Преподобен Јустин Поповиќ
Материјата во човековото тело, без сомнение, е претставена на најзагадочен, најтаинствен и најсложен начин. Мозок!? Какви чидесни тајни се извршуваат меѓу неговата материја и душата! Колку и да се обидуваат луѓето, нема да можат да ги разберат тие тајни. Само мал дел од нив му се достапни на човековото сетилно–разумско спознание. Исто е и со срцето човеково – сето е исткаено од небо-земни тајни. Така е исткаена и секоја клетка во човечкото тело, и секоја молекула, дури и секој атом. Сè се движи по својот таинствен пат кон Бога, кон Богочовекот. Зашто, материјата е создадена од Бога Логосот, и со самото тоа таа е богоцентрична. Со своето доаѓање во нашиот земен свет и со своето севкупно богочовечко домостроителство за спасение на светот, Господ Исус Хрстоис покажал дека не само душата, туку и материјата е создадена од Бога и за Бога; покажал дека постои Богочовек. Зашто, создадената материја од Бога Логосот со сиот свој внатрешен нерв е – богостремежна и христоцентрична.
Очигледен доказ за тоа е што Бог Словото станал тело, се вочовечил (Јован 1:14). Со самото тоа материјата била удостоена со божествено величие и влегла во благодатно-добродетелен подвиг на боговочовечување, на охристовување. Бог станал плот, се вочовечил, за да, станувајќи човек, сето тело го прими во себе Бога и се исполни со Негови чудотворни сили. Со Богочовекот Господ Христос, со Неговото тело, сета материја се упатила по Христовиот пат: пат на боговочовечување, преобразување, осветување, воскресение, вознесение кон надхерувимска слава и вечност. И сето тоа се случува преку богочовечкото тело на Црквата, која е Богочовек Христос во целосна полнота на својата богочовечка личност, полнота којашто „исполнува сè во сè“ (Ефесјаните 1:23). Со тој свој богочовечки живот во Црквата, телото како материја, како твар се осветува од Светиот Дух и со самото тоа се утројчува од Пресветата Троица. Така материјата ја достигнува својата највисока божествена смисла и цел, своето вечно блаженство и својата богочовечка бесмртна радост.
Светоста на светиите, светоста на нивните души и на нивните тела, како свој извор го има ревносниот благодатно-добродетелен живот во богочовечкото тело на Црквата Христова. Така, светоста ја опфаќа сета севкупност на човековата личност: сета душа и сето тело, сè што влегува во таинственото устројство на човековото битие. Светоста на светиите не се состои само во светоста на нивната душа, туку неминовно се распростира и на нивното тело – во светиите, свети се и душата и телото. И ние благочестиво ги почитуваме светиите, ја почитуваме нивната севкупна личност, не разделувајќи ја притоа на света душа и на свето тело. Оттука и побожното почитување на моштите на светиите – природен составен дел на побожното почитување и молитвено повикување на светиите. Сето тоа останува единствен неделив подвиг, како што и телото и душата остануваат единствена неделива личност на светиот. Во текот на својот земен живот, светиот со постојано и хармонично благодатно-добродетелно содејство на душата и телото ја постигнува светоста на својата личност, ги исполнува со благодатта на Светиот Дух и душата и телото, и така ги претвора во сад со свети тајни и со свети добродетели. Затоа е сосема природно да се оддава побожно почитување и на едниот и на другиот сад исполнети со Божја благодат. Зашто, благодатната Христова сила проникнува и ги исполнува со благодат и сите други составни делови на човековата личност, и сета личност како целина. Со постојани евангелски подвизи светите постојано се исполнуваат со Светиот Дух, така што и нивните свети тела стануваат храм на Светиот Дух (1 Коринтјаните 6:19; 3:7). Вселувајќи го со вера Христос во своето срце, со дејствена љубов и со исполнување на заповедите – Бога Отецот, и утврдувајќи се со благодатни подвизи во Светиот Дух, светите се утројчуваат, стануваат пребивалиште на Пресвета Троица, храм на живиот Бог, и сиот нивен живот протекува – од Отецот, преку Синот во Светиот Дух. Почитувајќи ги светите мошти на светиите, Црквата ги почитува храмовите на Светиот Дух, храмовите на живиот Бог, во кои Бог живее со својата благодат и по телесната смрт на светиот, и според свое премудро благоволение, твори чуда – од нив и преку нив. И тие чуда, коишто се случуваат преку светите мошти, сведочат дека нивно побожно почитување од страна на луѓето му е угодно на Бога.
Подготви: д-р Драган Михајловиќ
Посети: {moshits}