Клетва без зборови
“Сте го слушнале уште и тоа дека им било речено на старите: не колни се криво, а заклетвите пред Господа исполнувај ги. Јас, пак, ви велам: не колнете се воопшто, ниту во небото, оти тоа е престол Божји, ниту во земјата зошто таа е подножје на нозете Негови, ниту во Ерусалим, оти е град на великиот Цар. Не колни се ни во главата своја, зошто не можеш ниту едно влакно од косата своја да го направиш бело или црно. Но, зборот ваш да биде: да, да, - не, не, а се што е повеќе од тоа, од лукавиот е.” (Матеј 5, 33-37)
Кога бев дете, зборував и мислев како дете, и гледав нејасно како во огледало, уверен бев дека клетвата како свечена обврска претставува нешто свето чие исполнување не смееше да се доведе во прашање, па и по цена на животот. Да се заколнев криво ќе предизвикав лавина во моите принципи, изневерување на Бога и погазување на мојата чест која тогаш високо котираше. Ако сепак тоа и го сторев, ќе се казнев со долгорочно невкусување на леб, небаре апстинирањето од основната храна ќе ми ја исчистеше устата која излажала. Гледајќи нејасно како во огледало, уверен бев дека заклетвите во Господа ги исполнував. Се заколнав на сиромаштија, а го раздавав само оној дел од имотот што ми преставуваше вишок од добивката. Се заколнав на добрина, а користев терци во тонот кои многу наликуваа на сарказам и караница. И се заколнав на исчистеност, додека храмот на моето тело го направив дом на повеќе од седумте демони.
Реков тоа се случи кога зборував и мислев како дете. За жал тоа и сега го правам, иако низ завесата понекогаш допира до мене глас кој го идентификувам како Повик. И затоа нема да се колнам воопшто. Нема да се колнам во Небото, бидејќи таму се ангелите и ним им припаѓа местото до престолот. Нема да се колнам во земјата, бидејќи таму се нозете Негови сеуште неизмиени од солзите покајнички. Нема да се колнам во ниту еден град, бидејќи тие се Цареви, а јас сум дел од нивната прашина. Сакав да се заколнам барем во мојава глава, но ми недостасува моќта да ја променам бојата на само едно влакно од косата. Ако се заколнам во моиве очи, набрзо ќе го загубам од вид и она малку светлина што ме будеше. Ако се заколнам во моиве раце, тие ќе ја одбијат послушноста да го носат крстот. Ако се заколнам во моево срце, тоа ќе сфати дека не е само обична пумпа и средство за освојување на девојки. Ако се заколнам во мојава душа, тоа ќе биде последната нејзина воздишка пред да ја продадам на сатаната.
Тоа ќе се случеше ако зборував и мислев сеуште како дете. Но, сега зборот мој ќе биде “да, да“ или “не, не“ ... Еднаш “да“ дека ќе го следам Сонцето и покрај цела оваа темнина во мене и ќе се обидам да му отворам прозорец на Неговите најсилни зраци. И вторпат “да“ дека ќе пијам само од Изворот на жива вода и ќе се обидам да ја полнам чашата за секоја неприлика. Еднаш “не“ за страстите на телово кои треба да се помират со лекцијата на скромноста. И вторпат “не“ за љубезноста на лукавиот и неговите евтини приказни кои ме срамнија со тлото и не ми дозволуваат да се почувствувам неиспогането.
И повторно проговорив како дете, полно со искреност во реченото, но со многу мала сила да опстои до него, скоро невозможно да го исполни во целост. Заради тоа клетвата без зборови стана начин на живеење кој ме спаси од бездната на лагата. Со молк го ставив оној поглед на себе, од кој мора да се заклучи дека беспредметна е дискусијата за текот и крајот на моето однесување. Ако се случи нешто надвор од границите на очекуваното, тоа ќе се напомне во записникот на страната во која е запишано дека првиот збор за асоцијација за човек е несовршеност.