СТАРЕЦ ЈОСИФ (дел од житието)
Еден ден пред да се упокои - 14 Август 1959 - намина да го види господин Схинас од Волис со кој што беа пријатели.
- Како си Старче. му вели, како е вашето здравје?
- Утре, Сотир, ќе заминам кон вечната татковина . Кога ќе ги слушнеш камбаните, сети се на моите зборови.
Вечерта на бдението, по повод Успението на Пресвета Богородица, Старецот, колку што му дозволуваа силите, пееше заедно со отците. На Божествената Литургија, во мигот кога се причестуваше со Пречистите Тајни рече:
„ЗА ПОПАТНИНА КОН ЖИВОТОТ ВЕЧЕН“.
Осамна 15 август. Старецот седеше на своето маченичко столче во дворот на нашето тихувалиште.
Го чекаше часот и мигот. Беше сигурен во откровението што го доби од Богородица, но, гледајќи како времето минува и како сонцето се издига, го обземаше нешто како жал, како агонија, заради доцнењето.
Тоа беше последната посета на лукавиот. Ме повика и ми рече:
„Чедо мое, зошто Бог доцни?
Сонцето се искачи на небото, а јас сум сеуште овде!“
Гледајќи го мојот Старец разжалостен и обеспокоен, храбро му реков:
Старче, не жалостете се, еве ние сега ќе се помолиме и ќе заминете“.
Неговите солзи престанаа да течат. Отците, секој со својата бројаница в раце, ја засилија молитвата. Не поминаа петнаесет минути, тој ми рече:
„Повикај ги Отците да земат благослов, бидејќи си заминувам“.
Ја положивме и последната метанија.
Малку потоа ги подигна очите високо и гледаше толку упорно, две минути.
Потоа се сврте кон нас и со целосна будност и неискажлива душевна зачуденост ни рече:
„Се заврши, си одам, си заминувам...благословете!“
По овие последни зборови ја заврте глават на десно, ги отвори и ги затвори два - три пати очите и устата...и тоа беше се.
Ја предаде својата душа во рацете на Оној по Кој што копнееше и Кому му служеше уште од својата младост.
Верно, СВЕТА СМРТ!
Нам ни пренесе воскресно чувство Пред нас имаше мртовец и ни прилегаше плач, но сепак, внатре во нас живеевме воскресение.
Ова чувство не го изгубивме никогаш ! Дури и сеќавањето на блажено упокоениот свет старец е сврзано со емоциите тогаш....
Старец Јосиф - ИСИХАИСТИЧКИ СВЕДОШТВА
Едиција - СВЕТОГОРЦИ
Библиотека:СЛОВО ОД ВОДОЧА
превод од грчки Митрополит господин Наум
1999
Подготвил: Мина Даниловска