Наш избор - (Од архивата на Преминпортал)
презвитер Горан Стојчевски
ИЗБОРИ СЕ ЗА ЉУБОВ
„Пазете сé што сум ви заповедал, и ете Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот„
(Мат. 28,20)
Ако природата што нé опкружува сведочи за величината на Божјата љубов што е излеана во постоењето, тогаш Светото Писмо е непресушниот извор на таа голема благодат и љубов откриена во Богочовекот Христос. Преданието на Црквата е сведоштво и потврда за Вистината објавена во Библијата, во Евангелието, реализирање на постоењето, живот и триумф на вечниот живот со Воскрсението Христово. Денес, по се изгледа и покрај тоа што се изјаснуваме за православни христијани, по Божја милост и за свештенослужители Христови, мислам на целата Црква Христова, не само на свештенството, иако тоа треба нас најмногу да не засега, заглавени во секуларното квазибитисување како да забораваме на непобитниот факт на нашата вера, Воскресението. Еве, само што си упативме честитки по повод Христово Воскресение, онака културно, согласно востановениот секуларен бон-тон за тоа дека исполнивме дел од нашата религиозна обврска, веќе наредните денови и периодов што настапи сведоци сме за тоа како едни на други почнуваме да си ги броиме гревовите, страстите, осудувајќи се еден со друг, или како што вели Христос, од преполнетото срце прикажува устата (Матеј 12,34).
- Ова и не е нешто ново, користејќи ја библиската егзегеза, дознаваме дека во Христово време, постоеле неколку струи или партии кај богоизбраниот народ. Најпознати биле фарисеите и садукеите. Тие биле во постојана расаправија односно непомирливи противници околу прашањата за Законот и Пророците, поточно согласно нивните страсти повеќе заглавувале на формата отколку на суштината од Мојсеевиот Закон и пораките од Пророците. Исто така, имале и различни гледишта околу пристапот и односот кон елинско-римската култура, т.е. меѓународната заедница во тогашната глобална империја. Фарисеиите или како што се толкува нивното име издвоените го признавале воскресението на мртвите и ангелските чинови, а садукеите или праведните убедувале дека не постои ниту ангел, ниту дух, а не пак воскресение. Преставниците на двете струи, сакале прво место на гозбите и предни места во синагогите, поздрави по улиците и народот да им вели, учителе, учителе! (Матеј 23,6-7). Значи, многу полагале надеж на функција и популарност. Имало и трета струја, книжниците, учените, кажано со денешна терминологија, експерти. Тие биле спецјализирани да го толкуваат Законот и Пророците, но во зависност од тоа како би им одговарало или на фарисеите или на садукеите, се приклонувале или кон едните или кон другите. Познати исто така биле и зилотите т.е ревнителите, тоа биле самопрогласените чувари на верата, традицијата и обичаите, и биле љубители на построги методи кон оние кои не мислат и не делуваат како нив.
Забележливо е дека и покрај тоа што поминале повеќе од двеилјади години, животот во светот, во општеството и не се сменил многу, можеби денеска е пософистициран, но сепак страстите остануваат исти. Заради тие наши страсти прво си наштетуваме себе си, па наштетуваме на ближниот, па следствено на тоа наштетуваме на светот, и на сето создание. Ако сакаме себе си да се идентификуваме како православни христијани, потребно е да се научиме на зборовите Христови, дека она што излегува од устата, го осквернува човекот... тоа доаѓа од срцето...од срцето излегуваат лоши помисли, убиства, прељубодејства, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули; тоа го осквернува човекот (Матеј, 15,10-20) т.е. не е доволно да ја задоволиме само надворешната страна на нашата припадност како православни, туку да се покаеме за гревот што е во нас, но и да го исчистиме срцето од страстите, бидејќи ако тоа не го сториме сигурно ќе станеме слепи водачи на слепци, а кога слепец води слепец, тогаш и двајцата ќе паднат в јама (Матеј 15,14).
- Поделбите меѓу нас секогаш ги правиме кога не погледнуваме длабоко во нашето срце, кога се занимаваме со анализирање на туѓите животи, кога осудуваме согласно нашите страсти, кога не дозволуваме Христос Богочовекот да биде наша мерка во сиот наш живот, со право вели свети апостол Јаков, од каде се војните и расправиите меѓу вас? Не оттаму ли-од вашите похоти? и додава, каде што има завист и карање, таму има неслога и сé е лошо (Јак. 3,16; 4,1).
Ова се случува кога го знамаруваме фактот дека Христос Воскресна, дека ни подари живот вечен, дека ни го врати достоинството кое го изгубивме со гревопадот, и нé постави на повисоко достоинство, да бидеме во единство со Бог во Црквата преку Телото и Крвта Христови, да бидеме еднокрвни со нашиот Создател и Спасител примајќи го во Светата Причест за простување на гревовите и живот вечен, а преку Него да бидеме она што сме, браќа и сестри, народ Божји, личности кои во себе го носиме ликот Божји. Другиот наспроти нас, секогаш во себе го носи образот Божји, Христос се поистоветува со секој човек, бидејќи за сите и за сé проповедаше, пострада, претрпе смрт, но и Воскресна, отворајќи му пат на секој човек до вечниот живот во Царството Божјо, секој наспроти нас е нашиот ближен, нашиот однос кон него е и наш однос кон Христос Богочовекот, па од тој однос зависи или нашето спасение, или нашата осуда, треба да избереме дали ќе бидеме како гоределивиот фарисеј или смирениот цариник, дали на некого ќе му ги броиме гревовите како што му ги броеја на слепородениот и ќе го осудуваме (Јован 9,34), или ќе бараме прошка за нашите гревови, со непрестајно повикување, Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот, за да ни ги отвори очите кон Него - вистинската светлина на светот (Јован 9,5).
Целиот наш живот, како христијани не може да биде поделен на религиозен и секуларен, туку еден, како што е еден Христос. Неговиот живот треба да биде наш живот, како што вели свети апостол Павле, не живеам јас, туку Христос во мене.
- Без Мене не можете да направите ништо, вели Христос, секоја наша мисла и делување треба да ги поврзуваме со овие зборови на Спасителот, многу можеме да измениме во времето и просторот со името Христово, прво можеме да се измениме себе си, пристапувајќи на покајание, можеме да го измениме ближниот со нашиот христијански однос, можеме да го измениме светот да го преточиме во литургиското време, во вечноста, зашто под небото нема друго име дадено на луѓето, со кое би можеле да се спасиме (Дела 4,12). Со тоа име свети апостол Павле нé повикува да се молиме непрестајно, бидејќи само во името Христово можат да престанат поделбите и да бидеме обединети само во плодовите на покајнието, љубовта, долготрпеливоста, милоста, незлобливоста, простувањето... со овие добродетели откриени во Христа да ни биде исполнето срцето, па омразата да ја преточуваме во љубов, навредата во почит, лошите зборови во молитва, за да бидеме светлина во светот и да познаат дека сме Христови ученици, бидејќи ако имаме љубов, а по љубовта ќе познаат дека сме Негови ученици, во спротивно заглавени во гордоста во многу ќе заличуваме на оние погоре наброените струи и фракции што го распнаа Христос.
Спасителот го исполни Законот и Пророците и не се приклони кон ниту една од наброените страни, туку ни го покажа патот на покајнието, вечниот живот во царството Божјо кое не е од овој свет, исто како што и Црквата Божја не е од овој свет, туку преку Литургијата е сведоштво и присуство на Царството Божјо во овој свет. Има излез, а тоа е Литургијата преку која низ покајание ќе им ставиме крај на нашите страсти, а со благодатта ќе се кренеме на нозе и ќе се определиме за за нашата иднина, вечниот живот и единството со Бог во царството Божјо, каде несомнено ќе ја реализираме нашата слобода во Христос Богочовекот.
8-ми март, лето Господово 2014