логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

 

Една од манифестациите за длабоката разнебитеност во современото општество- е губитокот на она значење кое, во него, од искона го имал мажот.
Небаре по навика, продолжувајќи со именување на мажите како "посилен пол", ние престануваме да ги восприемаме мажите како сила и столб на општеството. Најболно и најчувствително од сè е што тоа се одразува на семејниот живот, на воспитувањето на децата: самото поимање на татковството се разводнува и го губи значењето. Зошто е тоа така и каде е излезот? За ова разговараме со свештеникот Јов Гумеров, кој сега живее во Сретенскиот ставропигиален машки манастир во Москва; во својот претходен живот.( Пред да стапи во манастирот отец Јов имал семејство и бил парохиски свештеник /заб. рецез./) тој воспитувал три деца, неговите два сина станале свештеници.

- Православните христијани го нарекуваат Бога Отец. Бог Отец - Првиот од личностите на Пресвета Тројца. А зошто тоа е имено така? Зошто именувања од типот на Господар на сè, Владика, Творец, Седржител, - се чинат недоволни, зошто е неопходно именувањето - Отец?

- Учењето за Пресвета Тројца претставува изворна и основоположителна догма на христијанството. Бог е еден - но троичен во Лицата. Митрополитот Макариј (Булгаков) ја нарекува оваа догма "тајна над тајните". Единиот Бог E три Лица, или Ипостаси: Отец, Син и Свет Дух. Бивајќи единосуштни, трите Лица се одликуваат според ипостасните особености. Отец кој е вечнопостоечки. Тој е нероден. Синот предвечно се раѓа од Отецот. Светиот Дух предвечно исходи од Отецот. Раѓањето претпочита татковство. Последователно на тоа, и при сите значења на таквите имиња Божји како Господар на сè, Владика, Творец, Седржител, тие се недоволни за да ја определат главната особеност на Првото Лице од Пресвета Тројца.

- Читајќи го Стариот Завет, го согледуваме колосалното значење на татковството: личноста на таткото ја определува и судбината на човекот како и неговото место среде луѓето. Родословието се смета исклучиво по машка линија, личноста на мајката се истакнува само при неизбежна неопходност: Есеј го роди царот Давид; царот Давид го роди Соломон од некогашната жена на Урија (МФ. 1,6). Денес во нашето општество отсуствува концептот на родословието, ние немаме самочувство за врска со предците, малкумина од нас се чувствуваат самите себе како плод на родословното дрво и се стремат да бидат достоен плод. Што мислите, како нам ни се одразуваат овие околности, на современото општество, што губиме, губејќи го родословното сознание кое се покажува за невозможно без поимањето на татковството?

- Навистина, доколку се земат само канонските книги од Библијата, зборот "татко" се употребува 1095 пати. Исто како што зборот "мајка" со генеративните форми ("матерь", "матери" и др.) (заб. на прев.) се сретнува само 358 пати. Посебно значење на таткото се истакнува во познатата библиска фраза "татков дом" (евр. "бејт аб"). Исклучителното значење кое Светото Писмо му го придава на таткото, се објаснува имено со тоа дека човечкото татковство претставува образ на татковството на Отецот Небесен. Во библиските времиња таткото не претставувал само глава на семејството, туку човек од кого зависела животна сила и благосостојбата на семејството. Пред сè, на таткото му припаѓала обврската да ги воспитува децата. Таткото бил главен воспитувач: Воспитувај го синот свој и внимавај над него, за да не те огорчуваат неговите непристојни постапки (Сир. 30,13).

Тажна слика гледаме во нашево време. Колку ли татковци се измачуваат поради гревовите и непристојните постапки на своите деца затоа што не се потрудиле во нивното воспитување! Причината се состои во тоа што живееме во општество што се одликува со масовно безверие. Вековните традиции и темелите се срушени во потполност. Навистина, поимањето на татковството на најнепосреден начин е поврзан со поимањето на "родот". Од дамнини на родот, родовата заедница им се придавало особено значење. Луѓето се стремеле да го сочуваат преемството на поколението. Благодарение на тоа човекот ги наследил даровите од неговите предци, благословите и ветувањата Божји. Луѓето се стремеле кон консолидација, се грижеле како да ја сочуваат заедницата. Христијанството посебно подвлекува укажувајќи на единство на сето човештво, зошто сите луѓе составуваат единствен род. Од една крв Он го создаде сиот род човечки за населување по сето лице на земјата (Дела.ап.. 17, 26)-?. И нашиот Господ Исус Христос со својата смрт на Крстот го искупил сиот род човечки.

Да обрнеме внимание: На Светото Писмо му се туѓи поимањата како "дедо" или "прадедо" и т.н. Сите предци се нарекуваат татковци. На патријархот Авраам често му се припишуваат зборови како таткото наш (Јак. 2,21; Рим. 4, 1) Што ни говори тоа? За тоа дека татковството, со смената на генерациите не го губи значењето со текот на времето.

Во социологијата постои концепт "атомизација на општеството". Тоа е – болна состојба на распад на социјалните врски. Како причина се покажа растечкиот индивидуализам. Тој води кон разрушување на природните основи на општеството, но и на семејството. Се создаваат семејства, но мнозинството од нив не претставуваат социјално-морален организам. Ние го сведочиме катастрофалниот распад на семејството. Современото семејство во буквална смисла е преплавено од пороците на нашето болно општество. Во Русија во 2012 година биле склучени 1.213.616 бракови, а се распаднале уште истата година – 614.948 бракови. Речиси 53%! Секоја година околу 400.000 деца се лишени од татковско присуство.
Каде е излезот? Само со враќање во христијански начин на живот. Јас знам дека тоа е веќе испробано. Човекот не се наоѓа во судбинска зависност од пороците на своето општество. Образот Божји во него и совеста, како небесен глас во душата, даваат во значителна мера морална слобода, со што ќе може од својот дом да се изгради духовна крепост.

Можно ли е да се даде одредник на концептот "татковство"? Во современото поимање за мажот како главен признак се смета раѓањето на детето. Но, таквиот исклучиво биолошки критериум се покажува како совршено незадоволителен. Мажот може да стане татко благодарение на посинувањето син или ќерка. Посинувачот може првокласно да ја исполни татковската обврска. Исто како што често мажите од кои се родиле деца во нашево време се покажуваат како несоодветни татковци.

За поточно определување на поимањето ""татковство" да се вратиме на Светото Писмо. Бог во зората на човечката историја создал живототворен сојуз кој ние го нарекуваме семејство. Господ на сите им посакува спасение, а тоа е возможно само тогаш кога човекот живее со Бога. Следствено, според замислата Божја предодреденоста на семејството – заедничка усилба за наследување на Божјите завети. Тоа е јасно истакнато во во зборовите на светиот апостол Петар: Така и вие, мажите, живејте со своите жени разумно, и почитувајте ги како послабо суштество, и како сонаследници на благодатниот живот, за да не се појави препрека во молитвите ваши (1Пет.3, 7). Во таинството на Бракот се благословува сопружничкиот сојуз во образот на духовниот сојуз на Христос со Црквата. Светите отци ги изложуваат мислите на Писмото за предодреденоста на бракот и изворното татковство:

"Вие, кому во овој живот честитиот брак ги поставил своите врски, помислите на тоа да внесете бројни плодови во живеалиштата небесни. " (светител Григориј Богослов)

"Мажот, станувајќи од постелата е должен да се погрижи само за тоа, како со своите дела и зборови да засади благочестие во својот дом; на соодветен начин и жената да се грижи околу домот, но освен таа обврска, таа е должна да има друга, далеку понеизоставна грижа за тоа како целото семејство да се потруди за Царството Небесно" (светител Јован Златоуст).

Отстапувањето од Божјата промисла за спасителниот семеен сојуз, неговото извртување и замена неизбежно доведуваат до пад, како на татковството, така и на мајчинството. Дегенерација на татковството јасно ја препознаваме во текот на сето Ново доба според мерата на брзото умртвување на општествениот живот. Достоевски во "Дневникот на писателот" во 1877 година напишал:
" Случајноста во современото руско семејство, според мене, се состои во губиток на секоја заедничка идеја кај современите татковци во односот кон своите семејства, заедничко за сите татковци, поврзувајќи ги помеѓу себе, во која самите би верувале и би ги научиле така да веруваат и своите деца, би им ја предале таа вера во животот. Самото присуство на таа заедничка, поврзувачка за општеството и за семејството идеја - веќе е принцип на поредокот, т.е на моралниот поредок ". Тој говори, според него, за современите татковци: "мрзелив однос кон реалноста млитави и мрзеливи татковци, егоисти". Какви се последиците? " Таквиот поредок, секако, раѓа безутешност, а безутешниоста уште посилно ќе ја произведе мрзеливоста, додека кај жестоките - цинична озлобена мрзеливост. Но има и сега многу не сосема мрзеливи, туку напротив, дури многу примерни татковци". Писателот пренесува искажување на еден таков "примерен" татко: "... најстрого забранив, вчера ненадејно влегувам во детската соба, и што да видам, можете да замислите, слушам: Лизочка ја става да спие во колевката, учејќи ја за Богородица и да се крсти: помилуј ги, вели, Господи, тато и мама... па најстрого й забранив! Се одлучив да земам англиска дадилка, да видиме дали е подобро? ".

- Дали Вие сте согласни со тоа дека во современото општество татковството е суштински дискриминирано во споредба со мајчинството, дека одговорноста за децата, наложена од општеството на жената, е совршено неспоредлива со одговорноста наложена на мажот? Жената која ги остава децата во незавидни околности, е подвргната на свирепи осуди, а мажот кој ги отфрла своите деца не предизвикува никаква осуда: " тоа се случува секој ден, така испаднало"... Во што се причините и какви се плодовите на ваквото пореметување?

- Ми се чини дека не се работи за дискриминација, туку за уште потажна појава – од татковците во целост е симната одговорноста за семејството, за децата. Тоа е – резултат кој ни излезе на пречек во последните дваесет години од духовно-моралната катастрофа. Во општествениот дискурс преку СМИ (средства за масивно информирање; заб. на прев.) и масовната псевдокултура се внедри слободниот однос кон половите врски. Добродетелите како девственост, целомудрие се дискредитираат. Терминот "граѓански брак" е искован како би се оправдал блудот. Во текот на моето свештенослужење многу години ја слушав изреката: "Мажот го оставил семејството и заминал кај друга жена".

За мајката е природна поголемата одговорност за децата. Тоа е сила која произлегува од особената природа на жената. Мајката е подлабоко поврзана со детето. Таа девет месеци го носела во својата утроба. Таа го храни детето со своето млеко. Нејзиното страдање за детето е посилно и подлабоко. Сето тоа наоѓа потврда во светата Библија. Господ му говори на народот Изрелев: Може ли жена да го заборави породот свој, а да не се смилува на чедото од утробата своја? А и кога би го заборавила, Јас тебе нема да те заборавам. (Ис. 49,15).

Сепак, треба да се признае дека во нашето доба опаѓа и мајчинството. Да, во општеството се зборува за одговорноста на мајката кон родените деца. А зошто тогаш е озаконето убиството на децата во утробата на жената? Па животот на човекот само што започнал. Според официјалните податоци (далеку од целосни) во Русија, од 1991 до 2011 година по пат на абортус мајките убиле 41 милион младенчиња.

- Современото семејство, по суштина, го одржува жената. После разводот, како правило (со крајно ретки исклучоци) останува со децата, т.е го запазува својот статус како мајка на семејството; мажот пак, станува своевидна " потрошна стока ". Не говори ли тоа дека тој веќе од поодамна се смета за нешто споредно:" А зошто тој всушност заминува"? Ќе се согласите ли со тоа дека постои таков брак (во смисла на – таква аномалија) која е веќе во самиот темел на современото семејство, во потсвеста на сопрузите, дури и кај потенцијалните идни сопрузи?

- Да, тоа е така, и тоа што Вие го кажавте го потврдува претходно кажаното од моја страна: во современата секуларизирана свест е симната одговорноста од сопругот за семејството, за децата.

- Зад изразот "нецелосно семејство" најчесто стои жената, свесно одбирајќи го мајчинството без татковство. "Не чекај неразбранувано море - раѓај"- премногу чест совет за девојка која ја достигнала "чувствителната возраст", но не наоѓајќи ја својата среќа. Татковството, на тој начин, се вулгаризира до степен на фабричко производство... Од друга страна, пак многу жени се среќни со своето "незаконито", но- сепак мајчинство...

- Огромното мнозинство жени, стапувајќи во брак, го одржуваат семејствата и сакаат да ги сочуваат. Тоа за што Вие говорите се однесува на не така млади жени кои што не можеле да влезат во брак. Зошто кај нив се јаува своевидна состојба слична на болест? Се работи за тоа дека стапувањето во брак стана комплицирано. Брзо расте бројот на луѓе во брачна возраст кои што не сакаат да создадат семејство. За време помеѓу двата пописа (1989-2002) за цели 40 % се зголеми бројот на луѓе кои никогаш не биле во бртак. Бројот на деца родени во Русија надвор од бракот сочинуваат речиси 30%. Најглавната причина за " женската самостојност", за која што Вие говорите, - е блуд, добивајќи карактер на морална епидемија. Секако, треба да се радуваме над раѓањето на детето и да го сметаме за полновреден човек. Важно е да го воспитуваме во вистининската вера, како би бил среќна и морално здрава личност. Како надополнување, би сакал да кажам дека овој проблем е далеку подлабок. Доколку оние жени кои раѓале надвор од бракот, во времето на својата младост не би си дозволувале блуд, а би ја запазиле девственоста до бракот, мнозинството од нив одамна би имале семејства. На такви жени им помага Бог.

- Сепак, мнозина од тие жени не воделе слободен живот, напротив, го чекале "тој вистинскиот" запазувајќи го целомудрието многу години, а кога започнале да ги ситнат триесеттите - ја загубиле надежта и се одлучиле на живот во конкубинат како жртва со единствена цел- да станат мајки. Зарем не би било премногу- уште и да се обвинат за гревот прељубодејание?

- Вашето прашање се однесува на тие кои што сакаат патем да донесат дете надвор од бракот како не би останале во осаменост. Тие во секој случај не ја задржале девственоста и си дозволиле себе си блуд. Не можам да противречам: има и такви жени кои што, како што вие говорите "ја загубиле надежта и се одлучиле на живот во конкубинат како жртва со единствена цел - да станат мајки". Но, колку се имено такви? Јас имам 71 година. Сум среќавал многу луѓе. Како свештеник служев безмалку 23 години служејќи во различни парохии. Сум имал долги беседи со жени постари од 30 години. Тие не стапиле во брак, но ниту на крајот на памет не им дошло да се оддадат на блуд за да имаат дете. Некои од нив, во согласност со христијанската традиција посиновувале деца и биле сосема задоволни со тоа. Други ме прашуваа:"Дали можам да одам во манастир?". Им одговарав дека во манстир не треба да се оди само затоа што немаат семејство, туку поради духовен подвиг. Без тоа на човека започнува да му тежи манастирскиот живот.

Во манастир на послушание одговарав на многу писма. Умееја да пристигнат од 900 до 2000 (различно во секој месец). Не беше мал бројот на писма од жени кои што живеат во т.н граѓански брак. Граѓанскиот брак е вистинска стапица за жените. Љубовникот ги лаже во текот на годините ветувајќи им венчавање. Потоа ги отфрла. Се сеќавам на едно писмо:"Имам 32 години. Ние девет години живеевме во граѓански брак. Тој сега си замина... " Тажно писмо. Девет години илузии и измами.

Постои една неизоставна вистина: Бог најнапред им помага на оние кои ги исполнуваат заповедите Божји. Светителот Јован Златоуст вака говори:" На целомудрието му содејствува благодатта на Духот... каде што е целомудрието таму пребива и Господ Исус Христос". Запазувајќи ја девственоста Господ й помага на девојката да создаде семејство таа искрено тоа го сака и за тоа се моли со сите сили.

- Денес многу се говори за загубената мажественост кај мажите, дури и за губиток на надворешните знаци на машкото однесување од нашиот живот. Го гледам тоа, за голема жал од ден на ден – во јавниот транспорт. Во тој простор - безволност, инфантилизам, неодговорност, себичност кај многу мажи. Мене на ми претставува никаква потешкотија да разговарам несреќни жени, мажи кои со години "не можат да најдат работа", а доколку нешто и некаде и подзаработуваат, сето тоа се троши на пиво. Во што се состои причината за ваквата појава - во оние непријатни околности за кои се обидов да ги прикажам во претходните прашања?

- Тука се јавува неопходност за повраток кон духовната страна на прашањето. Што е тоа мажественост? Грчкиот термин "тимос" на руски јазик се преведува како " мажественост " означува присуство на духот, сознание за сопствените внатрешни сили.

Мажественоста не се јавува во природата на мажот како припадност, т.е не се пренесува заедно со полот. Таа треба да се стекне, да се воспитува во себе. Господ Бог пред почетокот на освојувањето на Ветената земја му рекол на народниот вожд: Биди тврд и мажествен (НАВ. 1,6,7,9,18). Основата на вистинската мажественост се потпира врз непоколебливата надеж на Бога. Мажественоста е неопходна во духовниот живот. Светиот апостол Павле повикува: Бидете бодри, стојте во верата, бидете мажествени,*крепки (1 Кор.16,13). "Биди мажествен во секакви случаи, и самиот Бог ќе биде твојот учител во молитвата" (преподобен Јован Лествичник). Мажествен е оној кој ги победува страстите. Обземениот со нив нема мажественост. Тој е слабак и безволен. Поголемиот дел од современите мажи живее без вера. Тие се победени од соблазни и од страсти. Затоа тие се инфантилни, самољубиви и безволни и во нив нема мажественост.

- А што е со верните, православните мажи, православните семејства во целост – се издвојуваат ли од семејствата на невцрковените? Улога на главата на семејството, таткото, неговото значење во семејството, неговата улога врз децата - во тие семејства е поинаку? Или тие се поинакви само по должноста?

- Да, само доколку Православието во тие семејства не се смета за своевидна формалност. Старецот Пајсиј Светогорец вака вели: "Да се размислува православно е лесно, но затоа пак, да се живее православно е неопходен труд". Доколку сета атмосфера во семејството е проникната од духот на христијанството, доколку родителите се стремат да живеат според евангелските заповеди, тогаш таткото на тоа семејство ја исполнил својата предопределеност.

- На крајот, за Вашето сопствено татковско искуство. Што Ве научи татковството - што Вие сега можете да го споделите со другите татковци? Што е главно во Вашето искуство? Вие израснавте двајца свештеници - како Ви успеа? Направивте ли нешто особено или сето тоа произлезе само по себе?

- Со сето семејство се вцрковивме во Април 1984 година после 11 години од нашето сопружништво. Постариот син Павел имаше 10 години, а помладиот Александр, пет, додека пак Надежда имаше две и пол години.

Кога се свртевме кон христијанството, тоа го измени нашиот однос кон воспитувањето. Се појавија јасни принципи по кои ние започнавме да се раководиме. Не помалку важно се покажа сознанието за големата одговорност за моралното здравје на децата пред Бога. Заедно со мајка им, Елена се обидувавме во домот да има услови и атмосфера која би им помогнала на децата да ги научат верата и благочестието. Па христијанството не е само учење или систем на вредности. Тоа е – живот обновен и возроден од благодатта Божја.
Еден од најфункционалните средства за воспитување на децата секако е добриот пример од родителите. Тоа е - едноставен и воедно голем закон на педагогијата осветен од страна на Божествениот Учител. Спасителот им рекол на Своите ученици: Ви давам пример.......(?)

Своите деца ќе ги научат на благочестие оние родители коишто искрено ја живеат верата, оние за кои таа претставува главен нерв на животот. Доколку таткото и мајката живеат така, што за нив благочестието - е морален образ на животот, тогаш децата секако тоа ќе го научат. Децата добро ја чувствуваат искреноста и правдата.

Постојаната љубов на родителите кон децата ќе им ги наполни душите со спокојство и радост. Токму таа топла родителска љубов постепено ќе ги научи децата кон себе да ја достигнат љубовта на Небесниот Родител. Сета атмосфера во семејството мора да биде проникната од љубовта. Тогаш детето не само што чувствува туку и осознава дека во тој огромен студен свет таткото и мајката за него претставуваат најблиски луѓе на кои може да ја полага сета своја надеж.

Доколку таткото и мајката ја живеат верата тие се покажуваат способни да придодадат уште еден морален квалитет без кој не може да се смета на плодовите од воспитното делување – христијанската пожртвуваност. Таа ја претпочита одлучноста да се откаже од сè што би им попречило на децата да бидат духовно здрави. А еве од што ни претстои да се откажеме: белосветските весници и списанија во коишто има многу простаклук, а понекогаш и непристојност; радио и телевизор кои во домот донесуваат многу нечистотија и духовен јад и слични атрибути на современото општество кое живее недуховно. Нежните и исклучително восприемчиви души на децата се подвргнуваат на, за нив, претежок испит. Постојат поприлично коректни и точно спроведени јавни испитувања кои покажуваат колку силно се трауматизира сознанието и психата на детето, се покажува наклонетоста кон агресија и насилство кога децата не се заштитени од масовната псевдокултура и СМИ (телевизија, радио, списанија и слично). Децата израснати покрај телевизор е многу тешко да се научат на христијански добродетели. Тие се лишени од чистота.

Заедно со мајката се ослободивме од малиот телевизор кој ни го подарија роднините. Во нашето семејство ниокогаш немаше радио. За метрополитентски списанија и да не зборуваме. По некое време ја откажавме претплатата на "Юный натуралист" (заб.на прев.) Не се сеќавам колку време живеевме на тој начин. Во нашиот стан немаше пристап за светскиот ромор што живее без дух. Требаше да ги слушаме забелешките на роднините: " Ги лишувате децата од детството", " Како ќе пораснат не знаејќи го реалниот живот?". Не споревме, но условите дома не ги променивме.

Во тоа сèоткажување што нам ни се чинеше штетно и непотребно помина ненасилно и за нас и за децата. Нас сето тоа апсолтуно не нè интересираше, а ниту децата не беа нешто особено навлечени на тој тип на медиумска забава и никогаш не ни упатија прекор поради нивното отсуство од нашиот дом.

Се обидувавме да се држиме до правилата: родителите не смеат да се препираат, особено во присуство на децата. Тие се повикани јасно да разберат дека најголемата вредност во нивниот дом – е мирот. Неговото запазување претставува првенствена задача. Спорови помеѓу родителите, појава како меѓусебно непочитување, во присуство на децата, како киселина, го разјадува родителскиот авторитет.

Уште во едно нешто родителите се должни да покажат пожртвуваност. Тие се должни да ја остават навиката да внесуваат во домот празни разговори на политички или медиокритетски теми. Децата се заразуваат со тој дух на светот кој е туѓ на светлиот и радосен свет на верата. Од родителите се бара подвиг зошто сите ние учествуваме во една голема духовна битка. Целокупното многувековно искуство на христијанството одамна нè убедило дека човекот може да ги содржи плодовите на верата само тогаш кога благата вест за Царството Небесно ги восприема со сето свое битие.

Би сакал да кажам за уште едно правило во воспитувањето. Доколку детето нешто погрешило, не треба да се истрчува веднаш со негово поправање. Гневот, раздразливоста и дури и состојбата на неспокојство кои се неизбежни според човечката немоќ, не можат да донесат корист. Детето правејќи ја лошата постапка првенствено се наоѓа во состојба на огнено самооправдување. Кога ќе се смири, кај него започнува да работи совеста. Применувајќи казна по строги правила, ние само ја задоволуваме потребата да изразиме незадоволство и да се испразниме. Или пак ќе се обидеме, недостатокот на трпение во љубовта да го оправдаме прикажувајќи го како педагошка неопходност.

Самиот Бог и Господ го воспитува човекот усмерувајќи го на патот на спасението. Како би се исполнила Божјата педагогија на нашите деца, ние родителите сме должни да создадеме неопходни услови. Малите деца се особено восприемливи кон сè што е добро. Треба да ги научиме да се молат, да го љубат храмот Божји. Се препорачува прераскажување на Светото Писмо. Неопходно е, исто така, децата да се запознаат со најдобрите дела на класичната култура. Отец Серафим (Роуз) има напишано: " Човекот кој е добро воведен во најдобите текови на светската култура, која што во Русија речиси секогаш има определен религиозно христијански призвук, се здобива со далеку повеќе можности да води нормален плодотворен живот на православен христијанин, отколку оној, кој свртувајќи се кон Православието е запознаен само со современата популарна култура ".

Затоа треба да се покаже мудрост и трпение. Благодатта, која што децата ја добиваат преку Тајната Причест и во заедничката молитва во богослужењето, го дава тој духовен имунитет кој ги чува во сите врвулици на животот.

Моите синови самите посакаа да станат свештеници. Тоа дојде само по себе на крајот од учебната година. Ќерката заврши медицинско училиште за сестри на милосрдието, Св. Димитриј. По завршувањето на училиштето, таа работеше како медицинска сестра во одделот за операции. Сега воспитува три мали деца. Се надева да се врати на медицината кога децата малку ќе пододраснат.

Со Јов Гумеров разговараше Марина Бирјукова
извор: Православие. ru.
18.12.2013 година
Превел од руски јазик: Пантелеј Кондратјук
Рецензија отец Горан Тасевски



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

Видео содржини

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3136
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7613
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар

 

21/11/2024 - четврток

Св. Архистратиг Михаил и останатите Сили небесни и бестелесни; Свети Ангел Лерински;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на соборот на светиот Архангел Михаил 8 ноември / 21 ноември 2024

Тропар на соборот на светиот Архангел Михаил 8 ноември / 21 ноември 2024

Архистратизи на небесните воинства,ние недостојните постојано ве молиме:со вашите молитви заштитете нѐ,под покровот на крилјата на вашата славаневешествена, пазејќи нѐ...

Тропар на светите Христови Маченици Јерон и другите 33 Мелитински маченици 7 ноември / 20 ноември 2024

Тропар на светите Христови Маченици Јерон и другите 33 Мелитински маченици 7 ноември / 20 ноември 2024

Сила Ти даде на телото човеково, о, Господи, но верата во човека планина преместува, секое безумие го победува и кон...

Тропар на св. Павле патријарх Цариградски 6 ноември / 19 ноември 2024

Тропар на св. Павле патријарх Цариградски 6 ноември / 19 ноември 2024

Со исповедувањето на Божествената вера,Црквата те покажа како втор Павле,ревнител меѓу свештениците:со тебе повикува и Авел кон Господа,

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная