Светлина и мрак
“Светило за телото е окото. И така, ако твоето око биде чисто и целото твое тело ќе биде светло, ако пак, твоето око биде лошо, целото тело ќе ти биде темно. И така, ако светлината што е во тебе, е темнина, тогаш каква ли ќе е темнината? “ (Матеј 6, 22-23)
А го создаде Господ Бог човекот од прав земен и му дувна во лицето дух животен и човекот стана жива душа, со светло око. И насади Господ Бог рај и таму го смести човекот што го создаде, Адам со светлото око. И направи Господ Бог да израстат од земјата секакви дрвја, убави за гледање со светло око и добри за јадење, и дрвото за познавање на доброто и злото помеѓу нив. И земајќи го Господ Бог човекот кого го создаде, го воведе во градината Рајска, за да ја гледа со светлото око, да ја обработува и пази. И му заповеда Бог на човекот да јаде од секое дрво во градината, освен од дрвото за познавање на доброто и злото, зошто ако од него вкуси во истиот ден и ќе умре. Потоа Мудриот, за да не биде сам, му зеде на човекот ребро и создаде жена од него, и таа исто така со светло око. И беа обајцата голи, Адам и жена му Ева, но со светлите очи не им беше срам. Во Рајот беше и змијата, полукава од сите ѕверови други и не со светло око, и и рече на жената дека кога ќе вкусат од забранетото дрво, нема да умрат туку ќе станат богови кои ќе разликуваат добро и зло. И жената, гледајќи не со светло око дека забранетиот род е добар за јадење, убав за гледање и примамлив поради знаењето, набра од него, јаде и му даде на мажот свој, та и тој да вкуси. Тогаш им се отворија не светлите очи на обајцата и увидоа дека се голи па се сокрија со лисја од смокви. Бог одеше низ Рајот во приквечерината и го сфати сето тоа, ги изгони Адам и неговата Ева од градината и постави херувим да го пази патот кон дрвото на вечниот живот.
Оттогаш повеќе не се ни зачна човек со светло око. Господ Бог пак прави да израстат од земјата секакви дрвја, убави за гледање, но не добри за јадење бидејќи некој со темно око отровните исцедоци од своите зли експерименти ги вкопал длабоко под лушпата на плодот. Го дал Господ Бог и Словото за познавање на доброто и злото, но некој со темно око толку ги изобличил верата и вистината, што сторијата за Ева и змијата е бајка за деца наспроти нив. Го воведе Господ Бог човекот сега во градината земска, да ја обработува и пази, но некој со темно око се досетил да направи робови од ближните свои кои тоа ќе го прават наместо него, и тоа во полза на времето што ќе му биде уште недоволно за нови темнини. И пак му заповеда Господ Бог на човекот да биде послушен во десет реченици за да ја поврати својата привилегија на вечност, но некој со темно око одлучил тоа да го презре и биде понизен на сто реченици по волја на похотта. И за да не биде сам, на оној со темно око му се придружи и жената негова исто така со темно око, и обајцата беа со валкана облека која не можеа да ја препознаат веројатно поради темнината. И не им беше срам, тоа беше во тренд сите овие векови. На земјата секако беше и змијата, полукава од сите луѓе која им рече на сите со темни очи дека Бог е немилосрден за непослушните и дека единствениот живот кој се има треба да се потроши на страстите. И луѓето со темни очи гледајќи дека телата лесно им се задоволуваат, јадеа од забранетите плодови со краткотрајна сласт која воглавном завршуваше со повраќање. Тогаш ќе им се отворат темните очи на сите и доколку не е премногу доцна со крајот на зеницата ќе го забележат Зракот над облаците Кој ги осветлува скалилата кои водат Горе.
И така ако светлината, што е во нас, е темнина, тогаш каква ли ќе е темнината? Темнината е пострашна од местото на плач и крцкање со заби. Погрозна од преданијата за пеколот како врел казан среде запален оган со црвени насмеани ѓаволи кои со трозапци ги туркаат мачениците подлабоко. Подолга од секоја молитва на нашата нетрпеливост да се стави крај на некое чекање кое ги отчукува минутите во години, незаинтересирано за неговиот изглед дека тукушто започнало. Таа најтемнина која не се опишува е одвоеноста од Бога, осаменоста среде туѓинци кои го подзаборавиле Светлото наше и безнадежноста да се повика Неговото име во секој час.
- SP Apostol
- 01-ви јуни, лето Господово 2014
Друго: