Живееме во еден свет во кој владее антикрсниот дух. Во еден свет кој себељубиво како свој идеал ги има, без етика, задоволувањето на страстите, благоденствието, комфорот, кои ја поставуваат слободата не во жртвата и љубовта, т.е. во Крстот, туку во егоизмот.
“На 11 Јули, 6:45 часот на 307 - от километар од патот Атина - Солун, надвор од Аерино Магнисиас, една сообраќајна несреќа го трогна народот во Алмопија Пелис и ја потопи во жалост малата Пиперја. Трагична личност е 27 годишниот сопруг и татко Пасоис Статис. Сам и беспомошен и повреден ги извлече од кршот на автомобилот својата 23 годишна сопруга Елени, веќе мртвото 14 месечно негово ангелче, Николина со нејзината 3 годишна ќеркичка, соочувајќи се со индиферентноста на минувачите. Несреќниот млад човек застана на средина од патот со раширени раце молејќи да застане некој човек за да ги пренесе повредените во болница. Меѓутоа изгледа дека во нашата земја не постојат веќе луѓе” (, 29 - 7 - 1989).
Овој свет не сака да чуе за воздржание, за власт над страстите, за жртва, за пост, за аскеза. Во длабочина се одрекува од Крстот и така не може да совоскресне со Христа. Останува во трулежноста, во смртта, во празнотија, во досада, во униние, во безизлез. Се забавува, но не се радува.
Успешно забележува о. Димитриј Дутко во неговата книга “Нашата надеж”: “Да обрнеме внимание дека некогаш, и покрај нашата вера во Христа, се обидуваме дури и патот за Царството Божјо да го правиме комфорен! Светот со неговите добра и со неговиот технички напредок нé спопалаве. И ако понекогаш зборуваат за труд и страдања, одеднаш го превртуваат и велат: Христијанството е радост. Сé треба да биде радост! Меѓутоа радоста не доаѓа така. Радоста не се купува. Не се купува со пари. Радоста на христијанинот се купува со труд и страдања. Но средства за купување нема! За да се спаси човекот, нашиот Господ се искачи на Крстот. Доброволно. И се распна. И умре. Потоа воскресна. Потоа дојде радоста. Кој сака да оди по Мене, нека се одрече од себе и нека го земе крстот свој и нека Ме следи, рече Христос. Неопходно е да го подигнеме нашиот крст. Тој кој што без крст оди по Христа, не е достоен за Христа. Недостоен е. Тоа ни го рече Христос. И ни го кажа тоа јасно. Рече: не е достоен за Мене. Тоа значи: неговата вера и неговата љубов за Христа не се чисти; не вредат ништо.
Крстот нé плаши. И тоа е природно, затоа што нé разори комфорот. Трудот за нас е нешто страшно. Меѓутоа трудот не е страшен. Комфорот е страшен. Тој би требало да не плаши. И навистина, сите современи зла за свој извор го имаат комфорот во животот. Трудот, страдањата, крстот, - рече Христос - е нешто добро. И така Неговиот товар станува лесен”.
Овој свет кој го отфрла Крстот Христов е должен денес да со соочи со најмачните и страшни бичови, што се последици на неговиот антикрсен од, на неговото себељубие: Сидата, наркотиците, страшната еколошка катастрофа.
А решението не се наоѓа таму каде што се поставува, т.е. во тоа да се преземат одредени заштитни мерки. Полезни се и тие, но недоволни. Најдлабокото решение е едно: покајанието (преумувањето). Тоа покајание кое ја спаси Ниневија од катастрофата.
Јудејците бараа “знак” од Христа. А Христос им рече дека ќе им се даде знакот на пророкот Јона, т.е. смртта, погребението и Неговото воскресение (Мат. 12, 39). Тоа е и денес знакот за решавањето на нашиот безизлез и на катастрофата што доаѓа. Изборот на крсниот начин на живот како единствен вистински начин на живот.
Еден Западен Отец од светоотечката епоха, св. Августин, рекол: “Познавам три крста: Еден крст што спасува. Тоа е крстот Христов. Еден крст, преку когошто се спасува човекот. Тоа е крстот на добриот разбојник, на распнатиот оддесно на Христа. Познавам и еден трет крст кој те прави да ја загубиш вечноста. Тоа е крстот на лево од Христа распнатиот разбојник. Образците на овие двајца луѓе, на двајцата разбојници, се претставници на целото човештво. Крстот на разбојникот од десната страна го зема во себе, го зема над себе Христовиот крст и се спасува. Крстот на разбојникот од левата страна го претставува оној дел од луѓето кои не го прифаќаат Христовиот крст и загинуваат. Меѓутоа општо не можеме да го избегнеме крстот на ниеден начин”.
Христијаните кои живеат во овој антикрсен свет треба многу да се борат за да не бидат вовлечени од материјалистичкиот и антикрсен дух. Секој момент треба да избираат помеѓу двата начини на живот: Крсниот во Христа живот и световниот антикрсен живот, т.е. помеѓу крсната љубов и антикрсниот егоизам.
Со љубовта се сораспнуваме со Христа, додека со егоизмот Го распнуваме Христа и стануваме непријатели на Христовиот Крст. За старите и современите распнувачи на Христа вели Апостолот Павле: “Оти мнозина, за кои често сум ви зборувал, а сега дури и со солзи говорам, постапуваат како непријатели на крстот Христов; нивниот крај е погибел, нивниот бог - стомакот, а славата - во нивниот срам; тие мислат за земните работи” (Фил. 3, 18 - 19).
Ѓаволот се обидува да ги исплаши Христијаните дека, ако го изберат крсниот живот, нема да непредуваат, нема да господарат (со крстот во раката не напредуваш), ќе станат жртви на искористувањата од страна на другите, и им советува да да ги искористуваат другите за да не ги искористуваат нив другите.
Така од маловерие ја пренебрегнуваат Благодатта, силата и заштитата Божја за сите коишто ги пазат Неговите заповеди. И уште имаат да се соочат со искушенија од луето на нивното опкружување коишто им го повторуваат она што Му го кажувале распнувачите Христови на Христа: “Ако Си Син Божји, слези од Крстот” (Мат. 27, 40).
Евреите Го барале Исуса Христа Месијата, но без крст. И денес световните луѓе сакаат да направат еден земен рај без Крст. Не повикуваат и нас Христијаните да го оставиме крсниот начин на живот. Колку ли реакции од опкружувањето имаат благочестивите родители кои усвојувајќи го крсниот дух стануваат многудетни? Колку искушенија имаат младите кои сакаат да живеат со благочестивост и чистота?
Ако Антихристот војува против Христа, тоа го прави бидејќи Христос е распнат и затоа воскреснат. Тој, Антихристот, како лажен месија и лажен пророк, им ветува на луѓето земен рај, искупување и спасение без крст. Меѓутоа како може да постои рај без љубов, а како може да постои вистинска љубов без распнувањето на егоизмот? Револуцијата против егоизмот е најрадикалната револуција во светот во кој без неа не може да се случи никаква промена на подобро. Карактеристично е толкувањето што му е дадено на бројот на Антихристот 666, што на грчки се пишува ςς - Христос туѓ на Крстот). Значи, еден Христос, т.е. Месија, без Крст е Антихристот и сите претечи на Антихристот.
* * *
Да ја побараме денес благодатта од Распнатиот и Воскреснатиот Господ, за да не бидеме вовлечени од Антихристот. Да не ги одречуваме Неговиот Крст и нашиот крст, љубовта, духот на жртвата и принесувањето, смирението, трпението во страдањата, воздржанието, аскезата.
Особено во моментите кога егоизмот настојува да не овлада да се впериме кон Распнатиот, како што и отруените Евреи во пустината правеле со бакарната змија.
Да ја распнеме на Неговиот Крст секоја наша егоистичка желба, секоја гревовна плотска страст, секое наше непослушание, секоја наша злоба и злопамтивост, секое наше нетрпение, секој наш гнев и лутина, секое наше маловерие.
А ако од човечка слабост и негрижа паднеме и делуваме антикрсно, да се покаеме и преку покајанието да се вратиме во крсниот живот.
Да ја побараме за тоа и помошта на нашата Пресвета Богородица, која не само што не Го одврати својот Единороден Син од Крстот, туку и самата живееше крсно, и расудливо Му помагаше на нејзиниот Син во подигањето на Неговиот крст. Сега ни помага и нам во подигањето на нашиот сопствен крст, крст што води во Воскресение. Нашата Црква со премудрост не тајнововедува во крсновоскресенскиот живот. Во нашата крсновоскресенска Црква и ние стануваме крсновоскресни Христијани.
Хорот на Светите на нашата Црква е хор на распнати и воскреснати, на сораспнати и совоскреснати со Христа, коишто оклу Закланиот Агнец на чело со Пресветата Богородица ја пеат новата песна. Тоа е вечната Пасха.
На таа Пасха нé повикува сите нас Христос преку Неговиот Крст.
Извадок од најновата книга на Премин доо:
АРХИМАНДРИТ ГЕОРГИЈ КАПСАНИС ,ИГУМЕН НА МАНАСТИРОТ “ПРЕПОДОБЕН ГРИГОРИЈ” - СВЕТА ГОРА
КРСТОТ ХРИСТОВ И НЕГОВОТО ЗНАЧЕЊЕ ВО НАШИОТ ЖИВОТ & ГОСПОДОВАТА МОЛИТВАСкопје, 2008
Посети: {moshits}