Соблазните
“Ако те соблазнува десното око, извади го и фрли го од себе, зошто подобро ти е да погине еден дел од твоето тело, отколку целото да биде фрлено во пеколот. И десната рака, ако те соблазнува, исечи ја и фрли ја од себе, оти подобро ти е да погине еден твој дел, отколку целото твое тело да биде фрлено во пеколот.” (Матеј 5, 29-30)
Што сака десното око? Нови хоризонти ли, светлина посветла од сончевата, да компарира помеѓу да се има или не, да ужива без да се пазари за глетката? Кутро десно око, можноста да се биде прво на вратата на перцепирањето на околината го направило невнимателно. Превртувајќи со зениците по надворешната убавина на битијата наоколу, се насладува со бојата на нивните очи и кожа, со облините поставени во математички размери и ѕирка длабоко позади нивните облекла со тенденција да создаде дури и бесрамен видео клип во мислите, и онака преполнети со карикатури. Ги слави фасадите на објектите кои кријат рушевини, базените и бањите со меурчиња во нив, бескрајните персиски теписи и кинески вазни покрај кои парадирале династии, подземните гаражи и надземните камини со мечкина кожа до нивната топлина во чии влакна сеуште останал мирисот на мечињата сирачиња. Лудува по автомобилите, часовниците, високите потпетици, чантата од крокодилска кожа и по се што носи име на прочуените, кое не мора дури ни да се експлоатира бидејќи исполнетоста се доживува само со љубов на прв поглед. И од орган за вид се претвора во судија кој донесува одлука дека сето погоре напоменато другите го имаат повеќе, подолго, посјајно, за на крајот да се дрзне и испрати стрели полни со отров. Затоа ќе го извадам и фрлам од себе, за левото да не заборави и ме обнови, да се погледне во земјата каде понизноста се сокрила и чека некој да ја овенча.
Што сака десната рака? Други допири ли, пространост поширока од Небесната, да компарира помеѓу да се поседува или не, да ужива без да се пазари за грабнатото? Кутра десна рака, можноста да го прегрне целиот свет и да погали насекаде ја направила невнимателна. Ги издолжува прстите по надворешната убавина на битијата наоколу, го планира допирот на облините кои не и припаѓаат и пребарува по нивните тела поддадени со зла намера. Ги гради фасадите и објектите со базени и камини, полни со неприлагодливост некогаш да бидат домаќини на вистинската љубов, на која попатно речено би и било доволна зимската колиба сместена среде лавина, со два прозорци и оџак од каде издишува хармоничноста. Очајна е по автомобилите, потпетиците и се што имаат прочуените, како да заборавила дека нивните отпечатоци се само бледа сенка на една попуста желба, фатаморгана на капки вода во најжешката пустина. И од екстремитет се претвора во насилник да опфати се и покрај нејзината мала волуменозност и недостојност дури и да биде гнездо на штотуку родено ластовиче. Затоа ќе ја исечам и фрлам од себе, за левата да се потсети и ме обнови, да го задржи крстот и неговата моќ која заситува.
И подобро е без нив, погинале мои делови, но целината нема да оди во пеколот. Ќе тропнам на Портата со левата рака и ако се подотвори со левото око ќе го поздравам Домаќинот, Кој нема да гледа во моите недостатоци и ќе се радува на белината на она што останало. Ќе ме седне помеѓу поканетите каде љубезно ќе си го подаваме соларникот кој со лева, кој со десната рака. Левото око нема да ми гледа со завист кон оние кои ништо видливо не загубиле. И сите ќе дознаат дека јас бев мртов, а сега оживев. И сите ќе бидат среќни дека во огненото езеро има само едно око и една рака, а на масата покрај нив човек со еден ореол и две крилја.
- SP Apostol
- 19 ти јануари, лето Господово 2014
Друго:
9-ти март, лето Господово 2014