Бог не не' присилува и не не' обврзува да бидеме верници. Но, ако Он не не' обврзува на тоа, секако не значи дека самите не треба да се обврземе да бидеме барем луѓе
Една од статистички најчитаните и најпродавани книги на земјата е Светото писмо или, како што сме навикнале да го нарекуваме - Библијата. Тука зборувам секако за светски рамки оти не верувам баш дека кај нас статистиката се совпаѓа со светската по однос на ова прашање. Сигурно уште многу години нејзината продаваност ќе каска зад оние режимски, регалски писатели на метро од југословенскиот период кои беа декор на секој дом. А и ако ја достигне продаваноста, пак ќе се сомневам, овој пат во читаноста. И пак ако се вратиме на статистиката, ќе видиме дека во светки рамки имаме над милијарда христијани, кај нас според последниот попис над милион, во светов, особено низ Европа се' повеќе храмови остануваат непосетени и се ставаат на продажба или се рушат, а кај нассе градат и нови, ама сепак процентуално според бројот на декларираните верници посетата е незадоволителна. Освен на големите празници ако во неделите поминеме низ сите цркви низ нашава Татковина се сомневам дека ќе сретнеме 10.000 луѓе, кои отприлика би било 1 отсто од вкупниот број на христијани кај нас. Верувам дека ќе се согласиме со констатацијата оти тоа е навистина незадоволително.Па затоа во кратки црти би сакал да го изложам сижето на оваа книга за оние што ја прочитале да се потсетат, а тие што не ја прочитале да знаат за што станува збор па врз основа на ова да видиме колку од прочитаното спроведуваме и колку со право го носиме името христијани. Ако некој сака да се нарече лекар, ќе се погрижи да го оправда тоа име преку познавање на медицината. Ако некој сака да се нарече музичар, ќе се погрижи да го оправда тоа име и преку познавање на музиката, но и преку нејзиното практикување. Ако некој сака да се нарече теолог, ќе се потруди тоа име да го оправда преку познавањето на теологијата, но и преку нејзиното спроведување во секојдневниот живот.
Значи, откако Бог ги создаде светот и првите луѓе за живот вечен во рајот, и по нивниот престап ги протера од рајот, но и им даде ветување дека преку Христа ќе можеме да се вратиме таму од каде што бевме протерани, ни даде пророци, кои го навестуваа доаѓањето на Спасителот низ Стариот завет, за кога ќе се исполни времето да ни се роди Христос на земјата, ангелите да ни го соопштат неговото раѓање, смирено да поживее меѓу нас луѓето лекувајќи болни, воскреснувајќи мртви, нахранувајќи гладни... и едни го засакаа и го следеа до Крстот, други го замразија, го понижија, го исплукаа, го исмеаја, па на крај и го распнаа, а Он смирено ја прими крсната смрт и славно Воскресна и со тоа ни даде можност и нам за воскресение и за живот вечен.
И сега врз основа на ова ако некој сака да се нарече христијанин, ќе треба да се потруди да ја открие смислата на христијанството преку оваа света книга, да поверува во Бога и да постапува согласно прочитаното и да сфати дека само преку Крст се доаѓа до Воскресение. Ако сево ова се прифати и се одживее, со право ќе можеме да се наречеме христијани.И уште нешто, Бог ни дал слобода да одлучуваме сами дали сакаме да бидеме верници или не. Бог никогаш нема да не' присили да прифатиме вера, ќе ја испочитува нашата слобода до крај. Ако е така, да постапуваме барем во тој случај како што постапува Бог и и ние да не му наметнуваме вера никому, да оставиме секој сам да ја сознае верата и да одлучи на која вера сака да се приклони или сите светски вери и вероисповеди да ги отфрли.
Па затоа можеби е подобро и да не се покажуваме како верници и христијани ако не се согласуваме и со најмал дел од ова што треба да го прифатиме за да можеме со право да го носиме ова славно име, од едноставна причина што ако не сме вистински христијани, може да има сериозни опасности, не само за нас туку и за нашите ближни. Да не би од желба да бидеме христијани да станеме верски фанатици.Сведоци сме последниве две-три децении дека мноштвото од војните што се случуваат по светот, а особено кај нас на Балканот освен тоа што беа национални, беа окарактеризирани и како верски. Беа оценети како верски и верата беше камен на сопнување, а не ги водеа верници. Ова го тврдам бидејќи верникот нема да посегне по оружје , затоа што ниедна вера не не учи ниту на зло, ниту на неморал, ниту на насилство. Ако пак војните се верски, а нејзе ја водат верници тогаш кој ги води? Ги води сурогатот на верата односно верските фанатици. Верски фанатици се пак оние луѓе кои се спремни да умрат за својот Бог и покрај тоа што за својот Бог немаат ни елементарно познавање и се многу лесни за манипулација посебно кога треба да се демонстрира сила. За да бидам појасен би навел еден пример, одењето во војна со подигнати три прста како симбол на православието, а да не се знае ни основната Христијанска молитва, Оче наш. Нели ви заличува на крстоносните војни од средниот век, кои се свеле на обични ограбувања на светињите... Бог не ни' присилува и не ни' обврзува да бидеме верници. Но ако Он не не' обврзува на тоа, секако не значи дека самите не треба да се обврземе да бидеме барем луѓе.
Митрополит Европски Пимен
Извор: Дневник
Посети:{moshits}