверие, да знае како да ја користи најчитаната книга Библијата и конечно да ја научи смислата на животот? Најголемите заталкувања на младиот човек во дрога и алкохол, произлегуваат од трагањето по смислата на животот. Ако не верувате, проверете го податокот колку млади луѓе успеале да се извлечат од канџите на ова зло преку спознавање на верата која им дала одговор токму на ова нивно прашање. Или, пак, верата е за глупавите и неинтелигентните луѓе? Треба ли да ги наброиме Ајншатјн, Њутн и други интелекти и треба ли да ги споредуваме со политичките комесари во поранешната СФРЈ кои се заложиле да се укине веронауката како назадна и контрапродуктивна. Треба ли да потсетиме дека најдолговечно царство било Источно Римското - Византија, во кое верата се практикувала и не се забранувала, а колку траеше безбожниот социјализам? Треба ли да потсетам за Тоше и за неговата вера? Треба ли да прашам дали нашите деца ќе ги подготвиме за квиз или за живот вечен?
Митрополит Европски г. Пимен
Посети:{moshits}