Грижа за денес
“Па затоа не грижете се и не говорете: што да јадеме, или што да пиеме, или во што да се облечеме? Зошто сето тоа го бараат незнабожците, а Вашиот Отец небесен знае дека за сето ова имате потреба. Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и се ова ќе ви се придаде. “ (Матеј 6, 31-33)
Уште една грижа за денес ако имам или уште поголема ако немам избор, доколку морам да се колебам помеѓу добро, подобро и најдобро или стојам помеѓу желбата и кусокот. Што да јадам: убаво зачинето обилно парче чисто свинско месо, калорична пица или сендвич со убаво мирисна плескавица чие загорено масло ја поплавило нашата облека и половина улица? Или можеби повторно супа, по седми пат оваа недела, полна со вода и само неколку додатоци кои на нејзината површина изигруваат привлечен залак? Што да пијам: нешто жестоко што ќе ми ја претвори потсвеста во куп мрзливи помисли кои се убедени дека тоа е добро расположение, нешто со многу кофеин кое ќе ме пробуди само до нивото на способност да озборувам насреде глутница ненаситници да ги чујат најновите трагедии на нивните ближни како би се компарирале себеси или некоја мешавина која ќе ми ги подига рацете во континуиран аплауз на ритамот од песна која ја изведува обезслухена полугола пејачка со танцова надареност, на која и се придружувам гласовно со многу меланхолија пробудена од текстот? Или можеби чисто изворска вода со мирис на минерали која настојува да стане голтка и покрај разумот кој бара алхемиска трансформација? Што да облечам: најновиот модел од некој починат креатор кој во својот компјутер оставил нацрти за модата во следните педесет години, или тесниот фустан кој сите облини го прават комичен и разблуден, но и сестрите на Пепелашка тоа го преживеале, или пак фармерките во тренд чиј крај и почеток се непознати, кои и дозволиле на долната облека да поддаде глава и да покаже дека денес сите се рамноправни? Или можеби темелно испеглана стара кошула со излитени рабови која мириса на сапун и мајчини раце?
За жал сето ова го бараат незнабошците кои не го запознале или уште полошо, го подзаборавиле Бога. Верата им застанала до светот, а надежта до телото, мал капацитет на волја која лукавиот лесно ќе им ја победи. Животот ни завршува на земјата, си мислат тие, и го имаме ова тело за кое треба да се погрижиме да му биде удобно тие неколку години. Ќе му даваме да јаде и пие, ќе си го облечеме и сета таа грижа ќе ни го одземе вниманието потребно да не чува будни за тој ден. Во тој ден, во некој час Бог ќе затропа на нашата врата, а ние во тежок сон, мамурни нема да можеме да одговориме ниту на прашањето: зошто не сме подготвени? Ќе бараме по собата нешто што наликува на опрема за патување, но праведниците веќе се издигнале на облаците. Ќе ни остане само погледот кон небото, полн со солзи.
Нашиот Отец небесен знае за што имаме потреба. Ни измерил точно храна за да замолчи еден желудник и неговите страсти да се преполнува и бара уште, да создава мрзливо тело во пранги на лакомоста. Ни измерил точно вода за да засити еден крвоток и неговите страсти да се опива и бара уште, да создава расклатено тело во пранги на опиеноста. Ни подготвил таква облека која ќе ја сокрие голотијата наша незадоволна да бара уште и создава наконтено тело во пранги на суетноста. Колку убави мери за разумни очи.
И најнапред да го бараме царството на Бога и Неговата правда. Прибери не Боже во Твоето небо и пронајди место со сонце и сенка, каде се што се гледа е храна за погледот кој копнее по светол пејсаж со скротени ноти, се што се гледа е напивка за душата која копнее по еликсир достоен на нејзините излетувања, и се што се гледа е облекло за радоста која не сака да не напушти ниту после молкот на камбаните. Таму пишува: правда и веќе никој нема да се обѕирнува назад во минатото свое полно со тага и веќе никој нема да прашува зошто злото секогаш празнувано беше.
А потоа се ова ќе ни се придаде. Лисјата од дрвото на животот ќе ни бидат храна. Насмевката на Милостивиот во одразот на прозирните водни извори ќе ни ја угасат жедта. Белата чиста облека ќе не оддели од другите стада и сите ќе не познаат дека сме Негови.
- SP Apostol
- 28-ви јуни, лето Господово 2014
Друго: