Седма беседа на гората за миротворците
“Блажени се миротворците, зошто тие ќе се наречат синови Божји!” (Матеј 5, 9)
Каква леснотија распределил, не дозволува да му попречат ниту цвркотот на птиците, земјотресот во близина, лавот надвор од кафезот, ниту плачот по загубеното богатство. Тоа е мирот, воздушеста материја, невидлива со голо око, кое ја преполнува внатрешноста и се излива како блаженост на лицето. Не се купува, разменува или облекува. Се здобива по благодет и го имаат само оние кои заслужуваат да се наречат синови Божји.
Да се има мир со ближниот свој. Нивата со своите смешни граници не може да се подели еднакво на браќата, една нејзина грутка секогаш ќе превагнува. Креветот на сопружниците ќе биде студен по средината ако тие не разговараат и си бидат завртени со грбовите. Работникот ќе се откаже од својата љубезност кога ќе погледне на плодовите на стопанот набрани со неговата пот. Виното ќе им се закани на луѓето дека од втората чаша па натаму тоа ќе им биде и диктатор и гласноговорник. Блудот ќе го повика родот да се оскрнави и се заборави кои тела требаше да бидат едно. Бунтот ќе остави свои белешки кои прочитани нема да имаат никаква сличност со исконското да се даде и повеќе од половина себе на својот брат, копнежливо да се најде топлината во очите на сопругата, платата да биде доволна за леб насушен полн со мирис на мана, виното да служи за црвенеење на образите, а блудот оставен на инстиктот на животните.
- Да се има мир со самиот себе си. Наутро сонце да ме буди и да ми раскажува за Творецот. Да сфатам дека сум храм Негов кој нема да го исполнувам со нечистотија. Јас знам дека никакво добро не живее во мене, во моето тело желба за добро има, но не и сила за да го правам тоа. И така го наоѓам овој закон: дека кога сакам да правам добро, злото е близу и она што не сакам го вршам. Многу поразувачки и недостоинствен јас кој треба одново да се роди. И зошто толку го мразам неговиот начин на извинување кога ќе Го изневери и оправдувањата за тоа, кои повеќе личат на наивна лага на дете уплашено од шлаканицата на неговиот татко. Го мразам и честото повторување на истите грешки скоро во ист интензитет и рок и вчудоневидениот поглед отпосле кој прашува како можело да се случи тоа повторно. Но, немам сила да ја мразам и молитвата на крајот која бара уште малку сила да се победат искушенијата и се остане Исусов до секогаш.
И, да се има мир со Бога. Да се послушаат десет реченици низ животот и бидат и храна и напивка и светлина. Да се исполни секоја нивна цртичка, бидејќи ако во едно се потфрли, исто како се да се погазило. Некои се обидоа, некои го презреа и не се најде совршен да го исполни. Тогаш Милоста го прати Синот кој со сопствената крв ја плати цената за откупот и еве несовршени и непослушни на законот, сепак Божји . . . Ни остана уште малечка должност, повеќе несоница отколку обврска, да веруваме во Синот, во тоа што го сторил за нас и тоа што не очекува. Наредното утро невремето ќе ги скроти своите страсти и ќе ни покажува заби само преку застаклениот прозорец. Внатре ќе нема ни бучава, ни врвулица, ни нешто што ќе предизвика бран на површината. Тоа ќе биде чисто утро, ослободено од сите стеги дека следува некоја апокалипса.
Миротворците ќе се наречат синови Божји. Името ќе им биде наследници, а правото да поминуваат покрај Престолот. Ќе имаат Татко и нема да бидат сами. Нема да им недостига гласот на гневот кој ги жигосуваше на земјата. Ќе ги заборават и блоковите на поделба како предуслов за мутирање на човекот во друго битие. Ќе продолжат да жалат за оние кои додека траеше поучувањето беа неоправдано отсутни заради подземните радости.
- SP Apostol
- 19 ти јануари, лето Господово 2014
Друго: